Американскиот Стејт департмент го објави Извештајот за трговија со луѓе за 2018-та година. Македонија има напредок на ова поле, но Резултатите не се баш задоволителни
ЕКИПА НА ГЛОБУС
Стејт департментот го објави годишниот Извештај за трговија со луѓе. Во уводното излагање на државниот секретар Мајк Помпео, се вели дека „САД остануваат посветен лидер во борбата против глобалната закана. Ставањето крај на трговијата со луѓе, е главен приоритет за администрацијата на претседателот Трамп, посветувајќи целосни владини ресурси во справувањето против овој криминал“.
Во делот посветен на Македонија, се вели дека Владата не ги исполнува минималните стандарди за елиминирање на трговијата со луѓе во целост, меѓутоа, прави значителни напори да го стори тоа. „Владата покажа зголемени напори, споредено со претходниот период на изготвување на извештаите, и затоа, Македонија остана на второто, од четирите нивоа за состојбата и справувањето со трговијата со луѓе“.
Според Стејт департментот, македонската влада покажала зголемени напори во обука на лицата директно инволвирани и „одговорни за идентификација на жртвите и работа со локалните власти за воспоставување на локални акциони планови за борба против трговијата со луѓе“. Оттука, Владата, се вели во извештајот, формирала работна група за борба против трговија со луѓе, реактивирајќи ги мобилните тимови за идентификација во четири региони, а испратила и социјални работници одговорни за спроведување на проактивна идентификација на жртвите на граничните премини и кампови за мигранти и бегалци.
„Сепак, Владата не ги исполни минималните стандарди во неколку клучни области. Владата на Македонија идентификуваше шест жртви и осуди еден трговец со луѓе, судиите продолжија да издаваат слаби казни, а агенциите за спроведување на законите немаа доволен персонал за да спроведат соодветни проактивни истраги. Владата воедно го намали целокупното финансирање за заштита на жртвите, и не додели грантови за невладини организации за борба против трговија со луѓе, и покрај тоа што невладините организации идентификувале и помагале на бројни потенцијални жртви – идентификувани во текот на годината“, стои во документот.
„Корупцијата и официјалното соучество во кривичните дела на трговија со луѓе, и натаму претставуваат значителна загриженост; додека владата обвини државен службеник за соучество во 2017-та година, нема поведено судска постапка против владин претставник за соучество, и тоа во неколку истраги што ги иницираше во последниве години“. Според американскиот Стејт департмент, претходните години, набљудувачите известиле дека некои полициски и трудови инспектори, наводно, прифатиле мито од трговците со луѓе, а сопствениците на баровите и борделите биле предупредени за планирани полициски рации.
Во рамки на препораките за справување и сузбивање на проблемот, во извештајот се наведени енергични истраги, судски гонења и осуди за трговците со луѓе, вклучувајќи ги и официјалните лица – соучесници. Меѓу останатите препораки се и „распределување на доволно ресурси и персонал во полициски единици за борба против трговија со луѓе за проактивно испитување на појавата; а тука е и обезбедувањето на напредна обука за судиите, обвинителите и вработените во агенциите за спроведување на законот“.
„Владата ги одржуваше напорите за превенција на трговијата со луѓе“, вели Стејт департментот. „Националната комисија која ја чинат владини агенции, меѓународни и невладини организации, се состануваше редовно и објавуви годишен извештај за своите активности. Владата во јули, 2017-та година, назначи нов национален координатор кој ја предводеше Националната комисија и ги координираше напорите за борба против трговијата со луѓе“.
„Сепак, надлежните лица веќе трета година по ред, немаат изготвено јавна проценка“, се додава во документот.
„Националниот координатор, во период од еден месец, и во соработка со меѓународните организации, започна кампања за подигање на свеста за трговијата со луѓе. Владата помогна на три локални комисии за борба против трговијата со луѓе во Прилеп, Гевгелија и Велес, во изготвување на првите локални акциони планови за справување со ситуацијата“.
На крајот, Стејт департментот потенцира дека „како што беше објавено во изминатите пет години, Македонија е извор, транзитна и земја-дестинација за мажи, жени и деца, подложени на трговија со луѓе и принудна работа. Жените и девојките во Македонија се подложени на принуден секс и принудна работа во земјата, и тоа во ресторани, барови и ноќни клубови. Меѓу жртвите од странство кои биле предмет на трговија заради сексуални услуги во Македонија, обично потекнуваат од Источна Европа, особено од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Романија, Србија и Украина“.
Децата, првенствено Ромите, се подложени на присилно питачење, сексуална трговија и принудни бракови. Мигрантите и бегалците кои патуваат или се шверцуваат низ Македонија, се можни жртви на трговија со луѓе, особено жени и малолетници без придружба.
