Многу афери, долични за кафеанско милје со лоша музика и пејачка се случувле во дипломатското милје на Македонија, уште пред да станеме Северна, длабоко во минатото. Но, во тоа снакдалозно друштво никој од претходните министри за надворешни не чепнал а влезените „во тимот“ си опстојувале на позициите! Османи сега најавува чистка
Шефот на дипломатијата вели дека ќе се користат механизмите на НАТО и националните сертификати, како и други инструменти за да се направи целосен ветинг Повод за оваа изјава на министерот за надворешни работи, Бујар Османи, откако претходно беше објавено дека македонски дипломат, кој претходно бил баран со меѓународна потерница е приведен во Србија.
Уапсениот е дипломат кој е на мисија во Виена. Како што објавија повеќето медиуми, станува збор за Миле Миленковски, заменик-шефот на мисијата на ОБСЕ во Австрија.
„Јас презедов серија на мерки и одлуки, во смисла на одлука за отповикување односно повлекување од мандатот и прекинување на мандатот во Виена, мирување на работното време бидејќи законот не дозволува поинаква одлука се до расчистување на состојбата. Меѓутоа, решив да се направи вонреден ветинг на сите дипломати од МНР користејќи ги механизмите на НАТО сертификати, националните сертификати и други инструменти за целосен ветинг на дипломатите со цел да не ни се случат вакви работи-изјави денеска министерот Османи.
Делото за кое се барал дипломатот е сторено во 2018 година, за време на приватно патување во странство. Со него приведен е уште едно лице, поранешен дипломатски службеник. Тие се наоѓаат во екстрадиционен притвор во Србија.
Порталот „МКД.мк“ вчера повикувајќи се на потврди од повеќемина дипломати во МНР, објави дека во случајот станува збор за скандал во кој е инволвирана Ерменија, а Интерпол води истрага.
Засега за вториот дипломат се молчи, во преден план е лицето Миленковски за кого излезе и приказна дека е близок со семејството на Мијалкови, поранешниот шеф на ДБК, сега во затвор. Семејството Мијалкови го демантираше тоа преку Нетпрес.
Српските власти го споменатиот дипломатски двоец на на граничниот премин Прешево, на пат од Виена кон Македонија. Полициската служба на Србија го задржала македонскиот дипломатски службеник Миле Миленковски, кој од неодамна извршува дипломатска служба во македонската мисија на ОБСЕ во главниот град на Австрија. Миленковски потоа бил префрлен во Врање, каде пред неколку дена пак, приведен е и македонскиот дипломатски службеник С.С., кој наводно дошол да се интересира за својот колега. Информациите ги потврдуваат повеќемина дипломати во македонското МНР кои велат дека станува збор за голем скандал, зад кој се тркала крими – приказна во која е инволвирана и Ерменија, а Интерпол води истрага.
Добро информирани извори во МНР велат за порталот МКД.мк дека Србија пртактично постапила по барање на Ерменија која води постапка за случај од пред три години кога тројца наши дипломати, меѓу кои двајцата сега приведени, биле во таа земја, од каде оптатувале со приватен авионски лет, а во авионот се наоѓал и еден висок претставник на претходната ерменска власт, гонет за проневера на големи суми на пари. Името на Миле Миленковски кој со автомобил од Виена патувал за Скопје, се појавило во регистерот на барани лица преку Интерпол.
На почетокот од минатата година Секторот за меѓународна полициска соработка упатил барање до Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР за проверка на податоците поврзани со тројцата дипломати, Миле Миленковски, С.С. (сега во пензија) и В.С. (кои биле во Ерменија, н.з.), а Бирото за јавна безбедност упатило барање за известување до Министерството за надворешни работи. Од МНР се барале конкретни податоци, дали станува збор за дипломати, дали имаат дипломатски пасоши…
Добро информирани извори велат за споменатиот медиум дека по ова постапување случајот се заташкува и дека е можно актуелниот министер Бујар Османи, кој во тоа време бил на друга функција, да не бил информиран, имајќи предвид дека годинава со негов потпис, Миленковски беше упатен како дипломат во македонската Мисија на ОБСЕ. Поконкретно, директорот на Директорот за организациони работи во МНР можеби самоволно, не го документирал интересот на МВР за тројцата дипломати и со тоа веројатно од врвот на Министерството била сокриена содржината на бараните податоци, односно, дописот од посебната служба на МВР, што само по себе е алармантно кога станува збор за дипломатија.
Извори во МНР велат дека тројцата дипломати, кои поседувале дипломатски пасоши, пред неколку години формирале невладина организација за лица со посебни потреби. По наговор на извесен Б.Д., заедно со него со приватен авион отпатувале во Ерменија, наводно за учество на конференција. Од Ерменија Б.Д. не се вратил со авионот, а на неговото мето патувал спомнатиот претставник на претходната власт во Ерменија, наводно со лажен пасош, кого го барала ерменската полиција заради проневера на пари. Случајот е откриен кога ерменските власти го уапсиле фалсификаторот на пасошот со кој политичарот избегал. Била отворена и истрага од страна на Интерпол поради што биле известени македонските служби.
Миле Миленкоски е – потсетува „Слободен печат“ – познат по своите контроверзни потези уште од почетокот на својата работа во македонската дипломатија. Имено, бил осомничен како вмешан во финансиска измама во македонскиот конзулат во Детроит, од каде потоа бил префрлен во Чикаго во август 2011 година, каде според неговата биографија поминал 10 години и 2 месеци. Таму, тој физички се пресметал со генералниот конзул, и потоа е испратен во Вашингтон, по бидејќи постојано предизвикувал инциденти, на барање на поранешниот амбасадор во Вашингтон, Зоран Јолевски е вратен во Скопје. Во 2017 година, Миленкоски се приклучил на Македонската мисија на ОБСЕ во Виена, како заменик на тогашниот амбасадор, Кире Илиовски, но темпераментниот дипломат и со него физички се пресметувал, пишува Коха. Според медиумите од тоа време Илиоски и Миленковски биле братучеди, ама и роднини со Братучедот (знаме, нели на кого се мислело). Во тепачката била вмешана и Василка Тренеска, сопруга на дипломатот Мартина Тренески а тогаш во својство на амбасадор на земујава во Виена. Во секој случај уште тогаш од нашите дипломати, се чини, можело да се состави солидна „рагби“ екипа. Скандалот со ерменскиот политичар за кој деновиве е уапсен во Србија, го извршил додека сега уапсениот бил во Мисијата на ОБСЕ во Виена и непознато е како и покрај сите скандали и инциденти кои ги правел како македонски дипломат во САД и Европа, пред неколку месеци повторно е реизбран на конкурсот на МНР за заменик шеф на Мисијата на Македонија во ОБСЕ во Виена. Многу афери, долични за кафеанско милје со лоша музика и пејачка се случувле во дипломатското милје на Македонија, уште пред да станеме Северна, длабоко во минатото. Но, во тоа снакдалозно друштво никој од претходните министри за надворешни не чепнал а влезените „во тимот“ си опстојувале на позициите! Османи сега најавува чистка. Ќе истрае ли во својата намера?
(Р.Г.)