АНА ЧУПЕСКА
Како пост-дождовни печурки никнуваат разно-разни „скара патриотски” здруженија со драматични натписи на својата гардероба ( пр. Нема слобода – Има смрт; Вергина forever, па миксови од христијанска иконографија со антички ирокези, па шо се не, уште тенџериња на глава да турат и по еден Гра’ да се промеша); во поворки скара патриоти тргнуваат кон славните места, спремни и решени да ја бранат Маќедоња…
Никако да ја надминеме потребата од тоа секогаш пред битен и значаен ден поврзан со нашата државност, како што е Втори Август на пример. кога ја комеморираме борбата за слобода и заокружувањето на субјективитеот на државата, ние да се движиме наопаку.
Па така, наместо да славиме денови што нè обединуваат (мултикултурно и фактички долж времето на етапното воспоставување на државата од Крушево до денешен ден), наместо пристојно граѓанско пригодно прославување, се случува обратното: плукањето е пуштено на најјако.
И, секако, како пост-дождовни печурки никнуваат разно-разни „скара патриотски” здруженија со драматични натписи на својата гардероба ( пр. Нема слобода – Има смрт; Вергина forever, па миксови од христијанска иконографија со антички ирокези, па шо се не , уште тенџериња на глава да турат и по еден Гра’ да се промеша); во поворки скара патриоти тргнуваат кон славните места, спремни и решени да ја бранат Маќедоња…
И така се до третото пиво, по што заигрува и пушка берданка и сите во напад против клетите Албанци, Бугари, Американци, Странци, Европејци, Северџани, против меѓународната конспирација и воопшто, антипротивни контра the rest of the world. Откако ќе се избијат сите битки со засипнати гласови и тешко ранети од алкохолните куршуми следи повлекување од теренот.
На местото на битката, како што му доликува на секој патриот што си ја сака и почитува државата, се оставаат прекривки од ѓубре, пластични кеси, лименки, и сл. Рамномерно расфрлани како доказ за паднатите жртви во борбата.Тие немо ќе посведочат за херојските подвизи на скара-патриотите”. Ете, тоа е, во кратки црти што би рекле идејата “Сè за Македонија”?!?
Но, ајде да пробаме малку да бидеме сериозни. Не може патриотизам да биде кога чекаш друг да ти го исчисти ѓубрето од твоето патриотско делување. Ова треба да се сфати и во буквална и во преносна смисла.
Во тој случај треба да се запрашаме што има “патриотското” во едно делување (политичко, напр.) ако не си свесен за последиците кои следат “денот потоа”. Или уште полошо, ако си свесен за последиците, а да се праиш наудрен, и дополнително пропагандно делуваш во корист на сопствена штета?
Зборот ми е, дека тука мора јасно и дискурзивно особено (со конкретен PR) да се демаскира и да се разјасни кој/и се патриотските субјекти, а кои тоа не се.
Извинете, ама скара патриоти не може да бидат патриоти – во смисла на одговорноста што еден патриотски гест мора да ја подвлече. Поточно, кои се придобивките од опозицискиот “патриотизам”? Дали, ги имате предвид, конечно, последиците кои ги предизвикувате по вашата patria/татковина. Клучната одредница за патриотиотизмот е токму преземањето на одговорност и свеста за последиците од донесени одлуки по татковината.
Доколку имате доблест (што е особина која, исто така, нужно се поврзува со патриотите) би ги извагале придобивките и последиците и самото ќе си каже “која чарапа на која ногу иде”. А не пушти се во лер на удолница, и, чекај да се соочиш со последиците од таа одлука. Тоа не е патриотизам туку деструктивен авантуризам, евентуално каскадерство.
Секој човек, очекува да му се каже што го очекува кога ќе дојде денот потоа; од тоа кој ќе исчисти, како тоа ќе се направи, колку тоа ќе не чини (пред сè временски), кој ни се пријатели кој непријатели…или, преносно, секој граѓанин треба да знае што го очекува, извесност или не; сигурност или стравови!
Оттука, и патриотизмот, не е, ниту може да биде иконографија, драма, патос и прсно перчење, туку подразбира свест за контекст и време, одговорност за донесени одлуки, овозможување на извесност, сигурност и безбедност за своите граѓани.
По ова мислам јасно е кој е, а кој не е патриот и во контекст на нашата иднина.
Конечно, и минатото што ќе го прославиме на Втори Август, сите не обврзува да делуваме одговорно кон овозможување на извесна и сигурна иднина задутре.
Се друго е чад од скара.
Честит празник Патриоти.