Со својот милошевистичко-орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрози кредибилитетот на проектот, туку ги руши и неговите темели – плурализам, уметничка слобода и европски стандарди. Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот! – ценат од опозицијата

Како што можеше да сеочекува по 4-годишната блокада на проектот „Скопје- град на културата 2028“ се најде бргу на дневен ред во планот за работа на новиот градоначалник. Од опозициската партија порачуваат дека проектот не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“ на ВМРО-ДПМНЕ, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независната сцена и академската заедница. Ако денес го признаваат хаосот во проектот „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 г.“, тогаш нека кажат и кој го создаде тој хаос.
Вака од опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија (СДСМ) неодамна реагираа на изјавите на скопскиот градоначалник – Орце Ѓорѓиевски, шефот на македонската дипломатија, Тимчо Муцунски и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков кои од Брисел порачаа дека успеале да ги уверат претставниците на институциите на Европската Унија дека Град Скопје со помош на Владата ќе ги исполни сите обврски за главниот град на земјава да ја задржи престижната титула?!
Од СДСМ велат дека токму Муцунски, Ѓорѓиевски и Љутков се главните виновници што го заглавиле проектот, со тоа што го воделе спротивни на законите, без транспарентност, без консултации и без вклучување на културниот сектор.
„Денес сами признаваат дека (проектот) бил блокиран. А од кого, од нив. Со својот милошевистичко-орбанистички пристап кон невладиниот и независниот културен сектор, оваа власт не само што го загрози кредибилитетот на проектот, туку ги руши и неговите темели – плурализам, уметничка слобода и европски стандарди. Видовме и која е нивната визија: Скопје престолнина на кичот! Затоа Љутков, наместо да го турка овој европски проект, откако е министер, само се жали дека СДСМ не го одржувала скапо платениот стиропор од ‘Скопје 2014’“,
се вели во реакцијата на опозициската партија.
Оттаму порачуваа дека „Скопје – Европска престолнина на културата за 2028 г.“ не е партиски плен за блиски фирми и „клиенти“, туку европски процес што треба да го води целата културна фела – уметници, институции, независната сцена и академската заедница.
Во таа насока, социјалдемократите упатуваат неколку прашања кои, како што велат, Муцунски, Ѓорѓиевски и Љутков се должни да ги одговорат пред македонската јавност.
„Кoja е нивната визија за проектот? Што точно образложувале во Брисел? Каква програма презентирале? Кои реформи ги гарантираат? Зашто досега видовме само импровизации, затвореност, игнорирање на секторот и манипулации за дневнополитички потреби“,
прашуваат од СДСМ.
На крајот од реакцијата од партијата порачуваат дека Скопје ќе биде европска престолнина на културата само ако се врати духот на европските вредности – отвореност, транспаретност, професионализам и вистинска поддршка на ументиците.
Но тоа, како што додаваат, невозможно е со власт која ја става културата во кафез и ја води како партиски проект, без концепт и без одговорност.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски во изјавата, што ја пренесоа од Градот, најави историска трансформација на главниот град за деблокирање на проектот „Скопје – Европската престолнина на културата за 2028 г.“. Тоа, како што вели градоначалникот ќе биде постигнато со воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучна инфраструктура. Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем од општините до граѓаните.
Министерот за култура и туризам во изјава за МИА вели дека процесот околу „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ две години бил закочен во лавиринтите на Град Скопје, но со неговото доаѓање во ресорот Култура бил направен значаен исчекор.
„Се формира главното тело од 13 луѓе, што направи значаен исчекор и главната задача беше да ја увериме Европската комисија дека всушност сега и со новиот градоначалник сме силно посветени на тој процес. Во наредниот период ќе мора многу брзо да работиме за да ги исполниме сите ветувања што сме ги дале. Силно верувам дека ќе ни се врати поддршката и ќе ги информираме (во ЕК) за сите процеси што ни се случуваат. Се надевам дека во 2028 година Скопје ќе си го врати идентитетот што го имал во минатото“,
вели Љутков.




