Последното сведочење на обвинителката Лиле Срефанова, во аферата „Рекет“ исфрли на површина многу ВИП личности од кремот на ВМРО ДПМНЕ, меѓу нив и пензионерите Маневски. Има секако и познати конвертити како што е Наташа Савова, која испратила порака до истражниот тим во аферата „Империја“
Посредниците преку кои се барале информации и се вршел притисок во случајот „Империја“, дојавите дека ќе има претреси и приведувања, латиничната порака од Камчев во која се споменува Наташа Савова…, се меѓу најинтригантните моменти од денешното сведочење на обвинителката Лиле Стефанова
Нови моменти и прашалници фрли сведочењето на обвинителката Лиле Стефанова на аферата „Рекет“ . Таа денеска во судницата во Основниот кривичен суд во Скопје, во улога на сведок, се соочи со својата поранешна шефица Катица Јанева која, пак, е обвинета.
„Не сум скарана, но не сум во добри односи со обвинетата Катица Јанева“, ѝ одговори Стефанова на судијката Васка Николовска-Масевска, која потоа му препушти на застапникот на обвинението да почне со испитување на сведокот.
Наместо Вилма Русковска, која се појавуваше на сите претходни рочишта, денеска во судница прашањата ги поставуваше обвинителката Гордана Смаќоска.
Русковска воопшто не се појави. Таа не ги поставувала прашањата ниту кога Стефанова беше да сведочи во обвинителството кога предметот беше во фаза на истрага.
„Имаше експлицитни разговори помеѓу лицето Орце Камчев и други лица“, рече Стефанова за причините поради кои го отворила предметот „Империја“.
Првичната наредба за истрага, се потсети таа, опфати 13 лица од кои за петмина се барало и бил одобрен притвор. Меѓу нив и за Орце Камчев, кој има двојно државјанство, имот надвор од државата, силно влијание врз сведоци, како и Цветан Панделески, кој, исто така, има имот во странство, но и лична карта со адреса во Грција.
Дојави за апсења и претреси – дојавувачот надвор од СЈО?
„Оваа истрага имаше една специфичност бидејќи за цело време осомничените на некој начин успеваа да дознаат што презема СЈО и за предлозите за мерката притвор, а претходно и наредбите за претрес. Јас лично, а убедена сум и Катица Јанева, ги чувавме во најголема тајност“,
рече Стефанова.
Истрагата и првите барања за притвор и претрес се случија на 9 ноември 2018 година. Ноќта претходно, околу 23 часот, кругот на луѓе што знаеле што ќе следува утредента се проширил со лица од МВР. Наредбата за претрес, пак, како што потоа рече Стефанова, била потпишана од судијката на претходна постапка Весна Димишкова.
Името на нејзиниот брат, адвокатот Васил Димишков, пак, беше споменувано од брачната двојка Орце и Ана Камчеви како лице кое прво стапило во контакт со нив, ги известило за ПИ-мерките и ја дало првата понуда.
Сепак, Стефанова рече дека не знае кој ја дал информацијата, но тврдеше дека не „протекла“ од СЈО. Понатамошниот синџир, како се проширила информацијата до осомничените, според сознанијата на обвинителката, почнува од Сашо Мијалков, кој ја пренел до Ненад Јосифовиќ, тој му кажал на Зоран Милески-Кичеец, а Кичеец го известил Камчев. Сите, освен Кичеец, се осомничени во „Империја“.
„Кога истражителите влегле кај Камчев, бев информирана дека тој ги чекал спремен, облечен. Тука бил и Зоран Милески-Кичеец, а била спремна и неговата сопруга. Тоа беше во 6 часот наутро“,
сведочеше обвинителката која рече и дека сефот во домот на бизнисменот бил испразнет, а пронајдените телефони не биле стари туку штотуку ставени во употреба.
Слично било и во канцеларијата на Ненад Јосифовиќ во „Орка холдинг“. Таа била „средена“. Таму биле и поранешниот министер за правда од ВМРО-ДПМНЕ, Михајло Маневски и неговата сопруга, пензионираната судијка Фимилена Маневска.