„Заради трговијата со луѓе, милиони луѓе низ целиот свет се лишени од нивното достоинство и слобода. Тоа ја поткопува националната безбедност, ги извитоперува пазарите, ги поттикнува транснационалните криминалци и терористи, истовремено претставувајќи навреда за универзалните вредности до кои се придржуваат Американците“, истакна државниот секретар Помпео. „Употребата на трговија со луѓе од страна на терористички организации, како ИСИС и Боко Харам, не само што ја одразува нивната бруталност, туку делува и како средство со кое терористичките организации регрутираат приврзаници и ги финансираат своите операции. Борбата против трговијата со луѓе не е само морално прашање или такво што влијае на интересите на американскиот народ; туку е и прашање што го загрозува меѓународниот мир и безбедност“, вели тој.
„Модерното ропство нема место во светот и имам намера, преку дипломатски ангажман и зголемена акција, да осигурам дека владата на САД ќе и во иднина ќе ги одржи напорите за сузбивање на оваа глобална закана“, истакна државниот секретар Мајк Помпео во уводното излагање по повод објавувањето на извештајот.
Трговија со луѓе е начин на заведување, измамување, принудување или на поинаков начин преселување на луѓе од нивниот дом или држава, кои потоа се принудени да работат со или без ниско плаќање или под екстремно експлоатирачки услови. Начинот се смета за продажба на или тргување со луѓе, што има многу карактеристики на робување, и кој во многу држави е нелегален. Жртвите на трговијата со луѓе можат да бидат искористени во различни ситуации, меѓу кои проституција, присилна работа (тука спаѓа принудна работа или ропство поради долг) и други форми на принудно ропство. Продажбата на бебиња и деца за посвојување или за други цели исто така се смета за трговија со тие деца.
Протоколот за спречување, потиснување и казнување на трговијата со луѓе, особено со жени и деца (исто така познат како Протоколот од Палермо) е протокол на Конвенцијата против транснационалниот организиран криминал на Обединетите Нациии трговијата со луѓе ја дефинира како „врбување, прeвезување, пренесување, засолнување или примање на луѓе, со помош на закана или примена насила или други форми на принуда, киднапирање, измама, лага, злоупотреба насила или состојба на беспомошност или давање и примање на плаќања или средства, за да се добие согласност од лице за контрола врз друго лице, со цел за експлоатација.” Во септември 2008 година, од 124 страни, Протоколот беше потпишан од страна на 117 држави. Трговијата со луѓе е најбрзо растечка криминална индустрија во светот, со вкупен годишен приход од тргување со луѓе проценет на сума помеѓу 5 и 9 милијарди долари. Советот на Европа наведува: „За време на изминатата декада трговијата со луѓе достигна епидемични размери, со светски годишен пазар од околу 42,5 милијарди долари.” Обединетите Нации проценуваат дека приближно 2,5 милијарди луѓе од 127 различни држави се продавани ширум светот. Жртвите на трговијата со луѓе се врбуваат со користење на принуда, лага, измама, злоупотреба на сила, или директно киднапирање.
Законската рамка во Република Македонија доживеа низа на промени низ годините кои што одеа во прилог на зајакнување на борбата против трговијата со луѓе. Република Македонија во поглед на законодавството што го разви се вброи во земјите кои што ги задоволуваат стандардите за успешно справување со трговијата со луѓе и се искачи на едно завидно ниво во поглед на останатите земји на Балканот. Заедно со Хрватска, Македонија е оценета во групата 1 на извештајот за трговија со луѓе за 2013 на Американскиот Стејт Департмент – земји кои успешно се справуваат со трговијата со луѓе.
Во февруари 2002 година беше дефинирана трговијата со луѓе како кривично дело во Македонскиот кривичен законик (КЗ) поглавјето со наслов „Кривични дела против човечноста и меѓународното право“ со воведување на Член 418-a, став 1 од Кривичниот Законик (КЗ) кој гласи:
“Тој што со сила, сериозна закана доведува во заблуди или други форми на присилба, грабнување, измама, со злоупотреба на својата положба или состојбата на бременост, слабост или физичка или ментална неспособност на друг, или со давање или примање пари или друга корист заради добивање согласност на лице кое има контрола на друго лице или на друг начин врбува, превезува, пренесува, купува, продава, засолнува или прифаќа лица заради експлоатација по пат на проституција или други форми на сексуална експлоатација, порнографија, принудна работа или слугување, ропство, присилни бракови, присилна фертилизација, незаконито посвојување или нему сличен однос или недопуштено пресадување делови од човековото тело,ќе се казни со казна затвор најмалку четири години”.