Државниот завод за ревизија во Извештајот наведува серија на критики во однос на изградбата на оваа автопатска делница, и тоа: градба на aвтопат во должина од 57 километри по застарени проекти кои не ја отсликуваат реалната состојба на терен
Исто така доколку не се исполнат обврските по договорот, постои ризик од спор кој е ризик од големи финансиски штети, предупредуваат државните ревизори за автопатот Кичево-Охрид.
Притоа, Државниот завод за ревизија во Извештајот наведува серија на критики во однос на изградбата на оваа автопатска делница, и тоа: градба на aвтопат во должина од 57 километри по застарени проекти кои не ја отсликуваат реалната состојба на терен, кои не се изработени од проектанти со меѓународно искуство, отсуството на контрола и надзор во фазата на проектирање, отсуството на тендерска постапка за утврдување на цените за градбата, некоординирано дејствување на институциите во постапката за одобрување на инфраструктурни проекти и постапките за експропријација, комплексна правна рамка за измени во тек на градба, непостоење на мониторинг и надзор на имплементацијата на проектот што има за ефект пролонгирање на рокот за завршување на проектот.
Поради сето ова, државните ревизори во Извештајот додаваат дека има голема неизвесност дали најновиот зададен рок за завршување на автопатот – 31.12.2023 година ќе биде доволен, но и дали ќе се појават дополнителни трошоци кои ќе се создадат до завршувањето на проектот, односно ДЗР е скептик за актуелните ветувања на политичарите во однос на темпото на изградба на автопатот Кичево-Охрид.
И додека изградбата на двата автопати доцнеше, Јавното претпријатие за државни патишта уште од јули 2019 година ја започна исплатата на првата рата за враќање на кредитот кон кинеската Ексим банка. Вкупниот износ за враќање изнесува 719 милиони американски долари и во него се вклучени каматните стапки и дополнителниот заем за автопатот Кичево – Охрид што беше подигнат кон крајот на 2019 година.
Заклучно со јули 2022 година, Јавното претпријатие за државни патишта има исплатено по седум рати од кинеските кредити за автопатите Кичево – Охрид и за Миладиновци – Штип, а преостануваат за враќање уште по 23 рати за секој кредит поединечно. Северна Македонија кредитот кон Кина би го исплатила на почетокот од 2034 година. Од јавното претпријатие за Мета.мк информираат дека последните рати достасуваат за плаќање на 21 јануари 2034 година.
За автопатот Миладиновци – Штип, кон кинеската Ексим банка досега се отплатени 50 милиони американски долари, а за отплата остануваат уште 164 милиони американски долари. За делницата Кичево – Охрид од паневропскиот Коридор 8 досега се вратени 77,6 милиони американски долари, а од кинескиот кредит остануваат за отплата уште 427,4 милиони американски долари.
Од Јавното претпријатие за државни патишта во повеќе наврати досега информираа дека приходите коишто ги имаат забележано од наплатата на патаринa, од акцизата на нафтените деривати и од патната такса што се плаќа при регистрација на возилата, се користат, меѓу другото, и за исплата на кинескиот кредит.
Сепак, зајакнувањето на вредноста на американскиот долар во однос на македонскиот денар во изминатиов период на земјава ѝ создава дополнителни проблеми при исплатата на кредитот за двата автопати.
Од Јавното претпријатие за државни патишта за Мета.мк појаснуваат дека ратите кон кинеската Ексим банка се исплаќаат во долари, а со оглед на фактот дека има постојани промени во неговата вредност, сигурно дека тоа влијае негативно врз исплаќањето на ратите, поради тоа што денарската противвредност се зголемува.
Па така во периодот од 1.1.2022 до 21.7.2022 година поради растот на доларот ЈПДП има платено 105.000.000 денари повеќе, односно за овој период вредноста на доларот се зголемила за 6 денари во однос на исплатата, го објаснуваат од јавното претпријатие фактичкото поскапување на кинескиот кредит во моментов.
Покрај поскапувањето на кредитот поради растот на доларот во однос на денарот, од Државниот завод за ревизија во Конечниот извештај за извршена ревизија за успешност “Задолжување на субјекти од јавен сектор, степен на искористеност на кредитите и заемите, платени и створени трошоци” се наведува дека финансирањето на проекти со договори за заем, како што е кредитот од кинеската Ексим банка, пропратен со непридржување на динамиката на градба поради несоздадени услови за изведба, има и дополнителен ефект во зголемување на вредноста на инвестицијата.
Па така, само кај автопатот Кичево-Охрид, којшто се гради со кинескиот кредит, има зголемување на вредноста на инвестицијата по основ на трошоци по договор за заем за камати и провизија во висина од 39 милиони американски долари, утврдиле државните ревизори.
„Синохидро“ дојде во земјава за да остане во градежниот бизнис
Кинеската државна компанија „Синохидро“ на голема врата влезе во изведбата на капитални инфраструктурни проекти во Северна Македонија по земањето на кредитот од кинеската Ексим банка и двата закони за реализација на автопатите Кичево-Охрид и Миладиновци-Штип што беа изгласани во Собранието на РСМ во октомври 2013 година, по кои „Синохидро“ ја започна изведбата на почетокот од 2014 година.
Осум години подоцна, во реалноста оваа државна градежна компанија од Кина остана да се натпреварува со други фирми од земјава и од странство при реализацијата на капитални инфраструктурни зафати во земјава. Притоа, „Синохидро“ успеа да победи на меѓународните тендерски постапки за изведба на втората фаза од експресниот пат Штип – Кочани, односно за реализација на секцијата од селото Крупиште до Кочани. Овој проект се реализира со заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР).
Податоците од тендерската постапка за овој експресен пат објавени на веб-страницата на ЕБОР покажуваат дека имало шест заинтересирани градежни компании и конзорциуми од Грција, Македонија, Босна и Херцеговина, Кина, Италија и Бугарија кои поднеле понуди, но на почетокот од 2019 година била избрана за изведувач кинеската компанија „Синохидро“, поради тоа што понудила најниска цена за изведба во висина од околу 18,2 милиони евра.
Експресниот пат Крупиште-Кочани долг 13,75 километри го гради кинеската компанија „Синохидро“, при што од Јавното претпријатие за државни патишта информираат дека изведувачот е воведен во работа на 12 април 2019 година и требаше да го заврши патот до 12 април 2021 година. Рокот за изведба е пробиен и кај овој експресен пат, а најзначајната причина е што сè уште има нерешена експропријација на земјиштето, односно една парцела каде што се појавил проблем поради несоодветно запишување на сопственоста во Катастарот за недвижности.