Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

„СОБЛЕЧЕНИ ..“ – ИЗЛОЖБАТА КОЈА ЈА ПЕИСПИТУВА ПОЛОЖБАТА НА ЖЕНАТА ВО ВОСВЕМЕНОТО ОПШТЕСТВО

March 9, 2020 Filed Under: Ревија

„Соблечени, женскиот акт како контекст“ е насловена изложбата која ќе биде отворена в четврток, на 5 март во 19.30 часот, во Чифте амам во Националната галерија. Со поставката се величи жената како неисцрпен мотив, а ќе бидат изложени дела на значајни творци од колекциите на Галеријата.

ЉУПЧО ЈОЛЕВСКИ

АНА ФРАНГОВСКА Актот, а пред сè женскиот акт, отсекогаш бил една од доминантните теми во уметноста

Националната галерија на Македонија трета година по ред се вклучува во одбележувањето на Меѓународниот ден на жената, 8-ми Март. Овојпат со изложба чај наслов е „Соблечени, женскиот акт како контекст“, која беше отворена на 5-ти март, во 19 и 30 часот, во објектот Чифте амам во Скопје.

Поставката вклучува женски актови изработени од автори од поранешниот југословенски простор – од колекцијата од поранешните југословенски републики, како и дела од македонската колекција. Така ќе бидат претставени актови или полу-актови од ликовни уметници како Влахо Буковац, Петар Палавичини, Фрањо Кршиниќ, Тома Росандиќ и други, како и од македонските класици Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димо Тодороски, Борка Аврамовска, Спасе Куноски, Боро Митриќески, Иван Велков … и сè до оние со концептуален дискурс од помладите автори, како Ирена Паскали и Атанас Ботев.

„Како институција од областа на музејско – галериската дејност, први а можеби и единствени, пласиравме концепт во насока на одбележување на овој меѓународен ден. Оваа година ја вклучивме колекцијата на Националната галерија со што нудиме видливост и афирмација, како на делата така и на авторите до пошироката публика“, порачува д-р Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија, во пресрет на отворањето на Изложбата.

Ана Франговска, кураторката на проектот, во текстот за каталогот на „Соблечени, женскиот акт како контекст“ пишува дека „актот, а пред сè женскиот акт, отсекогаш бил една од доминантните теми во уметноста, како инспирација, како форма, како концепт и уметничка мистика“. Таа појаснува дека и во 20, а и во првите две декади на 21 век, оваа тема е сè уште непресушна инспирација за уметниците.

„Секако дека со развојот на новите технологии, со усложнувањето на критичката мисла, во процесот на „губење“ на границите на дисциплините, се следат разновидни стилови, уметнички пристапи, дискурзивни разгледувања, проблемски групирања, родови интерсекции, нови дисциплини, мултимедијалност итн., но тематот АКТ не изумира“, ќе констатира Франговска.

САВА ШУМАНОВИЌ Амамот е една о попознатие слики на познатиот српски сликар

Таа и со дополнување дека „претстави на актови се презентираат на ѕидовите од сите светски музеи. Дека тие се дел и од нашата културна историја, почнувајќи од Големата божица, Вилендорфската Венера и голем број други артефакти кои ја слават плодноста, преку класичната уметност на Античка Грција, Рим, потоа ренесансата, уметноста на подоцнежниот академизам од XVII век, и сè до најрецентните рефлексии на оваа проблематика – од Венера од Урбино, преку Енгровите актови, сè до современите актови во акциите на Gerila Girls, актот инспирирал, возбудувал и разгневувал“.

Наспроти ова сепак, како што потенцира, сè уште, обичниот набљудувач појавува резигнираност во комуницирањето со ваквите дела, со срам, со презир, со неодобрување. Забележува дека и во новиов век, во кој сè е на дофат на раката и окото со дигиталните технологии и сè чини дека повеќе ништо не може да нè шокира, сè уште постојат пречки и бариери, се повредуваат туѓи религиозни чувства, родови чувства итн. Дека дури и едукативните програми за најмладите се исклучуваат, бидејќи делата обработуваат „табу“ тема. Од таму таа смета дека за некого, голотијата е сè уште проблем, а тоа е најприродното сведоштво на нашата егзистенција. Впрочем, човекот голем дел од својот живот го поминува без облека.

МАРТИНОВСКИ Акт и цвеќе, едно од поставените дела на мартиновски

„Целта на оваа прикладна изложба е да се стави акцент на жената и на женската убавина, но не само од естетски аспект, туку одново да се преиспита нејзината позиција во современото општество, нејзината злоупотреба во капиталистичкиот консумеризам, нејзината слобода на движење и однесување, како и на одбирање да биде тоа што е, било домаќинка, мајка, кариеристка, феминистка, заводничка, придружничка, припадничка на LGBT-заедницата итн. Да ја испитаме одново свесноста за слободата на изразот, за предрасудите кои ги имаме или сме ги наследиле, за табуизирањето на одредени нешта и за спремноста да ги приближиме значенските јадра на одредена тема до публиката, дури и до најмладата. Изложбата не теоретизира, не кластира, не сондира, туку едноставно ги прави достапни овие дела за тие самите да го едуцираат, наоструваат и софистицираат вкусот на реципиентот. Чувствувајте, уживајте, размислувајте, концептуализирајте“, вели кураторката Ана Франговска.

Filed Under: Ревија

ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС
ПРЕВИРАЊА ВО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА: СОЈУЗНИКОТ НА ТРАМП ВО ПОЛИТИЧКИ ПОДЕМ
ТАНЦОТ ЗБОРУВА КОГА ЗБОРОВИТЕ МОЛЧАТ – ТАНЦ ФЕСТ СКОПЈЕ ГО ОТВОРИ СВОЕТО 21. ИЗДАНИЕ

Најново

  • ГЛОБАЛНО ИСТРАЖУВАЊЕ: КАКО ВИ ОДИ РАБОТАТА?
  • ИЗЛЕЗЕ НОВИОТ ИЗВЕШТАЈ НА РЕПОРТЕРИ БЕЗ ГРАНИЦА: МАКЕДОНИЈА ИМА ПАД ОД ШЕСТ МЕСТА, СРБИЈА НА МИНИМУМ
  • ЦРВЕН КРСТ: ХУМАНИТАРНИТЕ ОПЕРАЦИИ ВО ПОЈАСОТ ГАЗА НА РАБОТ НА КОЛАПС

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet