Што да се каже во ова наше време кога, се чини дека, настапил самрак на македонизмот и, кога на пиедесталот се издигаат или туѓи херои, или наши лажни патриоти, за некој, на кого, како што велеле старите Латини, му било „пријатно и чесно да умре за татковината“? / Dulce et dacorum est pro patria mori/ Што да се каже за почитта кон македонските херои од минатото, во ова наше време, кое пати од програмирана и исфорсирана колективна амнезија за сопственото минато и општочовечките доблести?
Д-Р АЛЕКСАНДАР ЛИТОВСКИ
„Секој пат е само пат… Испитај го внимателно секој пат… А потоа запрашај се себе – и само себе! Има ли овој пат срце!? Доколку има, тој пат е добар, доколку нема, залудно е да го арчиш животот на таков пат.“
Карлос Кастанеда
Животот на Ирина Гинова – Мирка, учителката од воденското село Русилово, е прекрасен пример за „филозофијата“ на Карлос Кастанеда! Таа, надвор од секакво сомневање одбрала како својот животен пат – пат со срце!
Но, најблаго речено, патот со срце, во овој несовршен и бесчувствителен свет, секогаш е пат со ризик – за сопствениот живот! Во Егејскиот дел на Македонија во четириесеттите години на минатиот век, дури со највисок можен ризик!
Имено, Егејскиот дел на Македонија, по повлекувањето на германските трупи од Балканот, бил местото од кое правдата, вистината, добрината, љубовта, сочувството, пристојноста биле целосно протерани. Вообичаени, па дури и озаконети, биле теророт, лагата, лицемерието, завидливоста, корупцијата, нечовечноста… Црни легиони на смртта, формирани од официјална „демократска“ Атина, составени од довчерашни припадници на ордите од соработниците на германскиот окупатор кои ги извршиле масакрите во Катраница, Клисура, Бер…, повторно крстосуваа низ Егејскиот дел со цел да ги сотрат оние кои сè уште чувствувале и најмал стремеж за слобода и, особено, оние кои имале македонско национално чувство.
Затоа, тогаш во Егејскиот дел на Македонија, сите чувства биле опасни по живот и – директно убивале! Но, таму и тогаш, најопасно и најсмртоносно било некој да има македонско национално чувство и тоа јавно да го манифестира.
Мирка Гинова веќе прекалена во антиокупаторската борба, и во ова лошо време за чувствителните, одбрала да го следи патот што има срце! Набрзо по формирањето на Народноослободителниот фронт на Македонците од Егејскиот дел на Македонија стапила во неговите редови и со сите сили работела за извојување на слободата и националните права за својот народ. Според сочуваните историски сведоштва, била исклучително скромна и чесна, сочувствителна и добра, правдољубива и храбра. Била, едноставно речено, многу чувствителна. Сето тоа, ја правело да биде сакана од соборците и народот во Воденско. Но, сето тоа, ги правело шансите да преживее сосема минимални, па дури еднакви на нула. Можеби е грубо да се рече, ама сепак, Мирка со своите чувства била „жив труп“! Мртовец што се движи! Стиховите на Пабло Неруда: „ја имам својата смрт спремна, како облека / што ме чека, во боја што ми се допаѓа…“ нејзе сосема, сосема ѝ прилегале. И не дека таа не го знаела ризикот. Напротив, била целосно свесна за него. Начинот на кој се однесувала кога била заробена, мачена, судена и убиена, на најјасен начин покажува дека Мирка била спремна да го прифати ризикот за сопствениот живот.
Имено, таа стоички ги издржала сите мачења! А, оѕвереноста на оние човечки изроди што ја измачувале била изразена до крајни граници. Мирка била долготрајно, шеснаесет дена, севезден тепана, ѝ биле откорнати ноктите, ѝ биле ставани варени јајца под мишките и, потем, ставана сол на отворените рани… И, ако намерата на мачителите била да го убијат достоинството кај Мирка, да ја отчовечат, да ја направат да се откаже од своите чувства и идеали, односно да се откаже од „патот на срцето“, а потем, таква да ја покажат пред народот, тогаш тие целосно не успеале. Мирка, заедно со останатите заробени соборци, со гордо крената глава, дефилирала низ улиците на Воден и селата во Воденско. Пред судот во Ениџе–Вардар изјавила „Јас сум Македонка и сум горда за тоа. Не убив никого, но се борам еден ден Грција да стане слободна татковина за сите Грци и Македонци. И ние, Македонците, да бидеме слободни, да го зборуваме својот мајчин јазик, да имаме свои училишта, да нема повеќе затвори и рициново масло… Може ќе ме стрелате, но не се плашам…“ А, непосредно пред да биде стрелана, на 26 јули 1946 година, рекла: „Умирам за нешто во кое верувам со сета душа, како чесна, а не како нечесна, за поарен живот на другите…“
Мирка Гинова недвојбено и непорекливо, покажала и докажала дека родуљубието, вербата, љубовта, честа, достоинството иако не се материјални, сепак се единствено вистински и трајни и, оттаму, едиствено вредни на нив да се потроши она што може да се нарече човечки живот. И, уште еднаш, покажала, дека искрената љубов кон татковината /а и љубовта воопшто/ е највистинска, најубава, најсилна најверодостојна, и можеби, единствено реална, кога за неа се плаќа со – саможртва!
