Говорејќи на трибина на Цивил таа се задржа на темата за судирите околу Украина како важно прашање: Оружен конфликт нема да има ама ќе има сајбер напади, хибтридни пресметки според теоријата на Василиј Герасимов. Ова е четврт текст од серијалот на тема – ќе има ли војна?
ВЕСНА ПОПОВСКА
Сметам дека конфликтот меѓу Русија и Украина ќе се третира како конфликт со низок интензитет. Нема да го премине оној праг на општа војна. Ова се должи на многу контексти, но пред се на доктрината на Валери Герасимов, која е актуелна особено во последните десетина години, каде што како главен метод на руската доктрина, се јавува војување кое не е толку видливо. Она што сега се нарекува хибриден или сајбер напад, борба со информации, или сите оние нетипични воени дејствија.
Глобалната промена во светот, по падот на Студената војна, генерално го промени начинот на војување, и се зборува дека сега сме во онаа петта генерација, каде што веќе не сме закопани во ровови, туку војуваме на многу начини, и целата планета е практично воено поле за различни основи. За жал, либералните вредности се жртва на сопствените идеали, и за жал, она што ни беше најголемата предност, цивилизација и идеали, демократијата и начинот на кој тие се ползуваат, во моментов се злоупотребени, од различни актери, не само од Русија, туку и од други држави и други концепти, дури и на национално ниво. Особено национализмот или популизмот ги најдоа овие алатки за ширење на своите идеали за добивање евтини политички поени.
Што се однесува до солидарноста со Украина, Попоска вели дека таа треба прво да ја вратиме на лично ниво, а потоа и на државно.
„Моментално, цела Европа се соочува со криза по многу основи. Криза на лидерството по заминувањето на Меркел, бегалска криза, здравствена криза, пандемијата ги изнесе на повидок сите недостатоци на меѓународниот поредок, и односот меѓу државите го врати во некаква „вестфалиска“ состојба каде што се инхибираа секоја во себе и секоја за себе, односно, меѓународната солидарност се сопна на првата можна препрека кога се појави кризата. Дури национално, и на индивидуално ниво, бевме сведоци на исклучително себични груби примери. Последен е случајот со девојчето со Даунов синдром. Солидарноста треба да ја вратиме пред се на човечко, лично ниво, а потоа и на државно, и да ја наметнеме повторно како вредност. Тоа како општество ќе ни одземе многу време и многу енергија, затоа што ситуацијата е навистина сериозна.“
Таа посочи и на постапката за Украина пред Меѓународниот суд на правдата, како многу важен адут за меѓународната битка за цивилизациска придобивка.
„Од друга страна, се уште е во тек постапката пред Меѓународниот суд на правдата. Првично Украина го доби случајот, но датумите кои се за преземање на постојаните мерки или задолженија од Судот, се продолжени до април и до декември 2022 колку што знам, верувам дека амбасадорката може да ни даде некоја информација повеќе, затоа што за ова македонските медиуми не известуваа многу одамна. Тоа е уште еден адут кој е важен за меѓународната битка, и, како што кажа амбасадорката, за да ова биде една цивилизациска придобивка на крајот, односно, да не дозволиме да се сруши меѓународниот поредок, таков каков што го знаеме.“
„Медиумите се носечки столб на демократијата, мора да имаме предвид дека не е само руската пропаганда виновна за она што се случува, туку, за жал многу непрофесионални новинари, секоја чест на исклучоците и благодарам за тоа што го прави Цивил и што го прават сите прекрасни новинари кои совесно си ја вршат работата. Сметам дека она што можеме да го направиме, како домашна задача, е да го преиспитаме регулирањето на електронските портали пред се, тие беа изземени во актуелниот текст на законот кога се подготвуваше, заради опасност од цензура, меѓутоа мислам дека сега доби една сосема друга димензија, така што верувам дека тоа може да се преразгледа и да се најде некое посоодветно решение.“.
(Авторката е деканка на гостиварскиот факултет Визион)