БОЈАН БЛАЖЕВСКИ
За преостанатите тројца обвинети во случајот „Траекторија“ за злоупотреба на службената положба, судскиот процес и понатаму трае до денешен ден. Според податоците од Коалицијата „Сите за правично судење“ кои вршат судски мониторинг на најзначајните судски случаи во земјава, судењето за случајот „Траекторија“ во моментов се наоѓа на главна расправа, на која се изведуваат материјални докази што се предложени од страна на обвинителството. Последното судско рочиште се одржало во првата половина на јули 2022 година.
Мета.мк испрати до Основниот кривичен суд-Скопје каде што се одвива судскиот процес, но и до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.
Од Основниот кривичен суд-Скопје, Одделение за организиран криминал и корупција барање да информираат дека откако судењето за случајот „Траекторија“ се вратило на самиот почеток поради разрешување на судијата кој постапуваше по истиот; судската постапка започнала на 6 декември 2021 година, но поради одложување на судските рочишта и протек од 90 дена согласно Законот за кривичната постапка, предметот почнал одново на 18 март 2022 година.
Откако повторно е започната судската постапка по предметот досега се закажани 19 рочишта, од коишто се одржани осум рочишта и во моментот судењето се наоѓа во фаза на доказна постапка со изведување на доказите предложени во листата на докази од страна на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција-Скопје, велат за Мета.мк од Основниот кривичен суд-Скопје.
Ве известуваме дека откако е започната судската постапка по предметот одложени се девет рочишта, односно рочиштата закажани за 14.12.2021 година, 16.12.2021 година и 23.12.2021 година се одложени поради спреченост на обвинетиот Миле Јанакиески да присуствува на закажаните рочишта поради повреда и извршена операција на коленото, рочиштата закажани за 21.03.2022 година, 24.03.2022 година и 29.03.2022 година се одложени поради спреченост на обвинетиот Владимир Пешевски да присуствува на истите поради тешка здравствена состојба на родител, рочиштето закажано за 05.04.2022 година е одложено поради отсуство на член на судскиот совет, додека пак рочиштата закажани за 17.05.2022 година и 30.06.2022 година се одложени поради неодложни и службени обврски на Јавниот обвинител кој го застапува предметот, информираат од Основниот кривичен суд-Скопје.
Сепак, во однос на Никола Груевски како обвинет во случајот „Траекторија“, од Основниот кривичен суд-Скопје посочуваат дека нивниот суд постапил по насоките на Апелациониот суд и донесено е решение од 6 декември 2021 година по однос на предлогот на бранителот на обвинетиот Никола Груевски, Горан Каркински адвокат од Скопје за отфрлање на обвинителниот предлог против обвинетиот Никола Груевски.
Судот го одби како неоснован предлогот на бранителот, од причина што постапката по овој предмет е во фаза на изведување на доказите на одбраната, а истата е почната одново пред променет судечки совет само од формални причини предвидени согласно Законот за кривичната постапка и претставува процесна состојба која е пропишана согласно закон. Советот исто така посочи дека во оваа фаза на постапката не е можно да се отфрли обвинителниот предлог, со оглед на големиот број на изведени докази во досегашниот дел од постапката. Во текот на постапката на секоја странка ќе и биде дадена еднаква процесна можност да ја презентира својата теорија на случај, во насока на правилно утврдување на фактичката состојба. Исто така Советот не ја занемарува можноста до крајот на постапката и да го одбие обвинението спрема обвинетиот Никола Груевски согласно чл.402 од ЗКП. Донесеното решение од страна на овој суд е потврдено од страна на Апелациониот суд Скопје со одлука КОКЖ-120/21. Додека за останатите обвинети во оваа постапка апсолутна застареност на кривичното дело настапува на 10.10.2033 година, информираат од Основниот кривичен суд-Скопје.
Во однос на прашањето поврзано со застарувањето на кривичното дело за преостанатите тројца обвинети во случајот „Траекторија“, и од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција за Мета.мк одговорија дека кривичното дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“ од чл.353 ст.5 вв ст.1 вв чл.22 од Кривичниот законик што се става на товар на обвинетите застарува во 2033 година.
Инаку, обвинителниот акт четворицата обвинети (Никола Груевски, Миле Јанакиески, Владимир Пешевски и Љупчо Георгиевски) ги товари за пречекорување на своите овластувања во постапката за избор на компанија за изградба на двете автопатски делници во периодот 2012/2013 година, а крајниот исход бил избор на кинеската компанија „Синохидро“ за изведувач на градежните работи.
Инаку, поранешниот премиер Никола Груевски во ноември 2018 година пребега од Македонија во Унгарија за да го избегне одењето во затвор. Груевски доби азил во Унгарија, каде на власт е Виктор Орбан. Сепак, Никола Груевски и Миле Јанакиески со неколку судски пресуди веќе добија затворски казни во Северна Македонија. Па така, Груевски досега е осуден на 25 години и шест месеци затворска казна во пет одделни судски пресуди од страна на првостепените судови. Поранешниот министер за транспорт и врски Мила Јанакиески пак досега со пет одделни судски пресуди е осуден на 14 години затвор од првостепените судови. Сепак, и за двајцата се водат дополнителни кривични судски постапки, од кои можат да резултираат и нови затворски казни за нив.
(крај – meta.mk)