БОЈАН БЛАЖЕВСКИ
Северна Македонија зеде кредит од кинеската Ексим банка за изградба на автопатите Кичево – Охрид и Миладиновци – Штип, при што во моментов скапо ги враќа ратите од кредитот поради рекордното зајакнување на американскиот долар во однос на македонскиот денар
Во меѓувреме, по повеќе од осум години и шест месеци од почетокот на градежните работи, автопатот Кичево – Охрид не е довршен и пуштен во употреба. Сепак, кинеската државна компанија Синохидро откако беше избрана за изведувач на двата автопати се реши да стане конкуренција во македонскиот градежен сектор и досега има добиено два нови проекта – изградбата на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани и довршување на првата фаза од експресниот пат Градско – Прилеп
Автопатот Кичево – Охрид долг 57 километри започна да се гради во февруари 2014 година и досега има две пробивања на зададените рокови за неговото завршување, пишува Мета.мк. Лажните ветувања на политичарите во врска со датумот за пуштање во употреба започнаа со владата на поранешниот премиер Никола Груевски, која што вети дека автопатот ќе го заврши во рок од четири години, а за неговата изградба беше ангажирана кинеската компанија „Синохидро“. Првичниот рок во пролетта 2018 година беше одложен со анекс на договор со нов датум на завршување – 30 јуни 2021 година, но и овој рок беше пробиен.
По осум и пол години поминати во изведба со променливо темпо, од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) за Мета.мк велат дека е потпишан петти анекс кон договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид, со краен рок за завршување на работите – 31 декември 2023 година.
Јавното претпријатие за државни патишта очекува овој рок да биде запазен. До овој момент пробиени се околу 95% од трасата, најголемиот дел од инфраструктурните проекти веќе се одобрени и изградбата се одвива тековно. Процентот на реализација изнесува 70,40%, информираат од ова јавно претпријатие.
Инаку во пролетта 2018 година, владата предводена од екс-премиерот Зоран Заев соопшти дека неопходно е продолжување на рокот за доизградба поради неусогласеност на проектната документација со реалните услови на теренот, но и поради фактот што некои инфраструктурни објекти, како што се деветте клучки, не биле воопшто планирани со првичниот проект. Во ноември 2019 година, за довршување на автопатот беше подигнат дополнителен кредит од кинеската Ексим банка во висина од 180 милиони долари.
Вториот автопат којшто се гради со кинески средства во Северна Македонија беше пуштен во употреба на почетокот од јуни 2019 година. Делницата долга 47 километри меѓу Миладиновци и Штип на истокот на земјата повеќе од три години се возеше бесплатно, а двете наплатни станици за плаќање на патарина беа отворени дури на 18 јули 2022 година.
Од денешна перспектива, Државниот завод за ревизија (ДЗР) упатува серија на критики во однос на реализацијата на автопатот Кичево-Охрид во Конечниот извештај за извршена ревизија за успешност “Задолжување на субјекти од јавен сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и створени трошоци”.
Државните ревизори во Извештајот посочуваат дека и со најновиот, петти анекс кон договорот за изградба на автопатот Кичево-Охрид и утврдениот рок за завршување на 31 декември 2023 година, постои висок ризик од неисполнување на преземените обврски и дополнителни отштетни побарувања, дополнителни трошоци по заемот и пролонгиран рок.
Поради ова постои голема неизвесност за отштетни побарувања, зголемување на трошоците на договорот за заем поради застој во изградбата за камати кои се плаќаат на повлечените средства и провизија на неповлечените средства, се наведува во Конечниот извештај на ревизорите.
Исто така, ревизијата обрнува внимание дека за имплементација на овој проект како и за економично користење на средствата потребно е координирано дејствување на повеќе државни институции, со цел исполнување на обврските од страна Јавното претпријатие за државни патишта во улога на инвеститор.
(продолжува)