Неделков задоволен од штрајкот на СОНК, нема притисоци да го прекинат. Секако не се спсоменати оние притисоци и планови кои стојат зад ваквите наводни штрајкови: оние кои доаѓаат од штабот на политичката опозиција и кои постојано имале клучно влијание врз овој Синдикат. И кога биле на власт а секако пред се кога биле опозиција
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Не видов среќни насмеани лица кај првачињата во понеделникот. На што сме навкнале. Нивните тажни лица, кои беа работ на плачот и очите им беа полни со збунетост, говорат секако дека симболот на првото (работно) септемвриско утро се претвори во огледало на општествените противречности. Па дури и како потсетување дека долговите на оние чичковци и тетки кои го грабнаа богатството на земјава и го однесоа некаде далеку или поблизу а зад што стојат долгови кои овие мали деќиња ќе треба да го враќаат! Ако тие актуелни јуноши кои беа жртва на калкулантството на бранителите на нашите мафиози, останат доволно долго во земјава за да ја платат таа цена.
Секако дека синдикатите имаат право на штрајк, но тоа не е апсолутно право. Да се сетиме на медицинарите, на пример. Тие шрајкуваа на време, нА половина час, на пример, со дежурства и со потребен дигнитет кон професијата .. Но ние пред себе имаме синдикално здружение кое отсекогаш беше кукла на конец кој го држеше една партија и кои, како и сега, најмалку имаат јасна цел и програма до која ќе се држат.
Првото работно септемвриско утро, имено, најмалку беше јасна паролата на СОНК дека ќе се бара повисока плата! Зошто токму 25 отсто? Зошто беа задоволни од односот на просветните власти последните две години наназад? Впрочем, што вели Неделков, шефот на оваа организација?
– Месеци наназад немаме конкретна понуда колку е цената и од кога. Мислам дека во септември веќе картите ќе бидат отворени затоа што песочниот часовник одбројува. До крајот на септември ние мора да изнајдеме заемно прифатливо решение во однос на прашањето за зголемување на платите за во октомври да знаеме што понатаму – вели „округло, па на ќоше“ овој поранешен наставник по ОТО.
За поделбата на организацијата која се гледа и по повод штрајкот тој вели дека сите штрајкуваат, освен оние кои не се нивни членови, па дури и дел на оние кои не се нивни членови. Нема никаква анализа, на пример, зошто се бара енормно зголемување на платите, иако претходно имаше задоволство од неодамнешните покачувања – па дали се тие навистина синдикалци или сакаат само да се зголемува незадоволството во општеството? Како буџетот да е некаква тепсија бурек па тие одлучиле да си го зголемат за себе парчето за „четвртинка“ Да се потсетиме дека МОН за една година платите им ги покачи за вкупно 10,8 проценти и згора на тоа да даде ветување во непосредна иднина за уште 5 отсто. За оние од СОНК „осминка“ не е доволна. Па и синдикалните барања не можат да бидат карусел на желби, зад тоа мора да стојат јасни проценки. Место тоа имаме јасна закана дека од почетокот на октомври ќе биде „леле мајко“. Внимавајте – од почетокот на октомври! За што ви говори тоа?
Па еден септемцри пред четири години, кога министер за финансии беше Стравревски, СОНК се откажа од ваков штрајк ама се работеше за зголемување на платите од само 4 отсто и тоа на ниво на јавна администрација. Значи колкку на наставници, толку и на другите јавни службеници и – квит. Новинарите кои чекаа пред вратите на просторијата каде се одржуваа преговорите забележаа дека екипата на овој истиот Неделков, дури не добила ниту кафе… Само заминала на малку подолга пуш-пауза.
Да не заборавиме дека актуелниот претседател на СОНК Неделков е наследник на Дојчин Цветановски и неговиот СОНК кои штрајкуваа само кога СДСМ беше на власта а кога другиот политички табор беше на чело на државата не навинуваа на сликата на штрахјкбрехери.
Посебно беше „славен“ штрајкот кој траеше со месеци на стартот на второто полугодие во 2004 година. Тој и денс би бил можеби актуелен ако не беше погинувањето на претседателот Трајковски кај Мостар. Со власта, односно со тогашниот министер за труд и социјала се преговараше со недели околу само една преостаната дребулија – 200 или 300 денари помалку или повеќе кај хранарината (пресметката беше дека се работи за еден геврек дневно). Децата не одеа со недели на школо. Според Илија Димовски, да беше тогаш во функција на владин мегафон, тие ученици ќе имаа „уништено образование” ама неговата партија тогаш не говореше така. Тие го подржуваа штрајкот. Во основа, тој протест ја мрцвареше земјата со своето долго, предолго траење, дури и покрај постигнатите цели! Не стануваше збор за компромис, туку за барање на „мешпајз” кај основните барања, запишавме тогаш во Глобус.
