„Синохидро“ успеа да победи и на тендерската постапка за довршување на изградбата на секцијата меѓу Фариш и Дреново од новиот експресен пат Градско – Прилеп на паневропскиот Коридор 10
Втората причина е доцнење на Изведувачот со градежните работи и моменталниот статус на реализација изнесува 83%. На Изведувачот ќе му бидат дадени 3 месеци како финален рок за завршување на градбата, откако ќе биде решена експропријацијата на парцелата, се наведува во одговорот на Јавното претпријатие за државни патишта што беше доставен до Мета.мк во однос на овој инфраструктурен проект.
Кинески „Синохидро“ успеа да победи и на тендерската постапка за довршување на изградбата на секцијата меѓу Фариш и Дреново од новиот експресен пат Градско – Прилеп на паневропскиот Коридор 10. И овој инфраструктурен зафат се финансира со заем од Европската банка за обнова и развој, со буџет во висина од 31,8 милиони евра, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.
Тендерот за доградба на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп беше објавен на почетокот од септември 2020 година, при што до крајниот рок на тендерот пристигнале две понуди, а кинеската компанија „Синохидро“ била избрана поради најниската цена за изведување на градежните работи што ја доставила во понудата.
„Синохидро“ е воведен во работа на 9.06.2021 година, рокот на изградба е 730 дена, а вредноста на договорот со кинеската компанија изнесува 2.065.129.316 македонски денари, или над 33,5 милиони евра
Реализацијата на проектот е 20%. Се работи на левата цевка на тунелот која е веќе пробиена и на земјани работи, а паралелно отпочнато е со работа на десната цевка на тунелот, појаснуваат од Јавното претпријатие за државни патишта за моменталната изведба на овој експресен пат.
Како што обемот на работа на кинеската компанија се зголемува на македонскиот пазар, така расте и нивната добивка од работењето. Според најновата анализа што ја објави финансискиот магазин „ПАРИ“ на 17 јуни годинава, скопската подружница на кинеската компанија „Синохидро“ во 2021 година остварила добивка од 7 милиони евра. Една година претходно, во 2020 година „Синохидро корпорејшн лимитед – Пекинг, подружница Скопје“ била во загуба од 19 милиони евра, додека во 2019 година пред ковид-пандемијата остварила добивка од 24 милиони евра.
Обвинението за кинеските автопати поднесено во 2017 година, судењето трае…
За изградбата на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип, поранешното Специјално јавно обвинителство покрена обвинение во случајот „Траекторија“ на 30 јуни 2017 година, а обвинението беше одобрено од судот на 1 ноември 2017 година. Судот го закажа првото рочиште во судскиот процес за 6 декември 2017 година. Сепак, судскиот процес за случајот „Траекторија“ беше вратен назад по неколку години судење, откако Судскиот совет на РСМ на почетокот од јули 2021 година го разреши судијата Горан Бошевски, којшто го водеше овој судски процес за висока корупција. Поради ова, судењето се врати од почеток.
За изградбата на автопатите беа обвинети поранешниот премиер Никола Груевски, заедно со членовите од тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ – вицепремиерот Владимир Пешевски, министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески и поранешниот директор на Јавното претпријатие за државни патишта Љупчо Георгиевски, кои се товарат дека го оштетиле државниот буџет за над 155 милиони евра.
Додека обвинението се наоѓаше во првичната судска постапка, во ноември 2019 година дојде до апсолутна застареност за кривично гонење на поранешниот премиер Никола Груевски. Во случајот „Траекторија“, Груевски беше обвинет за кривичното дело „Примање награда за незаконито влијание“ (член 359, став 2 од Кривичниот законик), односно за договарање провизии со кинеската компанија „Синохидро“ која беше изведувач на работите.
(продолжува)