Најголем предизвик за Анет Папазовска Черепналковски е работата со предвреме родените бебиња-прематуруси. Преваленцијата на предвремените породувања се зголемува, како во светот така и во Хрватска. Според најновите податоци, преваленцијата на предвремени породувања во Хрватска е 6,8 проценти од вкупниот број на породувања, што е доста висок процент

Докторката Анет Папазовска Черепналковски од 2016 г. работи во Заводот за неонатологија при Клиниката за гинекологија и акушерство во Сплит. Во 2022 година е унапредена во заменик-раководител на Заводот за неонатологија, а од 2023 година е назначена за раководител. Со Анет разговараме за нејзините искуства таму, како патот ја однел во Сплит, за нејзините предизвици.
– Идејата за преселување во Сплит се роди постепено низ контакти и комуникација со колеги, стручњаци од областа во Клиничкиот болнички центар – Сплит. Соработката датира уште од далечната 2010 година кога станав едукатор на курс за напредна педијатриска реанимација во Хрватска („АPLS course“), во кој се вклучени едукатори од целата држава, а организиран е од Заводот за интензивна терапија на Клиниката за детски болести во Сплит. На овој курс предавам и денес, по 15 години. Дополнително, дел од докторатот го завршив во Сплит како дел од билатерален македонско-хрватски проект кој компаративно ги следеше карактеристиките на наследниот ензимски дефицит глукозо-6-фосфат дехидрогеназа кај популација на новороденчиња во Сплит и во Македонија. Многу пати престојував во Сплит за професионални настани, се вљубив во градот, богатата културна традиција, историјата, климата. Луѓето ме прифатија како своја, стекнав пријатели, посакав и моето семејство да може да ги доживее благодатите на животот покрај море. Сепак, донесувањето одлука за преселување во друга држава не беше лесно и бараше многу размислување, како и разбирање и поддршка од моето семејство – ни споделува Анет.
Основно и средно образование завршила во родното Скопје. Дипломирала на Медицинскиот факултет во Скопје во 1997 година. Потоа, во 2003 година се стекна со магистерски степен, а во 2005 година ја заврши специјализацијата по педијатрија. Докторатот го одбрани во 2016 година на Медицинскиот факултет во Скопје.
– Ја сакав педијатријата и отсекогаш знаев дека ќе специјализирам во таа област. Имав можност да одам на институти, да работам научна работа, но клиничката работа ми беше поинтересна. Во текот на шесте години специјализација се профилирав и решив дека првенствено сакам да се грижам за новороденчиња. Тоа беше желба што спонтано се појави додека ги полагав испитите по педијатрија. Нашата специјализација е доста интензивна и носи многу стрес, како и многу ситуации што бараат брза реакција. Тоа е дел од сите нас во оваа професија, нè води желбата за интензивна работа – изјавува Анет.
Првото работно место ѝ било на Клиниката за детски болести во Скопје. Вели дела ѝ било чест да се вработи во таа, тогаш врвна институција во државата за дијагностика и лекување на болестите кај децата.