Практично тогаш, мораме да се потсетиме, во постконфликтната земја која се уште ги видаше раните, а министерот за финансии Николче Поповски беше строг кон сите, сепак за образованието и платите на вработените во таа 2004 година се одвоија средства релативно бргу – се бараше зголемување од 15 отсто, се понуди зголемување секој месец од 1 отсто кумулативно, што после една година одеше и над бараната сума. Власта бараше форма буџетот да не биде нокаутиран! Ама Цветановски се вадеше на гевреците…
Претседателот на СОНК, кој и денес таму ја има почесната функција и тоа не смее да се заборави, ги одби тогаш советите од стручната служба на ССМ (секако и поподготвена од било кој друг однадвор) за потоа, лицемерно да замине од ССМ во Конфедерацијата на независни синдикати, кој е првата контрамитингашка организација која ја формираше ДПМНЕ. Цветановски, финансиран од надвор (од холандски фонд), проба да направи нешто како „демохристијански синдикат” под капата на западните искуства, каде секоја партија си има свој синдикат; ама некои работи во нашата стварност се измешаа, па тој стана често орудие за промена на актуелната власт, иако вработените од образованието беа најмногу (можеби и единствени) миленичиња на кои им се одеше во пресрет. Ако се погледне наназад, тоа сме го анализирале, откако Цветановски стана претседател (2001) имаме видлива идеолошка паралела по која тој го насочувал незадоволството на своите синдикалци. Не треба да се заборави дека после 2006 година тој одбиваше да влезе во било какво одбележување на Први мај во форма на протест (владата е добра нели), па тој прв започна тој ден да го „консумира” со одвај десеттина свои следбеници (!) и да делат флаерчиња и знаменциња на Плоштадот Македонија. Додека неговите колеги од ССМ- барем додека не беше на чело претседателот Митревски – одеа во колона пред институциите во земјава на Денот на трудот (Парламент – Комора- Влада), Цветановски велеше дека за такво нешто нема повод!? Додека беше ВМРО ДПМНЕ на власт ја имавме најкусата „прошетка”, секако што подалеку од Владата: од автобус практично пред МОН!
Често пати предводниците на СОНК тогаш кажуваа дека Владата исполнила многу повеќе од нивните очекувања (!) дека тоа што го чекале со децении го добиле во мандатот на таа Влада, дека се презадоволни од работењето на Владата, ама наеднаш незадоволството се прели и се јави дури и премиерот – денес во егзил – Груевски. „Анализиравме на што се должат овие сменети односи од нивна страна и разбравме дека претстојат избори за нови органи во Синдикатот” – рече тогаш Груевски и ги активираше сите механизми на контрамерки. Мотивот не беше тогаш мал – по смената на власта во 2006 година новиот министер за образование Перо Стојановски – познат подоцна по аферите во Австралија – не сакаше да пристапи кон преговори за колективните договори на кои им истекна рокот. Убеден дека влегува во преговори со луѓе за кои би требало да е „заслужен граѓанин”, Цветановски, под притисок на најниско платените во образованието побара нови коефициенти. Му беше наеднаш тешко, го почувствува чеканот на оваа власт, доби поддршка од малкуте опозициони медиуми. Покојниот Никола Младенов пишуваше „Дојчин држи час!”. Но од тогаш тој ја научи лекцијата и одново си ги воспостави со власта потребните релации. Цветановски стана познат во јавноста како дел од групата за поддршка на Ѓорѓе Иванов за претседател, но беше и чест посетител на штабот на ВМРО-ДПМНЕ, за време на парламентарните и претседателските избори.
И ете не денес. Имаме вообичаена атмосфера и конфузен старт на учебната година. Дел од училиштата и наставниците работеа со полн капацитет, дел беа затворени со натписи ШТРАЈК, дел пак ги примаа само оние деца чии родители немале кој да ги чува.
Училиштето Лазо Ангеловски во скопски Аеродром во чија посета утринава дојде министерот Адеми, имаше отворени врати. Според медиумите само 9 наставници се приклучиле на повикот на СОНК за штрајк. Останатите го одбележале првиот училишен ден.
-Просторија за штрајк е обезбедена, меѓутоа во моментов не гледам некој што е заинтересиран за штрајкот, има многу-многу мал број. Ако е до мене никогаш не е доста. Меѓутоа, во моментот тоа е тоа, други одлучуваат, рече директорот Перо Арсеновски. Во „Димитар Македонски“ поинаква слика. Беа примени само првачињата за кусо добредојде, а потоа училиштето беше затворено за деца. Во ова училиште кое го следеше повикот на СОНК дојде и синдикалниот лидер.
Во „Ѓорѓија Пулески“ каде децата беа повикани на настава, но утрото само биле згрижени само ониедеца чии родители реагирале на ненадејната одлука мнозинството наставници да се приклучат на штрајкот.
Министерот за образование Адеми изјави:
-Знам дека во добар дел од училиштата наставата се одвива најнормално. Се организира првиот училишен ден на најнормален начин. Нема причина за организирање на штрајк. Штрајк се организира кога нема решение. Ние нудиме решение и имаме решение и се движиме во добар правец, рече министерот за образование, Арбр Адеми.
Со оглед на важноста на октомври на опозицијата, исходот на овој матен штрајк е предвидлив.