Процесот на скринингот што започна на 15 септември со Европската комисија, се одвива позитивно со голем ангажман од делегацијата на Република Северна Македонија и тоа е долг процес кој бара вклученост од сите министерства, изјави деновиве шефот на Делегацијата на Европската Унија во земјава, Дејвид Гир.
– Процесот на скрининг започна на 15 септември. Имаше голема делегација од Република Северна Македонија, која беше во Брисел. Се разбира дека тој процес почна од страна на Европската комисија со објаснувања во врска со стандардите и барањата коишто вашата земја треба да ги исполни се со цел да стане земја членка на ЕУ, така што се оди позитивно. Навистина има голем ангажман и голема вклученост од делегацијата на Република Северна Македонија, изјави Гир во Тетово каде присуствуваше на започнувањето на проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES“.
Евроамбасадорот оцени дела постои огромно партнерство во текот на скринингот, но нагласи дека тоа е долг процес кој изискува голема работа и голем ангажман од страна на сите министерства од земјава, така што наскоро ќе дојде и времето кога и Министерството за животна средина и просторно планирање, исто така ќе треба да се вклучи во него.
Тој појасни дека скринингот почнува со т.н. „Темели“ или „Основните вредности“ на ЕУ, коишто ги покриваат владеењето на правото, доброто владеење, реформите во јавната администрација и менаџирањето со јавните финансии.
– Под овој скрининг процес се вклучени сите други сфери затоа што зборуваме за 33 поглавја за коишто треба да се преговара. значи, практично зборуваме виртуелно за сите поглавја коишто се поврзани со зачленувањето на вашата земја, додаде евроамбасадорот.
Скринингот ќе се состои од две подфази, односно процеси. Едниот е објаснувачки скрининг на кој Европската Комисија ќе направи ажурирање на релевантното право на ЕУ со оглед на тоа што се поминати неколку години од одржувањето на првичните објаснувачки состаноци, а истовремено на овој ќе тече и процесот на билатерален скрининг. Преку билатералниот процес земјата ќе треба да го презентира степенот на усогласеност со правото на ЕУ и плановите за понатамошно усогласување, градење на институционалните и административните капацитети, како и потребните човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди. Процесите ќе се спроведуваат согласно новата Методологија на ниво на кластери, во период кој би траел најмалку една година.
Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, неодамна во Брисел, одржа работен состанок со вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела и нејзиниот тим, кој ги следи нашите скрининг состаноци и напредокот на Северна Македонија.
На средбата теми на разговор беа почетокот на скринингот, актуелната политичка состојба во Северна Македонија, предизвиците кои ги носи зимата која доаѓа и заедничкото делување во таа насока, како и за следните активности и очекувања во рамки на билатералниот скрининг.
Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Унијата, Маричиќ, изрази задоволство од првите скрининг состаноци велејќи дека постои желба и посветеност од страна на администрацијата и институциите за успешно да се заврши процесот на преговори со Унијата.
Отворањето на преговорите е успех за сите. Сега сме во фаза кога целото општество треба да се посвети на процесот на скрининг, кој несомнено ќе ги забрза реформите. Реформите на долг рок ќе значат бенефити за граѓаните. Мотивирани сме и тоа е добар знак дека ќе го завршиме скринингот онака како што и е планиран со Европската комисија, рече Маричиќ на состанокот.
Вршителката на должноста директор за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Унијата, Микела Матуела, на состанокот посочи дека почетокот на преговорите даваат нов правец во развојот на Северна Македонија и дека сега е важно сите да се максимално посветени на овој процес, кој ќе ги забрза реформите и ќе ја трансформира државата на подобро.
Матуела додаде дека очигледен е и јасен ентузијазмот кај македонските тимови на скрининг состаноците и изрази верување дека тоа ќе продолжи да биди така и за време на билатералните скрининг состаноци, потенцирајќи дека заеднички ќе работиме, за сите препораки и совети од Европската комисија да ги искористиме правилно, во насока на побрзо и полесно исполнување на нашите задачи за членство во Унијата.
На средбата вицепремиерот Маричиќ ги брифираше претставниците на Европската комисија за преговарачката структура, напоменувајќи дека се прават последните консултации со сите општествени чинители и дека се бараат најдобрите, експерти во својата област, за да се комплетираат тимовите за преговори пред почетокот на билатералните скрининзи.
Утре продолжува скрининг состанокот за поглавје 24 – Правда, слобода и безбедност, кој ќе трае два дена, а веќе наредната недела продолжуваат состаноците со многу важно поглавје 23 – Правосудство и темелни права.