Рашковски е притворен за бројни недозволиви дејствија како функционер на Владата. Беше пуштен од притвор со забрана за комуникацијата со другите обвинети ама тој таа забрана ја прекрши. Сега ДКСК го обвинува за уште едно дело – земање на поткуп
Неколку дена пред Новата година ДКСК излезе пред јавноста со иницијатива до ЈО за организиран криминал за Рашковски, генералниот секретар на Владата, за примање награда возило „доџ“ во вредност од над 50 илјади евра. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) ќе поведе иницијатива за утврдување одговорност за Драги Рашковски до Јавното обвинителство за организиран криминал и корупција, за незаконито постапување со цел примање награда – возило.
ДКСК има сомневање за сторено кривично дело од страна на Рашковски по член 359, став 1 и 2 од Кривичниот законик, односно примање награда за противзаконито влијание.
Според Горан Трпеноски, член на ДКСК, кој го образложи овој случај, екс генералниот секретар во Владата, Драги Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски, очигледно тенденциозно, доставувал информација до Владата за градење од страна на гостиварска фирма објекти што се сопственост на државата, која за десеткратно помала цена продала возило на Игор Христов, а тој потоа го подарил на сопругата на Рашковски.
Во анкетниот лист од 05.03.2021 година Драги Рашковски, тогашен секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на програмата за работа на Владата, навел дека со договор за подарок неговата сопруга се стекнала со автомобил марка „доџ“, произведен 2005 година во вредност од 300 илјади денари или околу пет илјади евра, без да наведе дополнителни карактеристики за возилото.
Од документацијата, како што наведе Трпеноски, произлегуваат сомневања за незаконито постапување на Рашковски, со цел примање награда, во конкретниот случај – возило. Од МВР до Антикорупциска биле доставени два договори и тоа за купопродажба на возилото „доџ“ кабриолет склучен на 09.11.2020 година меѓу гостиварска фирма и Игор Христов и договор за истото патничко возило склучен на 10.02.2021 година меѓу Игор Христов и Вероника Рашковска, сопругата на Драги. Инаку, потсети Трпеноски, Христов е и советник во Владата, како и еден од осомничените во случајот со Рашковски за набавка на софтверите.
Трпеноски појасни дека по извршената проверка на пазарот, оваа марка на возило иако е произведена 2005 година чини од околу 50 илјади евра па нагоре, што е, како што рече, десеткратно повисока вредност од наведената цена во договорот.
За оние кои се разбираат што е „доџ вајпер“, нагласи тој, новото возило се движи до сто и кусур илјади евра.
– Од наведеното произлегува дека блиско лице на Рашковски, добила на подарок од Игор Христов возило што вреди околу 50 илјади евра, кое истото го купил за невообичаено ниска цена од гостиварската фирма, која пак имала поднесено барање за спроведување постапка за склучување пред договор за пренесување на правата за градење објекти што се сопственост на државата, доставено до Владата. Тоа води кон сомневање за преземање дејствија спротивни на закон. По извршената проверка откриено е дека на 17.12.2018 година до Генералниот секретаријат на Влада, гостиварскат фирма доставила барање за спроведување постапака за склучување преддоговорот. Во барањето се известува за имот за катастарска Општина Гостивар во вкупна површина од 366 квадратни метри деловен простор, имот сопственост на државата, а со право на користење на УЈП во Гостивар и Централниот регистар – Гостивар, појасни Трпеноски.
Рашковски и покрај укажувањата од Министерството за транспорт и врски за неисполнетоста на законските услови, во повеќе наврати, продолжува со дејствијата.
И покрај негативното мислење на Министерството за транспорт и врски од страна на Генералниот секретаријат повеќепати во текот на 2019 година на дневен ред на седница на Владата била доставена информација со цел преддоговор за пренесување на правата на гредење на гостиварската фирма, по која што, како што рече Трпеноски, се донесени различни заклучоци за овластувања, за потпишување на наведнениот пред договор.
Ако има за пет илјади евра да се купи вакво возило, повика Трпеноски, јас би купил такво возило.
– Тука има доста работа и за обвинителството, за инспекциските служби, за катастар. Како е направен техничкиот пропуст, зошто од 2011 година, кога е донесено решение за приватизација досега не е извршена корекција, рече меѓу другото Трпеновски.
