Потпретседателот Чејни, без разузнавачки контекст, во август 2002 година, рекол дека Садам Хусеин повторно ќе ја покрене ирачката нуклеарна програма и дека во рок од една година ќе развие нуклеарно вооружување. Тоа не беше точно, но овие гласини се овеќе почнаа да се појавуваат во политичките говори на претседателот
БИСЕРКА ФАБРИО
Откако во 2001 година дојде на власт владата на Џорџ Буш, ЦИА ја предупредувала дека терористичката организација Ал Каеда претставува голема опасност, тврди Тенет во својата биографска исповед, но американските конзервативни јастреби упорно сакале да го префрлат фокусот врз Ирак. Така, тврди Тенет, потпретседателот Дик Чејни, без никаков разузнавачки контекст, во август 2002 година, рекол дека Садам Хусеин повторно ќе ја покрене ирачката нуклеарна програма и дека во рок од една година ќе развие нуклеарно вооружување. Тоа не беше точно, но овие гласини с` повеќе почнаа да се појавуваат во политичките говори на претседателот. Одеднаш, ирачката нуклеарна програма стана политички фактор. Тенет не сакаше често да ја оспорува. И без тоа вашингтонските политичари не го ценеа премногу неговото мислење, особено откако се покажа дека големиот разузнавачки апарат, богато финансиран од државниот буџет, не бил во состојба да ја запре најголемата катастрофа на американска територија по ударот на Перл Харбур – терористичкиот напад на 11 септември.
ПОПУСТИ ПРЕДУПРЕДУВАЊА Утрото на 11 септември 2001 година Џорџ Тенет појадувал во ресторан во близината на Белата куќа. Штом ги добил информациите, вели дека знаел дека станува збор за неговиот стар саудиски непријател.
„Бин Ладен е мој стар непријател. Со години, следам с` што работи. Веднаш знаев дека е тој мастермејн на акцијата“, вели Тенет. Во седиштето на ЦИА, додека пристигнуваа информациите за уривањето на авионите, Тенет ја добивал листата на патниците во нив. Меѓу нив биле и двајца Арапи за кои ЦИА и порано се сомневала дека се поврзани со терористи, но не ги следела, ниту ги прислушкувала ниту, пак, детално ги обработувала. Тој пропуст се покажа како фатален.
„Како да се опише тој ден? Ја проживеав смртта на три илјади луѓе. Навистина ја проживеав. Тоа не беше некаква техничка вежба… Не сакав да слушам како сме идиоти кои од шумата не го виделе стеблото. Не можев да слушам како ние не ја сакаме својата земја, затоа што допуштивме да се случи вакво нешто. Сите тие комисии кои истражуваа што се случило на 11 септември, сите тие одбори… никогаш толку длабоко не го проживеаја она што ние во Агенцијата го проживеавме тој ден. За нас се пишуваше како да сме идиоти и како да не сме биле способни да ја разбереме заканата. А тоа воопшто не беше точно“, тврди Тенет. Напротив, според неговите мемоари ЦИА и нејзините разузнавачи предупредувале дека Ал Каеда ќе удри, но функционерите на Пентагон и Кондолиза Рајс како и Дик Чејни во Белата куќа тие разузнавачки анализи воопшто не ги сфаќаа сериозно. Ним им било здодевно секојдневно да ги читаат белешките на ЦИА и концентрирано да ги следат брифинзите на кои разузнавачите ги изнесуваа сознанијата од теренот.
ЖРТВЕНО ЈАГНЕ „Американскиот народ заслужува да знае што се случило, всушност. Цел живот ме учат дека секогаш мора да ја говориме вистината, дури и кога знаеме дека таа не е најдоброто што можеме да го слушнеме во одреден момент. Ете, тоа е прекрасната работа на оваа американска влада; разузнавачите се единствени кои навистина станаа и ја говореа вистината. Јас веднаш реков дека некои терористи од грабнатите авиони биле на нашите црни листи. Не го криев тоа, не се обидував вината да ја префрлам на некој друг. Никој никогаш нема да знае како се чувствував на 11 септември. Можам само да повторам дека секое од трите илјади умирања тој ден, го преживував навистина длабоко – рече Тенет во своето прво телевизиско интервју по објавувањето на книгата. Во емисијата „60 минути“ ги бранел своите ставови мошне доследно. Никого не го обвини, но јасно можеше да се насети дека е тој жртвеното јагне на вашингтонските сплеткарења.
„Ние, Грците, по природа сме параноични. Онака, човечки, не се чувствував добро кога во сите весници го видов моето име наведено како име на главен виновник за војната во Ирак… Сметам дека одењето на нашите трупи во Ирак е национална трагедија, а дека на мојата разузнавачка кариера и дошол крајот, сфатив кога ги видов вашингтонските аналитичари кои го спомнуваат моето име и ме обвинуваат дека го покренав одењето во Ирак. Знам дека тоа ми е наместено. Но, навистина почнаа да претеруваат; Дик Чејни во секоја средба со новинарите повторуваше дека за војната во Ирак, од пресудно значење била мојата процена, и тоа го повторуваше пет години. Станав централна фигура на политичките препукувања; републиканците велат – ете, тој е идиот поради кој отидовме во војна. Мислам дека е време конечно да се дознае вистината и моите неименувани противници да престанат да ми подметнуваат“, вели Тенет. Меѓутоа, изборот е многу стеснет – деталите од затворените состаноци можеа да ги откријат само неговите соработници; а тоа беа претседателот Буш и неговите луѓе од доверба – Конди Рајс, Дик Чејни и заповедникот на главниот стожер, Ендрју Кард. Што, всушност, Тенет му говорел на претседателот Буш?
(продолжува во следниот број)