Аналитичарите:сметаат дека протерувањето дипломати ги враќа симптомите на студената војна. Влегуваме ли ние во тој „филм“. Во последно време руската политика на лутење кон Софија ја покажа со застанувањето на нашата страна во сспорот со источниот сосед
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Колку што е нејасен поводот за протерувањето на рускиот амбасадор од РСМ, толку е неизвесна која мерка ќе ја преземе Москва како контра-мерка на овој наш гест. Ова второто ќе се дознае а првото, според правилата во дипломатијата не мора да бидат обелоденети. Додуша Москва еднаш играше на картата на заборавот – кого во јавноста на Русија го интересира како во Македонија ја третираат Москва?
Тоа веќе го покажа искуството со нашето прво протерување на службеник на „посолството“ на Руската федерација кое веќе го имавме а кое во Москва беше голтнато. Бидејќи на оваа земја не и е лесно да бира кого да прогласи персона нон грата – нашиот амбасадор таму е в.д. а веќе именуваниот „регуларен“ државерн чиновник Колев се уште не е испратен таму?! Вториот човек кого го имаме на московска адраса е задолжен за конзуларни работи! Прилично компликувана ситуација која заврши само со мафтање со прст кон нас. Вториов пат ситуацијата е уште посложена, бидејќи, лесно е да протерате дипломати од земја која има амбасада со 100 официјални лица таму. Вака се личи на придавање на важност на потег кој реално нема да значи ништо во комуникацијата на Москва со светот.
Официјалниот јазик е штур кога го објаснува протерувањето – постапки несоодветни со дипломатскиот статус, а кои што се документирани, истражени и потврдени од страна на Министерството за надворешни работи.Ова се единствените информации кои ги дава шефот на македонската дипломатија Бујар Османи за причините за протерувањето на рускиот дипломат од земјава, потег кој беше објавен минатиот вторник. Прашан од новинарите за овој настан, претседателот Пендаровски рече дека причината е комплетирана со докази, или како се вели – документирана а не е само од проста солидарност со запдните сојузници. Нагласи дека на дипломатот му се дадени седум дена да се спакува, што укажува на еден малку поинаков однос во овој случај од наша страна (претседателот рече „хумано е, човекот има семејство“) и не е како во другите прогласувања „персона нон грата“ кои обично се врзуваат со понижување во форма на „испраќање“ во куси рокови, до 48 часови. Ова секако е некаква дистинкиција во однос на објективната, студена војна која започна да се води меѓу Западот и Русија и нашето учество во неа.
Одлуката била донесена и му била соопштена на рускиот амбасадор Сергеј Баздникин на 14 мај, рече Османи, кој нагласи дека и по неговата претходна реакција за солидаризирање со Соединетите Американски Држави во земјава се отворила лажна дилема- дали државата е со САД или Русија?
„Мислам дека тоа е лажна дилема оти одлуката ние сме ја донеле уште од независноста на државата, дека сакаме да бидеме целосно интегрирани во евроатлантското семејство, тоа е потврдено со резолуција во парламентот во 1993 година а и во втори месец 2020 година со ратификација на Вашингтонскиот договор. Значи ние имаме јасна, суверена одлука да бидеме дел од НАТО и евроатлантското семејство. Ние не сме политички неутрални, ние не сме воено неутрални“, рече Османи за Канал 5.
Она што го поттикна размислувањето во јавноста во стилотм „видела жаба како на коњот му поткопуваат нога…“ доаѓа од веќе видениот пример на солидарност и поклопувањето на ист потег во време кога и други европски земји го прават истото.
Независно од тоа какви се реакциите на руската дипломатија кон нас, дел од тамошните медиуми и на портпаролката на владата на РФ – Захарова која веќе ја изввади својата реторичка безболна палка ситуацијата е секако сложена. Лутината на руската политика доаѓа токму во време кога Москва јавно не поддржа во спорот со Софија, секако и од тактички причини ама и во духот на она што, барем руската наука го имала како став и во сегментот на историјата и во славистиката подолго време. Со децении наназад, уште од времето на социјализмот. Една историчарка, гостувајќи во еден тв прилог на нашиот историчар Владо Поповски јасно истакна дека „едно е вистината а друго е интересот на една империјална политика“ (!). Таа при тоа ја објаснуваше практиката на дискрапанца која постоела меѓу научните сознанија и потребата да се обезбеди моќен сојузник во продорот кон топлите мориња.