Емисарите на Камчев и Панделевски
Еден од поинтригантните моменти што ги спомена обвинителката Стефанова во своето сведочење се однесува на емисарите преку кои се правел притисок за „Империја“.
„За цело време на предистрагата и истрагата, најмногу Камчев и Панделевски бараа начин како да влијаат на истрагата. Праќаа разни емисари, политичари, бизнисмени, судии, обвинители. Сите тие обиди беа неуспешни и кај мене и кај Катица Јанева, тоа го тврдам. Ви ниту еден момент во предистрагата ниту во моментот кога се отвори истрагата Јанева не покажала дека сака да им ја олесни положбата на лицата или да влијае врз мене“, рече Стефанова.
Помеѓу „емисарите“ обвинителката ја посочи и судијката Добрила Кацарска, која, како што рече, цел ден била во судот кога се одлучувало за притворот на Камчев.
„Да, можам да кажам и кој судија е. Станува збор за Добрила Кацарска. Таа не се јавила лично кај мене, туку кај мој колега“, рече Стефанова одговарајќи на прашањата од Сашко Дукоски, кој е адвокат на Бојан Јовановски-Боки 13.
Кацарска во изјава за „Фокус“ денеска го демантираше дека правела притисоци и најави дека размислува за тужби. При нејзиното последно појавување во јавноста, судијката зборуваше за блискоста со Камчеви и дали ѝ барале правни совети поврзани со предметот „Империја“ или предметот „Рекет“.
„Верувам дека дел од јавноста нема да ми верува, но јас сум судија со долгогодишно судиско искуство и јас секогаш зборувам само со факти и ја зборувам вистината. Орце Камчев има тим од адвокати. Нема потреба мене да ме прашува. Втора работа – верувајте ми дека мене самите тие ме држат настрана и од предметот „Рекет“ и од предметот „Империја“. Не сакаат да ме поврзуваат мене со тие предмети. Значи, лично тие мене ме заштитуваат. Така што, во ниеден момент, ова го тврдам и каде сакате ќе го повторам – во ниту еден момент Орце Камчев не побарал од мене ниту еден правен совет“, рече Кацарска при гостувањето во „360 степени“ на 12 декември.
Улогата на Наташа Савова
Уште еден од поважните моменти што ги спомена Лиле Стефанова во своето денешно сведочење, е пресвртот во односот на Јанева кон предметот „Империја“. До него доаѓа во декември 2018 година. Тогаш, истекува мерката притвор од 30 дена која со отворање на истрагата ја добија осомничените бизнисмени.
„Јанева почна да бара повеќе информации, што јас сметав дека е нормално. Ја повикуваа во емисии, се распрашуваа новинари и не гледав ништо чудно во тоа“, рече Стефанова.
Во тој период, во дејствијата на приказната, според сведочењето, се вмешува и блиската соработничка на Камчев, Наташа Савова.
На 20 ноември обвинителката побарала Камчев да биде спроведен од притвор до СЈО. Во еден момент, кога стручниот соработник го носел неговиот адвокат во собата за распит, Камчев од џебот извадил лист хартија на чиј врв било логото на „Систина“. На листот имало текст на македонски, но и порака на латиница.
„Камчев ми рече прочитај го латиничниот текст, тој текст ми е напишан од Наташа Савова“, раскажуваше Стефанова.
На листот, според нејзиното кажување, пишувало дека за него и за Сашо Мијалков, во пакет, ќе се преземат определени мерки за да излезе од притвор за кои ќе се погрижи Наташа Савова.
Веднаш по ваквото сведочење се огласи и Савова. Во изјава за „Фактор“ таа вели дека тврдењата на Стефанова се паушални. Савова не ја спомнува пораката на латиница и наместо тоа ја обвинува обвинителката дека има лоша репутација и се сомнева дека Стефанова има негативен став кон неа уште од поодамна.
„Единствено што е сигурно од денешното појавување на обвинителката е дека најверојатно поради, како што и самата денес изјавува – колегијалност помеѓу фелата треба да е среќна што седи на клупата на сведоци, а не на обвинети“,
вели Савова.