– Голем дел од мојот работен век го остварив таму, цели 15 години во кои стекнав големо знаење и искуство во лекувањето деца и новороденчиња што потоа ми беше од непроценливо значење во понатамошниот пат во Хрватска. Последната година пред да заминам бев раководител на Одделот за неонатологија, но, за жал, немав поддршка од тогашното раководство за донесување новини и промени во грижата за новороденчињата. Политичката насоченост на здравството во Македонија, многубројните административни обврски, наметнати од многубројните реформи во здравствениот сектор, како и неможноста за понатамошно напредување во струката беа главни причини поради кои почнав да размислувам за преселба – ни споделува таа.
Работата во Заводот за неонатологија е многу стресна, но многу инспирира и исполнува
На прашањето како се случи да стане дел од тимот во Заводот за неонатологија, таа детално ни раскажа:
– Во текот на разни стручни активности се запознав со колеги од Сплит, професори од Клиниката за детски болести и д-р Буцат, која подоцна стана мој шеф. Сакав да дојдам да работам во Сплит, верував дека работењето тука ќе ми овозможи да напредувам во кариерата. Така и се случи, успеав да го одбранам звањето доцент во 2020 година, по што се вработив и предавам на Факултетот за здравствени науки, на катедрите за акушерство и сестринство, а од минатата година и на Катедрата за физиотерапија. Исто така, јас сум надворешен соработник на Медицинскиот факултет во Сплит на Катедрата за гинекологија. Задоволна сум од мојот академски напредок. Што се однесува до стручниот дел, завршив супспецијализација по неонатологија во 2021 година. Во 2022 година бев унапредена во заменик-раководител на Заводот за неонатологија, а од 2023 година сум назначена за раководител – ни раскажа таа.
– Нашата професија е доста специфична, бара голема посветеност, многу жртви и постојано присуство на работа. Не секој може да се согласи на вакви работни услови. Тоа е понова гранка на медицината која сè уште се развива, базирана е на многубројни современи научни достигнувања и користи нови технолошки можности. Затоа е многу интересно да се биде неонатолог. Ни недостигаат професионални и компетентни луѓе, но имаме нови млади сили – наши колеги на специјализација по педијатрија кои подоцна ќе дојдат да работат на нашиот Завод. Моментално има 9 доктори на специјализација, па се надеваме дека што поскоро ќе го комплетираат нашиот тим. Мојата работа како раководител на Заводот вклучува и многубројни организациски работни активности, но пациентите секогаш се на прво место независно од другите обврски – посочува Анет.
Најголем предизвик за неа е работата со предвремено родените бебиња-прематуруси. Преваленцијата на предвремените породувања се зголемува, како во светот така и во Хрватска. Според најновите податоци, преваленцијата на предвремени породувања во Хрватска е 6,8 проценти од вкупниот број породувања, што е доста висок процент.
-Технолошкиот напредок и современите научни достигнувања ни овозможуваат да спасиме деца со помала родилна тежина. Границите на преживување се доста спуштени, па е сосема нормално да преживеат дури и новороденчиња во 22. недела од бременоста и деца со родилна тежина од 500 или помалку грама. Овие деца можат да покажат разни проблеми од различни органски системи, некои краткорочни, а други долгорочни. Многу често мора да се справуваме со сложени дијагностички процедури и тешка дијагностика и третман. Ние сме тука да се грижиме за сите деца на најдобар можен начин со постојната опрема и нашето знаење. Разбирливо, секогаш се стремиме кон добри резултати и позитивен исход. За жал, ова не е секогаш можно, па сме соочени и со лоши и смртни исходи. Секој од нас има свои механизми за справување со вакви ситуации, но морам да нагласам дека сме си огромна поддршка еден на друг. Ние сме мал тим, но добро се сложуваме и одлично соработуваме, што ни овозможува да ги надминеме тешките ситуации. Сознанието дека сум дала максимум во својата работа ме прави среќна и исполнета. Задоволна сум кога пациентите се правилно згрижени, а нивните родители спокојни и задоволни – вели Анет.
Верувам дека неонатологијата во Македонија има добра перспектива
Заводот за неонатологија при Клиниката за гинекологија и акушерство во КБЦ Сплит важи за еден од најдобро организираните оддели во болницата кој нуди високо ниво на здравствена заштита на новороденчиња. Освен предвреме родените деца, на Заводот се лекуваат и други состојби кај новородените, како што се инфекции, жолтица, адаптациски тешкотии, срцеви мани или други вродени аномалии, потоа генетски и метаболички нарушувања и сл. Годишно на Заводот се лекуваат 700-800 пациенти, од кои повеќе од половина се предвреме родени бебиња. Пополнетоста на одделот е секогаш над 100 проценти, понекогаш достигнувајќи 200 проценти од капацитетот на кревети, објаснува Анет.
– КБЦ Сплит навистина ја препознава нашата работа и грижата за најранливата категорија деца. Редовно добиваме нови апарати – само минатата година добивме два апарати за инвазивна и еден за неинвазивна вентилација, како и нов ултразвучен апарат. Понекогаш добиваме и донации од компании што покажуваат општествена одговорност кон најосетливите пациенти – додава таа.
Во врска со главните разлики во медицинската практика во Македонија и Хрватска, во неонатологијата, според неа, професијата е иста насекаде, се следат протоколи пропишани од светските институции и професионалните здруженија.

– Во Хрватска и во Сплит имаме повеќе технички можности во секојдневната работа, постојат и некои разлики во работните постапки, но постапките мора редовно да се приспособуваат и да се менуваат според најновите научни сознанија и протоколи. Работите во Македонија сигурно доста се промениле во споредба со времето кога работев таму, се надевам позитивно. Со голема радост се сеќавам на времињата кога работев и соработував со моите колеги неонатолози од Македонија. Со голема почит размислувам за моите тамошни професори и постари колеги кои ме научија не само на струката, туку и на љубов и предаденост кон професијата – вели докторката.
Според неа, во Македонија најмногу внимание треба да се посвети на стручниот развој и едукација на младите колеги.
– Верувам дека неонатологијата во Македонија има добра перспектива, познавајќи ги колегите што работат таму. Засега немам план за враќање во Македонија. Во Сплит изградив живот со моето семејство кој ми одговара, го сакам ритамот на градот, пријателите кои ги стекнав… А што носи иднината, останува допрва да се види – дополнува Анет.
(подготвила: Сања јаневска, fakulteti.mk)