Непостоечка фирма преку фалсификати добила 90 тендери, најмногу од јавни институции, антикорупционерите на нозе
Непостоечка фирма во Скопје, со фалсификувани ИСО сертификати, потписи, конкурирала и во периодот од 2018 до 2022 година има добиено најверојатно околу 90 тендери за монтажа и сервисирање лифтови, главно од јавни институции, кои давале буџетски средства. Ова е предмет што на денешната седница го образложи Владимир Георгиев, член на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) од каде ќе биде доставена иницијатива за кривично гонење во Основното јавно обвинителство во Скопје, како и предупредување известување до Владата, на седница да ги известат сите надлежни органи во постапките за лифтови доколку се појави таа фирма.
Од ДКСК нагласуваат дека не смеат да го објават името на фирмата, но изразуваат надеж дека за овој случај ЈО ќе постапи експресно. Оваа фирма била поврзана уште со две други фирми од Скопје, кои работат исто така на монтажа, сервисирање и одржување лифтови, од причина што управителот на оваа фирма е вистински сопственик на овие два други трговски субјекта.
Како што појасни Георгиев предметот во ДКСК е по пријава за наводи за сомнежи за користење фалсификувани ИСО сертификати од стана на фирма за сервисирање, ремонт и монтирање лифтови, со цел да се добие тендер во ЈЗУ Општа Градска болница во Скопје.
Според Софка Пејовска Дојчиновска, член на ДКСК се работи за класичен криминал и делување и доколку овие субјекти дејствувале подолг временски период ќе се открие дека тие работеле не само кај јавни јавни субјекти, туку сигурно во станбени згради. Таа укажа дека таа група која функционирала ја знаела слабоста на актуелниот Закон. „Замислете која е опасноста, со лажни сертификати за лифтови, животи се во прашање“, потенцира таа.
Катица Николовска, член на ДКСК, е загрижена од фактот што конечни корисници се државните институции и има дилема на кој начин Антикорупција може да ја запре оваа фирма да учествува во јавни набавки со цел да не предизвикува натамошна штета и да се случи нешто со несакани последици.
Георгиев појасни дека Градската Општа болница објавила тендер, а Комисијата за јавни набавки во болницата ја проверила валидноста на ИСО сертификатите кај самиот издавач на сертификатите – фирма од Хрватска, од каде добиле одговор дека сертификатите се фалсификувани. Комисијата не ја прифатила понудата од наведената фирма, а непостоечката фирма вложила жалба до државната комисија за жалби по јавни набавки, од каде е одбиена како неоснована.
„Во електронската кореспонденција може да се констатира дека фалсификувањето на овие ИСО сертификати е направено така што физичко лице од земјава претставувајќи се како главен управител на фирма застапник на фирмата за сертифицирање од Хрватска, од свој домејн во врска со објавениот тендер, до електронските пошти до економскиот оператор што ги поднел фалсификуваните сертификати и до Комисијата за јавни набавки, доставил лажна информација дека овој непостоечеки трговски субјект е официјален застапник на хрватската фирма за сертифицирање. Овој трговски субјект нема евиденција во Централниот регистар во Република Северна Македонија. Ги прикачил лажните сертификати, како и фалсификувана потврда, за извршена сертификација од хрватската фирма, како и фалсификуван потпис од лице од Хрватска во својство на директор на фирмата за сертифицирање“, појаснува Георгиев.
Меѓу другите информации и контакти остварени од страна на Антикорупција, Георгиев остварил контакт и со директорот на хрватската фирма овластена за сертификати, од каде било потврдено дека сите ИСО сертификати кои биле користени при учеството на тендерот објавен од Општата Градска болница, се фалсификувани. Бил наведен и податок дека и други субјекти се пожалиле од таа фирма за акредитација од Хрватска оти такви сертификати буле повеќекратно употребувани од оваа фирма од нашата држава.
Во текот на работата, истакна Георгиев, постои системска слабост во системот за јавни набавки односно Комисијата за јавни набавки кај кој било државен орган нема обврска да ја проверува автентичноста односон валидноста на ИСО сертификатите. Тој смета дека токму оваа слабост била искористена од страна на оваа фирма.
На новинарско прашање како можело да се дозволи компанија што нема лиценца, односно со фалсификувани сертификати, да добие тендери за одржување на лифтови што чинат толкави суми, премиерот Димитар Ковачевски одговори дека го поттикнува Јавното обвинителството и сите надлежни институции веднаш да го испитаат тој случај.
– Доколку се работи за вистинити наводи во медиумите, да се постапи кон санкционирање на тие што тоа го сториле. Не знам точно кои институции имаат договори со тие фирми или фирма. Меѓутоа, тие договори нормално треба да бидат прекинати. Сторителите, доколку е точно, не знам дали е точно, Обвинителството тоа треба да го испита, да бидат најстрого санкционирани, бидејќи се работи за системи што значат многу во безбедноста на граѓаните, изјави Ковачевски по денешната заедничка обиколка со министерот за животна средина и просторно планирање, Насер Нуредини и шефот на Делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир на локацијата во кругот на „ОХИС“, каде завршуваат подготвителните активности за отпочнување на процесот на чистење на малата депонија со линдан и неговите изомери..