Јана Атанасовска со нов најдобар резултат во историјата на македонското скијањe. Мислите дека мејнстрим медиумите ова го пласира како прва вест. Не!
На вчерашната слаломска трка во австрискиот скијачки центар Weinebene, 17-годишната македонска скијачка Јана Атанасовска во силна конкуренција освои 2. место, со вкупно време од 1:46.94.
Овој пласман нашата голема скијачка надеж го оствари со феноменален резултат од 37.29 FIS точки, што претставува најдобар резултат во историјата на македонското скијање. Претходниот најдобар резултат од 47.97 FIS точки Јана го постигна пред два месеца. Да потсетиме дека во скијањето помалку FIS точки значат подобар резултат.
По првата трка Јана Атанасовска беше прва, со време од 50.55 и со голема предност од 0,71 секунда пред второпласираната, три и пол години постара Patricia Leeb од Австрија и 0,87 секунди пред третопласираната Британка Abi Bruce, којашто е 6 години постара од нашата скијачка. Во втората трка Јана одлучи да скија малку повнимателно, со голема желба да ја заврши трката за којашто знаеше дека ќе ѝ обезбеди одличен пласман.
Одличните резултати коишто во континуитет ги постигнува Јана Атанасовска треба да бидат сигнал за одговорните во државата да инвестираат во нејзиниот развој. Македонското скијање за првпат има натпреварувачка којашто со поголема поддршка на државата со право можеме да очекуваме дека наскоро ќе ја гледаме и во натпреварите за Светски куп.(цивил)