Законот за ЈО и уставните измени во „Империјата“ на Камчев
Околу еден месец по пораката од Камчев во која се споменува Савова, на 27 декември 2018 година, бизнисменот и другите осомничени во „Империја“, кои се наоѓаат во притвор, затворот во Шутка го заменуваат со куќен притвор. Во пресрет на оваа одлука што ја донесе Апелација, следуваше позитивно мислење од СЈО за замена на мерката. Според денешното сведочење, во образложението кое било давано од специјалната обвинителка во целиот случај „Империја“, било вплеткано и донесувањето на законот за јавно обвинителство.
„Во тоа време беше актуелно лица да бидат пуштани од притвор заради некакви гласања во Собранието и на средината на декември Катица Јанева нè повика во својата канцеларија. Ја образложуваше темата околу лобирањето за законот за јавно обвинителство и рече: ‘Лиле, еве ти ги петте предлози што ги имаш дадено за да се одбие жалбата за притвор, ќе ги преиначиш и ќе напишеш на овие осомничени наместо притвор да им се определи куќен притвор. Тоа истото ќе го направиш и за Миле Јанакиески и за Кирил Божиноски, како и за Сашо Мијалков’“,
раскажуваше Стефанова потенцирајќи дека Мијалков во тој период бил во притвор за предметот „Титаник 2“ и затоа немал мерки во случајот „Империја“.
Обвинителката, како што кажа, се спротивставила, а шефицата Јанева дрско ѝ одговорила дека тоа е важно за процесите во државата и за носењето на законот за ЈО.
По ова, двете ретко се гледале и комуницирале. Друга конфронтација што ја имале била на колегиум на 16 април.
„Јанева се обрати кон мене и рече: ’Ти, Лиле, да му го дадеш пасошот на Орце Камчев, приговори не сакам. Ќе даде гаранција од 3,5 милиони евра, без разлика дали имотот е под хипотека или не, да му дадеш позитивно мислење’. Исто ни рече ‘и ти Лиле и ти Бурим да направите извештај колку треба да се плати штета од осомничените во Империја и Поштенска банка и тука да се затвори предметот, без да се оди во затвор’“, рече Стефанова.
Стефанова не подготвува позитивно мислење, а во мај зема два дена годишен одмор. Тогаш било издадено мислењето. Дека Камчев добил времен пасош дознала кога целата јавноста го виде на „Фајнл фор“ турнирот од ракометната Лига на шампиони кој се одржа на 1 и 2 јуни 2019 во Келн.
Нервозата на Јанева наспроти задоволството на Фрчкоска
Сведочењето на Лиле Стефанова, според реакциите, не ѝ се допадна не нејзината поранешна шефица Катица Јанева. Наспроти тивката поранешна обвинителка во улога на обвинитена, како што беше во досегашниот тек на судењето, Јанева денеска реагираше бурно.
„Гомнарка, ороспијо“ беа зборовите кои таа ѝ ги упати додека Стефанова се подготвуваше да ја напушти судницата.
Но, пред неа од судница со полициска придружба и во солзи излезе Јанева, бидејќи, судијката ја избрка.
Нејзиното однесување не го оправда адвокатката Ирена Фрчкоска, која генерално е задоволна од сведочењето на Стефанова бидејќи, според неа, се покажува дека Јанева не презела ниту едно противзаконско дејствие и дека не е поврзана со она што ѝ се става на товар.
Единствено не е задоволна во еден дел од исказот, каде што Стефанова го менува ставот за случувањата со предметот „Империја“. Се чини, рече Фрчкоска, дека исказот се менува за да биде во полза на обвинението.
Наспроти неа, Стефанова во судница рече дека нејзиниот став е ист отсекогаш.
Стефанова е втора обвинителка која сведочи во предметот „Рекет“. Утре како сведок треба да се појави обвинителот Бурим Рустеми, кој ја води истрагата за предметот „Поштенска банка“.
(Што се случуваше на досегашните прочитајте во сумираните извештаи на „360 степени“J