Во новото издание на „Трилинг“ интервју со Слободан Поповски машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток

Во новото издание на „Трилинг“ беше емитувано интервју со Слободан Поповски машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток. Со Поповски се разговараше за цената и снабдувањето со нафта, импликациите од кризата, гасификацијата на Македонија и најавата за влез на „Казанџи Холдинг“, турска инвестиција која би градела три когенеративни гасни централи.
„Подолг период работев за една голема меѓународна компанија којашто се занимаваше со инфраструктурата на нафта и гас, односно во енергетските објекти, не само на Блискиот Исток. На Блискиот Исток бев присутен подолго време, посебно во Катар и Саудиска Арабија, меѓутоа и во други интересни области земјината топка, што се непосредно поврзани и со нафта и со гас, како на пример Југоисточна Азија, Виетнам, Малезија, но и уште поспецифично, во големите центри во Африка, како Алжир, со најголемата компанија за нафта и гас во Африка – „Сонатрак“, Мароко, Ангола и тн. Јас бев во улога на технички директор на интернационалниот оддел на таа компанија“, изјави за „Трилинг“ Слободан Поповски, машински инженер кој работел на гасоводните и нафтоводни линии во сега воените подрачја на Блискиот Исток.
Прашан како гледа на сегашните состојби на Блискиот Исток, особено околу нафтата, недостигот на нафта, снабдувањето со нафта и гас, Поповски вели дека многу е рано да се направи проценка дека постои некаков тренд.
„Промената на цената кратко траеше и сега гледаме дека насоката е надолу. Траеше неколку дена кога почна конфликтот и кога завладеа таква паника. Големите производители на нафта, а и на гас, што се наоѓаат во тој регион, имаат огромни капацитети чиешто производство така лесно не може да запре, а дополнително на тоа имаат извонредно развиени складишни и преносни капацитети. Јас мислам дека станува збор за моментално прилагодување, кое согласно развојот на настаните, потоа ќе си го заземе природниот тек. Прашање е само какви ефекти, каде и во кои делови на светот ќе има“, вели Поповски.
Прашан за мислење дали смета дека снабдувањето со нафта нема да биде проблем во наредниот период, иако постојано нејзината цена на некој начин „дивее“, Поповски смета дека нема проблем со снабдувањето и прави анализа.
„На светско ниво дневно се трошат околу 100-110 милиони барели, и сега вие велите ги употребуваме резервите од 400 милиони барели. Колку дена би ви обезбедило тоа крпење ако застане се? Битно е колкава е дупката. Е сега дупката, односно недостатокот на енергенс, мислам дека ќе зависи само од фактот колку време и за колку ќе се намали протокот, а моите информации се дека не е многу забавен протокот низ Ормудскиот Теснец, и колку овие 400 милиони што се ослободени ќе го пополнат тоа време. Мислам дека тоа е една резерва не за да се намали недостатокот. Нафта ќе има, деривати ќе има, туку за да се интервенира на цената, бидејќи ако има недостаток тогаш оние што ќе немаат контрола врз ресурсите и изворите, тие економии, фирми, компании, региони и тн. , тие мора да купуваат во тој момент она што е слободно, а тоа се продава на берза и во тој момент тие се најизложени на ризикот дека ќе добијат продукти по највисока, односно берзанска цена“, смета Поповски.
За импликациите врз Европа и регионот, имајќи предвид дека Хрватска и Србија донесоа привремена забрана за извоз на нафта и гориво и дали Македонија требаше да ги следи овие чекори, Поповски вели дека тоа најмногу зависи од резервите.
„Доколку резерви има, тогаш треба да се спречи тие да бидат извезени, бидејќи тие резерви се купени пред постоењето на кризата по некоја цена која тогаш била актуелна. Можеби била многу пати пониска од постоечката. Јас не би знаел дали Македонија има доволно резерви, но она што мене ми падна во очи, е што поведени од паниката којашто се создаде, македонските граѓани придонесоа цената на горивото да биде повисока. Како? Одеднаш се создадоа редици пред бензинските пумпи и сите беспотребно ги наполнија резервоарите, очекувајќи дека ќе се зголеми цената. Тоа значи дека се испразниле резервите и тоа значи дека добавувачите, по новата цена, што во тој момент била актуелна на берзата, истата таа количина што е ставена во резервоарите ја купиле и ја донеле во Македонија. Согласно правилата и законите на регулираниот пазар, таа сметка оди кај Регулаторна комисија и таа веќе е вкалкурирана како нова цена на горивата. И сега додека тие резерви не се потрошат, со новите што се набавија, ние нема да имаме промена на цена, без оглед што цената на светските берзи веќе е подолу. Јасно е дека кога психозата ќе не преземе, рационалноста исчезнува и тогаш се прават услови за секакви погрешни одлуки“, оценува Поповски.
Говорејќи околу најавата за новиот проект и влезот на турската компанија „Казанџи Холдинг“, Поповски смета дека оваа нова инвестиција е решение кое на долг рок ќе биде одржливо.
„Тоа е решение проектирано така да во себе обедини три битни елементи. Прво да обезбеди пристап до извор на енергенсот, односно да го стабилизира снабдувањето. Второ, да ја обезбеди неговата потрошувачка, бидејќи вие ќе го обезбедите изворот, но ако немате потрошувачка, бадијала сте го обезбедиле. И третиот дел е тоа да биде направено со економска логика која што ќе направи прво да се намалат обврските по однос на емисиите и климатските промени. Второ, цените на електричната енергија, топлината, а и природниот гас до домаќинствата да бидат предвидливи и стабилни на многу долг период. Она што е јавно достапно е дека една гасна централа би била во Скопје, во Општина Кисела Вода, на подрачјето на некогашниот ОХИС. Втората локација е во полошкиот регион и третата локација е во Кичево, односно во Осломеј, во рамките на ТЕЦ Осломеј.
Прашан дали во оваа инвестиција ќе учествуваат и македонски компании, Поповски одговора потврдно.
„Ние имаме производител на челични цевки. Имајќи ги предвид царинските односи помеѓу Македонија и Турција, ќе има 15% помалку за плаќање на цевките. Имаме и производител на пластични цевки. Значи имаме компании што може да се справат со тоа. Прашање е сега дали во услови кога има и други инвестиции во земјата, македонскиот сектор ќе има доволно капацитет да се справи со ваков опсег на работи. Инаку да, турскиот инвеститор знае и сака да го искористи сето она што е расположливо на македонскиот простор“, вели Поповски.
(triling.mk)