Од една од многуте биографии за видовитата баба Ванга, преведена на македонски, („Случајот Ванга: еден поинаков поглед“ од Николај Стојанов, во превод на Бранислав Мирчевски) се говори за двете гостувања во Петрич, со приватна мотивација, на тогашниот прв човек на социјалистичкиот Исток, Леонид Брежњев, кога неговиот формален домаќин Тодор Живков постојано притискал да се промени односот на СССР кон Македонија, поточно кон признавањето на македонскиот јазик и нација! Таа прилика за исполнување на вечни желби на империјалната политика на Бугарија комунистот Живков, наречен Тате во народот, не вродила со плод. Ако е некаков ќар за Софија, овој чин потоа е искористен да се тврди дека „Македонија е резултат на дејствување на Коминтерната“, односно дека социјалистичките земји ги отфрлале бугарските погледи без исклучок кога Македонија била дел од наративот.
Но, да се вратиме на актуелниот случај на протерување на руски дипломат од Скопје. Публицистот Драсган Јањатов ја врзува случката со новото враќање на студената војна.„Нервозата полека расте и се враќаме на методите и средствата од студената војна, за жал“, смета Драган Јањатов во изјава за РСЕ. Поранешниот дипломат Јањатов вели дека чинот на протерување имал повеќе значења.
„Не тврдам дека во тие протерувања немало некои активности што биле забранети, што биле од разузнавачки карактер. Меѓутоа, тоа во главно беше една манифестација на незадоволство. Кога сакаше едната страна да ѝ обрне внимание на другата за нешто, тогаш го правеа тоа“, објаснува Јањатов.
Чешка неодамна протера 18 лица од руската амбасада под обвинение дека се разузнавачи. Притоа побара и другите европски влади да протераат дипломати од нивните земји. Малата временска разлика од тие настани го отвори прашањето дали и македонската влада одговори на повикот.
„Не требаше Македонија тоа да го направи во овој момент, од прагматични причини. Не од што Русија многу нè сака нас, и не од што ние многу ја сакаме Русија. Но, да не заборавиме, ние сме едно зрно во таа светска дипломатија. Ние не сме Кина, не сме Русија, не сме Америка. Ние сепак треба да водиме сметка за нашите односи со Русија“, истакнува новинарот Мирче Адамчевски.
Каква мерка не очекува од руска страна? Реципрочно протерување наш дипломат. Но, според познавачите, таков чин врз малата македонска дипломатска мисија во Москва би отворил и друг проблем.
„Јас и не знам кого би можела да протера, кој македонски дипломат, кога во нашата амбасада во Москва има двајца без тројца дипломати. Таму е нивото на вршител на работите. Ако го вратат вршителот на работите, треба да ги прекинеме дипломатските односи. Тоа би било екстремно и би излегло од рамките на оваа практика на реципрочност за која зборувавме“, укажува Јањатов.
Се укажува и на можни обиди од руска страна за попречување на интеграцијата со ЕУ.
„Преку амбасадата излегуваат соопштенија, поддршка на македонските партизани, поддршка на ова, поддршка на она. Тоа индиректно ја иритира Бугарија. Преку таквата политика за наводна поддршка на Македонија, создава една спротивставеност меѓу Македонија и Бугарија, а знаеме дека сега ние имаме проблем со Бугарите“, вели Адамчевски.
Но, постои и ставот дека односите со Русија треба да се задржат и тоа на економски план.
„Русија има што да продаде во Македонија, има и што да купи во Македонија, така што, тука треба да биде акцентот“, смета Јањатов.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се воздржани за коментар за одлуката за протерувањето на дипломатот. Тимчо Муцунски, меѓународен секретар во најголемата опозициска партија и пратеник, вели дека и како партија и како пратеници и членови на собраниската Комисија за надворешни работи немаат конкретни информации кои се причините поради кои Министерството за надворешни работи донело таква одлука.
„Во таа насока, некоректно и мислам нецелисходно е да даваме коментар за одлука која не знаеме зошто се донела. Доколку би имале поконкретни информации тогаш би можеле да дадеме и коментар“, вели Муцунски за РСЕ.
И на крајот пак сме кај дискрапанците кои ги има во меѓународната политика и во земјава. И тоа меѓу коалиционите партнери – ниту збор за одбивањата на Приштина да ги испорача криминалците кои од кај нас бегаат на Косово, или да ги објасни навистина честите мерки на сопирање на извоз на стока од Македонија таму (еден вид на прохибиција кон земјоделските производи) ама преземањето на мерки кон држави кон кои постои традиционална „одбивност“ се прави полесно. Во некои случаи гледаме дека тоа помага, ама во некои се создаваат црвени линии за активвности кои доликуваат на една сериозна држава.