Објектот што се споменува во овој случај во Гостивар, според Трпеноски, најверојатно е влезен и во стечајната маса на пропаѓањето на Евростандард банка и Здружението на оштетени штедачи реагирале за овој случај.
Да потсетиме дека на 22 јули годинава беше објавено дека Обвинителството за организиран криминал и корупција одненадеж побарало притвор за Рашковски зашто веројатно прекршил едната од забраните, зборувал со друг осомничен во случајот „Нелегална набавка на софтвер“ со купување сопствени иновации со буџетски пари. Го фатила Русковска дека збори на телефон со сообвинет, најверојатно преку ОТА која ги следи комуникациите.
Со оглед на забраната од Апелација од 4 јуни која уште е во сила и не е сменета, Рашковски не смее да комуницира воопшто, а пак со другите осомничени ни случајно. Секое кршење на забраната автоматски значи враќање на најстрогата мерка притвор.
Имено, претходно Обвинителството за организиран криминал по неколкумесечна истрага до Кривичниот суд во Скопје поднесе обвинение против поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски и уште шест лица поради злоупотреба на службената положба и овластување и перење пари.
Обвинителството смета дека Рашковски во периодот од јуни 2017 година до февруари 2021 година, со умисла, помогнат од двајца надворешни соработници, ги извршил кривичните дела. „Тој не ги извршил своите службени должности при спроведување на четири постапки за јавна набавка за Систем за биометриска идентификација, јавна набавка на Софтвер за определување на просечна брзина на возила во сообраќајот и изрекување на казни, набавка на стоки – ANPR камери за препознавање на регистарски таблички за возила и јавна набавка на метални кабини за потребите на системот на биометриска идентификација и систем за автоматско препознавање на регистарски таблици“, наведуваат од Обвинителството
Рашковски јавните набавки ги спровел спротивно на начелото за економичност, ефикасност и ефективно користење на јавните средства, утврдени во согласност со прописите што го уредуваат користењето на буџетските средства. Тој дал насоки за изготвување на техничка спецификација за јавната набавка во консултации со подизведувач и со учесници во постапката, во текот на постапката за јавната набавка комуникацијата не ја вршеле со користење на електронски средства преку ЕСЈН, туку лично. Исто така, дефинирал технички спецификации што упатуваат на конкретен патент, не извршил имплементирање и обуки на она за што биле склучени договорите за јавни набавки, со што на четирите економски оператори им овозможил да склучат договори и да се стекнат со корист од 17.474.137 денари.
Случајот со набавката на софтверот од 81.000 евра, кој никогаш не бил ставен во употреба, беше обелоденет на почетокот на март. Покрај овој тендер, во летото 2019 година, Рашковски донел уште две одлуки за јавна набавка за работи потребни за софтверот, иако во тоа време сè уште не бил склучен договор за набавката на софтверот. За злоупотребите на Рашковски се заинтересира и Антикорупциската комисија, која пред неколку месеци го прошири предметот за набавката на софтверот од страна на поранешниот генерален секретар на Владата, Драги Рашковски. Пронајдени беа нови злоупотреби при набавките во Генералниот секретаријат на Владата, вредни 292 илјади евра. Доказите кои што ги имаа антикорупционерите ги доставија до Јавното обвинителство.
Тој исто така склучувал авторски договори со физички лица, кои не ги извршувале работните обврски, а им биле исплаќани месечни хонорари.Тие ги подигнувале парите и дел му враќале на Рашковски. Со тоа е направена штета на буџетот во вкупен износ од 1.320.000 денари.
Исто така, Рашковски во перидот од 05.06.2017 година до 05.05.2021 година, во Скопје, пуштил во оптек 5.378.319 денари, за кои знаел дека потекнуваат од кривично дело, па со намера да го прикрие потеклото на парите, ги пуштал во промет вршејќи готовинска уплата на сопствените сметки и банкарски картички и на сметките на членовите на своето семејство, а исто така предвремено ги исплатил претходно земените кредити.
Нема сомнение дека генералниот секретар на Владата е најцрното петно во кариерата на екс-премиерот, бидејќи Заев се обиде во еден момент да го поддржува.