АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Ленин велеше дека една организирана банда од десетмина е посилна од маса од 100 000 луѓе и тоа се уште важи и не е исклучено, низ устата на Бачев, да зборува шефот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски, кој има и некои други адути (фамозните меници), а згора на тоа и добро знае кои пратеници би можеле да му се – одметнат.
Јако Бачев со неговата „Единствена Македонија“ не сака НАТО, ЕУ и Договор со Грција кој отвора пат кон евроатлански интеграции затоа што бришат „вековно име“, „обезличуваат“ идентитет и национална посебност. Тој им се закани на оние пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои, евентуално, би гласале во парламентот за Договорот со Грција: подразбира и менување членови во Уставот на РМ. Како што изјави, тие пратеници-предавници немало да стигнат ни до „границите на државата“ до колку би гласале. Се разбира, живи.
Што значи заканата на Јанко и неговата „Единствена Македонија“? Таа значи дека вистинската, возвишена, божја правда е во во рацете на неговата „Единствена Македонија“, а пак онаа правда што сега се дели по судовите на РМ, пред кои одговараат пастир Николе Груеску и ликови од Фамилијата, како и оние 27 од „крвавиот четврток“ е – сомнителна, поправо неправда.
Што значи, уште, кога човек со неговата партија, мала или голема, легална или не, зема правда во свои раце и потоа ја прогласува за вистинска, возвишена и божја? Тоа значи дека тоа што е пожелно (desiré) за мене, јас го прогласувам за пожелно за сите (desirable) како што објаснува големиот писател Албер Ками во својата книга „Побунетиот човек“ (L’homme révolté, 1952).
Како, потоа, се спроведува таа вистинска, возвишена и божја правда до која држи „Единствена Македонија“ на Бачев? Таа се спроведува со пиштол и кама пред кои се колнеа членовите на Организацијата (ВМРО) на Делчев, но и оние (во наше време), кои упаднаа во парламентот на 27. 04. 2917., а сега одговараат за „терористичко загрозување на уставниот поредок“. Значи, просто речено, терот и терорирзмот е средството со кои се спроведува некоја/секоја вистинска, возвишена и божја правда.
Може ли да се рече дека „Единствена Македонија“ на Бачев прибегнува кон терор и тероризам кога предупредува некои легитимни пратеници од ВМРО-ДПМНЕ дека нема да стигнат ни до „границите на Македонија“ ако помислат да гласаат за Договорот на Заев и Ципрас? Може! Иако, во конкретниов случај, станува збор за еден терор со зборови (вербален). Иако е, сега засега, замрзнат и врзан со јажето на едно „ако.“
Добро, ќе се рече, тој Бачев е безначајна фигура на нашата политичка сцена како и неговата „Единствена Македонија.“ Тој мора да се служи со силни зборови ако сака некако да дојде „до израз.“ Потоа, кон силни зборови често прибегнуваат и големите, активни играчи на нашата политичка сцена, а пак тие силни зборови не се далеку од вербалниот терор. Најпосле, силниот збор не само што пали кај обичниот свет кој решава за тоа дали вие, на пример, ќе бидете пратеник или не, туку тој е само намера, а не – дело. Тоа што оној Бачев им се заканува на некои од ВМРО-ДПМНЕ може, но не мора да значи дека тој ќе ги спореведа во дело своите закани.
Има место да потсетиме тука на некои закани од регистарот „вербален терор“ кои набргу се претворија во крвави дела и кои сè уште ни се во свежо сеќавање. Не многу по парламентарните избори во 2016 пастир Николае Груеску прибегна кон серија митинзи на кој го потсетуваше народот на Македонија „да не седи дома, со влечки пред телевизор“, да си ја земе судбината на Македонија во свои раце, затоа што неговото ВМРО-ДПМНЕ веќе не било во состојба да си ја брани и одбрани државата.
Што уследи по тој јавен повик на пастир Никала на сеопшто, народно „востание“ против сите оние што ја загрозуваат државата, кои можат да направат некоја коалиција (Заев, Ахмети, Села), да му ја земат власта од раце и така да го „дефакторизираат“ ВМРО-ДПМНЕ како изблик и отелотворение на „народната волја“? Уследија низа „патриотски здруженија“ (Велес, Куманово, Прилеп) во кои се кристализира „народната волја“ и кои, во асистенција со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, со ликови од УБК и МВР (Чавков и блиските до него) направија крш во парламентот со многу крв, скршени глави и претепани до смрт „предавници“ на светата македонска кауза.
Так нормальная, зборовите-закани на Јанко Бачев ни оддалеку немаат иста тежина како зборовите – повик на „востание“ на пастир Николае. Неговата „Единствена Македонија ни оддалеку не може да се споредува по структура, човечки „ресурси“ и пари со ВМРО-ДПМНЕ. Најпосле, тој нема в раце некоја полиција и војска (преку Иванов) како што имаше, во тоа време, Николае Груеску кој повикуваше на сеопшто, народно „востание“ за спас на државата.
Иако немааат, тие зборови не треба да се примаат „туку-така“ од многу причини. Ќе укажам, при овој повод, само на две: а) Ленин велеше дека една организирана банда од десетмина е посилна од маса од 100 000 луѓе и тоа се уште важи и б) не е исклучено, низ устата на Бачев, да зборува шефот на ВМРО-ДПМНЕ Мицковски кој има и некои други адути (фамозните меници), а згора на тоа и добро знае кои пратеници би можеле да му се – одметнат.
Смутное время. А во такви, смутное время, навидум наивната закана на Бачев ја има тежината на онаа на пастир Груеску, чии дела ги знаеме.