Заборавањето е храна на злото!
Што може, во ова, наше, денешно време, во кое ретко кој има сопствен идентитет, ретко кој обрнува внимание на сопствените чувства, уште поретко некој се запрашува за сопственото човечко достоинство и, во кое, најретко се размислува за сопствената слобода, што може, во едно такво време, да се каже за некој кој имал свој „пат со срце“, свој идентитет и чувства, за некој кој имал свое национално и човечко достоинство и желба за слобода за себе и својот народ? Што да се каже во ова наше време кога, се чини дека, настапил самрак на македонизмот и, кога на пиедесталот се издигаат или туѓи херои, или наши лажни патриоти, за некој, на кого, како што велеле старите Латини, му било „пријатно и чесно да умре за татковината“? / Dulce et dacorum est pro patria mori/ Што да се каже за почитта кон македонските херои од минатото, во ова наше време, кое пати од програмирана и исфорсирана колективна амнезија за сопственото минато и општочовечките доблести?
Може да се молчи!
Но, може и да се праша, каже и укаже!
На пример, може да се постави прашањето: Можеме ли да заборавиме? И, потоа, може да се укаже: Додека сме Луѓе – не! Оти, сè додека имаме разум и срце – не можеме да заборавиме! Едноставно и неотповикливо – Човекот е суштество што помни! Или, со други зборови, незаборавот е суштината на човекот, заради која се разликува од животните.
Натаму, може да се праша: Зошто да заборавиме? Дали заради ситните дневнополитички и идеолошки интереси? Дали заради пораките од минатото по кои највисоките и најтрајните вредности се нематеријални, духовни, а со тоа не се во согласност со малоумната и обессрцена трка по пари и имоти? Или, само малку поинаку: Дали тие пораки од минатото се директно спротивни на владеачката филозофија на екстремен егоизам по кој човекот е само „компјутер“ за пресметување на личниот интерес? И може да се укаже дека, сепак, секогаш останува и опоменува прашањето на Сократ: „Што вреди да го добиеш целиот свет, ако ја загубиш сопствената душа?“
И на крајот, може да се постави прашањето: Каде со заборавање? Во светла и богата иднина, ама со ампутирани човечки вредности и чувства? Тоа, едноставно, е неможно! Заборавањето е храна на злото! Само со заборавање, љубовта, добрината и убавината можат да пропаднат. Или, поинаку, само со заборавање може да ни се повторуваат неубавите, злобните и ѕверските нешта од минатото. Со заборавање иднината секогаш е темна, несреќна и тегобна.
И бидејќи се ближи денот кога треба да се одбележи шеесетгодишнината од гибелта на Мирка Гинова, однапред и правовремено да потсетиме!
Да се заборави да ѝ се оддаде достојна почит и благодарност на Мирка Гинова, која неизмерно го љубеше својот македонски народ и својата татковина – Македонија, значи дека го преминавме долниот праг на човечкото и национално достоинство и слеговме во сферата на сопствена духовна и национална деградација. Оти, најверојатно, на овој свет не постои ништо победно од немањето благодарност и почит за подарената љубов и ништо подолно и погнасно од невозвратената љубов!
И, затоа, и во ова наше мизерно време на програмирано заборавање, никако не смееме да дозволиме, молкот и тишината да ги покријат вистинските херои и вистинските вредности. Мораме да се сетиме на нив, да ги одбележиме и им оддадеме почит, за да изградиме и живееме во похуман и подобар свет. За таа хуманистичка градба, помеѓу останатите, секако, неопходна ни е Ирина Гинова – Мирка. Неопходна, за да научиме, со нашето сопствено срце да го одбереме патот по кој ќе одиме и така, во координатите на Карлос Кастанеда, да не го поарчиме животот залудно!
(Текстот е објавен во мај 2006 година и во книгата „Пофалба на македонизмот“ во 2007 година)