Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СКЕПТИЧНО: ЗАПАДНА ЕВРОПА НЕ ГО ПРИФАЌА ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА УКРАИНА, НО ДАЛИ ТАА Е ВООПШТО ПРАШАНА?

November 25, 2025 Filed Under: Свет

Зеленки со четврток треба да го прифати или со големи ризици да го одбие планот за мир на Трамп, кој решил да го тргне тоа прашање од работната маса

УКРАИНА ДАВА ЖРТВИ И ЗА СЛОБОДАТА НА ЕВРОПА Треба да се надеваме дека отпорот кон понудениот „мировен“ план ќе стане се поочевиден и јасен!

Високи функционери во Брисел, Варшава и Берлин реагираа скептично во четвртокот на извештаите за нов мировен план на САД за Украина, а еден водечки германски функционер го опиша како „неприфатлив“.

Шефицата на дипломатијата на ЕУ, Каја Калас, изјави дека „Украинците и Европејците се неопходни за да функционира секој план“.

„Исто така, мора да разбереме дека во оваа војна има еден агресор и една жртва, не сме слушнале за никакви отстапки од руска страна. Доколку Русија навистина сакаше мир, можеше да се согласи на безусловно примирје порано“, рече Калас.

Се верува дека планот на Вашингтон, како што објави „Фајненшл тајмс“, содржи широки отстапки кон Москва со тоа што ја повикува Украина да ја преполови големината на својата војска и да ги отстапи источните региони окупирани од Русија, вклучувајќи ги Донецк и Луганск.

Планот наводно би ѝ овозможил на Русија да контролира области што не успеала да ги освои во речиси четиригодишна војна од големи размери.

Порталот „Аксиос“ објави дека предлогот го преговарале специјалниот претставник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Виткоф, и високиот руски функционер Кирил Дмитриев.

Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно објави на својот личен профил на „Х“ дека САД „ќе продолжат да развиваат список на потенцијални идеи за завршување на оваа војна врз основа на придонесите од двете страни во овој конфликт“, без да потврди дека веќе постои конкретен предлог. Американската воена делегација веќе беше во Украина на состаноци на високо ниво во мигот на објавување на планот. Украинскиот министер за одбрана, Денис Шмихал, изјави во минатата среда дека се сретнал со секретарот на американската армија, Даниел Дрискол, во Киев и ги информирал службениците за новите украински достигнувања во областа на беспилотните летала. Се очекува групата, која според извештаите на американските медиуми вклучува тројца генерали и други офицери, да се сретне со претседателот Володимир Зеленски.

ЕВРОПСКАТА БЕЗБЕДНОСТ Е ИСТО ТАКА ВО ПРАШАЊЕ Киев наводно е информиран за новиот американски план, додека извори во Брисел велат дека Европската Унија не е информирана.

Пред состанокот со своите европски колеги во Брисел, германскиот министер за надворешни работи Јохан Вадефул инсистираше дека „Украина мора да може да го задржи својот суверенитет, без оглед на обемот на нејзината територија“.

„Ова мора да се преговара на рамноправна основа и е важно не само за Украина, туку и за Европа“, рече Вадефул. „Сите можеме да видиме дека Русија се вооружува до тој степен што ние во Европа оправдано мора да прашаме со каква цел се случува ова“, продолжи тој.

Предлогот беше уште полошо примен во Берлин, каде што Торстен Фрај, началник на кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц, рече дека повлекувањето на Украина од територијата што сè уште ја контролира би бил „неприфатлив исход“.

Полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски изјави пред состанокот во Брисел дека не треба да се ослабува способноста на жртвата да се одбрани, туку способноста на агресорот да нападне.

Иако Полска ги поддржува сите напори за прекин на борбите во Украина, европската безбедност во голема мера зависи од исходот на кој било мировен договор и Европа мора да биде дел од него, рече тој.

Извештаите за нов мировен план доаѓаат во време кога украинските сили се соочуваат со голем притисок околу источниот град Покровск, како и со широко распространети прекини на електричната енергија по руските напади.

Планот за завршување на војната во Украина предвидува големи територијални отстапки од страна на Киев, ограничување на бројот на украински војници и спречување на пристапување во НАТО. Специјалниот претставник на Трамп, Стив Виткоф, и американскиот државен секретар, Марко Рубио, наводно „тивко“ работат на тој план од 28 точки, пишува Дојче Веле.

Според условите на планот, Украина би морала да ги ограничи своите вооружени сили на 600.000 војници и би добила „силни безбедносни гаранции“. На Украина нема да ѝ биде дозволено да се приклучи на НАТО, а на воениот сојуз ќе ѝ биде забрането понатамошно проширување или распоредување војници во земјата. Крим, Луганск и Донецк, вклучувајќи ги и областите што армијата на рускиот претседател Владимир Путин не успеа да ги освои, би биле признати како де факто руски територии.

