Рускиот опозициски лидер почина во затвор во оддалечена област во близина на Арктикот. Причина – необјаснива. Трупот по кого дојде да го земе за закоп неговата мајка Људмила, го нема
Најистакнатиот руски опозициски лидер во последната деценија, Алексеј Навални, почина во затвор во оддалечена област во близина на Арктикот, соопшти пред неколку дена државната затворска служба.
Навални беше најжестокиот критичар на рускиот претседател Владимир Путин и отслужува 19-годишна затворска казна за екстремизам, за кој се знае дека е политички мотивиран процес.
На крајот на минатата година, 47-годишниот Навални беше префрлен во затворска колонија на Арктикот, една од најтешките во Русија. Неговата сопруга Јулија ја повика меѓународната заедница да „помогне да се казни режимот“ во Русија. Еден од најблиските соработници на Навални, Иван Жданов, шеф на Антикорупциската фондација, рече дека е „многу веројатно“ дека лидерот на опозицијата е убиен и дека „убиството навистина се случило“.
Затворската служба на регионот Јамало-Ненец соопшти дека се уште не е утврдена причината за смртта, пренесе руската новинска агенција Тас.
За Навални беше кажано дека „не се чувствувал добро“ откако прошета низ затворот во петокот „Речиси веднаш ја изгубил свеста“, се вели во соопштението на службата. Била повикана брза помош, но обидите за реанимација биле неуспешни, се додава во соопштението. Лекарите од итната помош констатирале смрт на затвореникот. Причината за смртта се утврдува“.
Леонид Соловиев, адвокатот на Навални, за руските медиуми изјави дека се’ уште не сака да ја коментира веста,
Неколку часа подоцна, десетици московјани положија цвеќе пред споменикот на жртвите на политичката репресија спроти зградата Љубјанка, некогашната централа на озлогласената руска тајна служба КГБ. Руските власти ги предупредија граѓаните да не се собираат на протести, а неколку лица се приведени во Москва, Санкт Петербург и Нижни Новгород.
Навални последен пат е виден само еден ден пред неговата смрт – изгледал добро и се смешкал за време на сослушувањето преку видео врска.
Јулија Навалња, на работ на солзи, предупреди дека веста за смртта доаѓа од несигурен државен извор. „Но, ако е вистина, го познавам Путин, сите негови сојузници и пријатели, неговата влада, тие знаат дека ќе одговараат за она што го направиле – и тој ден ќе дојде побрзо отколку што мислите“, рече таа во Минхен.
Во својата последна објава на Инстаграм до сопругата, Навални напиша дека иако ги делат илјадници километри, „те чувствувам до мене секоја секунда“.
Семејството Навални има две деца, ќерката Даша, која студира во Америка и синот Закар, кој сè уште оди на училиште.
„Не сакам да слушам никакво сочувство. Го видовме во затвор на 12 февруари. Тој беше жив, здрав и среќен“, изјави мајката на Навални Људмила.
Руските државни ТВ канали само накратко известуваа за смртта на Навални, иако во еден извештај на RT се споменува дека причината за смртта е – тромбоза. Овој извештај го стави под сомнеж московскиот лекар Александар Полупан, кој претходно го лекуваше Навални, велејќи дека таква дијагноза може да се постави само по обдукција.
Леонид Волков, близок соработник на Навални, на социјалната мрежа Х напиша: „Руските власти објавија признание дека го убиле Алексеј Навални во затвор“.
„Нема шанси да потврдиме или докажеме дека тоа не е вистина.
Само неколку минути по објавувањето на веста за смртта на Навални, многу светски лидери излегоа да му оддадат почит на најпознатиот руски критичар на Путин.
Франција објави дека платил со својот живот за отпорот на руската „репресија“, додека норвешкиот министер за надворешни работи рече дека Москва сноси огромна одговорност за смртта на Навални.
Американскиот претседател Џо Бајден предупреди дека доколку се потврди веста за смртта на Навални, одговорноста е на Владимир Путин. „Она што се случи е уште еден доказ за суровоста на Путин“, рече Бајден.
Дмитриј Песков, претставникот за печат на Владимир Путин, само накратко изјави дека „претседателот бил информиран“ за смртта на Навални за време на посетата на градот Чељабинск.
Медицинските експерти мора да утврдат што е тоа“, рече Песков.
Шефот на британската дипломатија Дејвид Камерон рече дека „по она што се случи, никој не треба да се сомнева во застрашувачката природа на режимот на Путин во Русија“.
Повеќето противници и критичари на Владимир Путин ја напуштија Русија, но Алексеј Навални се врати во јануари 2021 година, по повеќемесечно лекување. Во август 2020 година, тој беше отруен со нервен гас Новичок на крајот од патувањето низ Сибир. Неговиот тим успеал да организира лет за Германија каде Навални беше подложен на специјален медицински третман. Штом се вратил во Москва, веднаш бил приведен. Следните 37 месеци ги помина во затвор.
„Огромна одговорност лежи на нас… да ја продолжиме неговата работа достоинствено… и секогаш да останеме храбри и смели како него“, рече Марија Певчик, една од блиските соработници на Навални.
Навални со години се обидуваше да го предизвика Владимир Путин пред гласачите, но во 2018 година му беше забрането да учествува на претседателските избори.
Во март се одржуваат претседателски избори во Русија, каде Путин нема да има значаен противник.
Борис Надеждин, политичар кој се противи на војната во Украина, не смее да учествува на изборите поради наводни нерегуларности во потписите за поддршка на неговата кандидатура.
(продолжува)