Предложен е сеопфатен план за реконструкција на Украина, кој вклучува сто милијарди долари од замрзнати руски средства, наменети за развој и инвестиции.

Русија би добила постепено укинување на санкциите и би била поканета повторно да се приклучи на Г8. Според планот, би се склучил пакт за ненапаѓање меѓу Русија, Украина и Европа. Русија, исто така, би задржала половина од електричната енергија произведена во најголемата европска нуклеарна централа, Запорожје, која се наоѓа во Украина.

САД би склучиле договор со Русија што би опфаќал енергија, природни ресурси, инфраструктура, вештачка интелигенција, центри за податоци и рударство на ретки метали на Арктикот.

КАЈА КАЛАС Украинците и Европејците се неопходни за да функционира секој план

КАКО КОМЕНТИРА ГЕРМАНСКИОТ ПЕЧАТ Берлински „Тагесшпигел“ пишува вака – „Сега станува опасно – за Украина, но и за Германија и Европа. Блиските соработници на Доналд Трамп наводно се согласиле со Владимир Путин за план од 28 точки за завршување на војната во Украина. Украина не учествувала, а ниту Европа (…) Сè на сè, планот на Трамп значи капитулација на Украина. Ситуацијата потсетува на политиката на смирување на британскиот премиер Чемберлен во Минхен во 1938 година. За да го смири Хитлер, тој дозволил поделба на „Чехословачка“. Војната избувна една година подоцна“, се сеќава „Тагешпигел“.

„Меркише Одерцајтунг“ од Франкфурт на Одра забележува: „Сè уште добро се сеќаваме на средбата меѓу американскиот претседател Трамп и шефот на Кремљ, Путин, во Алјаска. Рускиот претседател не се помрдна ниту милиметар кон пријателско решение. Доколку Украина практично му се предаде сега, тоа би било неприфатливо и за Киев и за оние што ја поддржуваат. Тоа би значело дека одбранбената војна со многу жртви била залудна.“ „Зидоише Цајтунг“ објавува текст во кој, меѓу другото, можете да прочитате: „Можеби украинската политика на американскиот претседател Трамп навистина може да се толерира со многу хумор или – со неговиот мал, злобен брат, сарказам. Се вели дека предлогот на Трамп е поделен на 28 точки. Но, само една би била доволна. Документот потоа би изгледал вака: Горе би бил насловот „Мировен план“. Под тоа, првата точка: „Украина капитулира“. После тоа во потписот: „Доналд Трамп, претседател на Соединетите Американски Држави“ на американските држави; Владимир Владимирович Путин, претседател на Руската Федерација“.

РАДОСЛАВ СИКОРСКИ Не треба да се ослабува способноста на жртвата да се одбрани, туку способноста на агресорот да нападне

НИКОЈ НЕ ГИ ПРАШУВА ЕВРОПЕЈЗИТЕ НИШТО „Пасауер ноје пресе“, како и другите весници на „Баварска медиумска група“, донесува коментар од кој извлекуваме: „Не е особено тешко да се разбере мотивацијата на американскиот претседател Трамп за неговите мировни активности. Од една страна, тоа е волјата, како „миротворец што крши рекорди“, речиси да си ја наметне Нобеловата награда за мир. Од друга страна, расте непријателството поради скапата војна што никогаш нема да заврши. Секој може да го разбере тоа. И јасно е – кој е вознемирен од нешто доволно долго, тој ќе почне да прави отстапки во секојдневниот живот. За конечно – како што велат во Баварија – да има мир во куќата.“

Filed Under: Свет

КOС: ВРЕМЕ Е ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ПРОШИРУВАЊЕТО
ИСТЕЧЕ РОКОТ НА ЛАЖНИТЕ ВЕТУВАЊА
СКЕПТИЧНО: ЗАПАДНА ЕВРОПА НЕ ГО ПРИФАЌА ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА УКРАИНА, НО ДАЛИ ТАА Е ВООПШТО ПРАШАНА?
АВТОПОРТРЕТИ И НЕКОЛОКУ ПАЛЕТИ – ИНТРОСПЕКТИВНИОТ УНИВЕРЗУМ НА МИРО МАСИН
ПСИХОЛОГИЈА НА ЗЛОТО: КАКО Д-Р МЕНГЕЛЕ ИЗБЕГАЛ ВО ЈУЖНА АМЕРИКА

Најново

  • КOС: ВРЕМЕ Е ЗА ПРОШИРУВАЊЕ НА ПРОШИРУВАЊЕТО
  • ИСТЕЧЕ РОКОТ НА ЛАЖНИТЕ ВЕТУВАЊА
  • СКЕПТИЧНО: ЗАПАДНА ЕВРОПА НЕ ГО ПРИФАЌА ПЛАНОТ НА ТРАМП ЗА УКРАИНА, НО ДАЛИ ТАА Е ВООПШТО ПРАШАНА?

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet