Придобивките од тоа да се биде земја-кандидат не им се доволно јасни на албанските граѓани. Сето ова остава една празнина која лесно ја пополнуваат теоретичарите на заговор кои се повеќе од подготвени да ги користат своите платформи за да ја поткопуваат ЕУ
БАРАБАРА ХАЛА
Според одредени мерила, Албанија, можеби, е еден од најголемите приврзаници на Европската Унија, и таквиот став е сосема разбирлив: ветувањето за Европа без граници, повеќето можности за работа и подобрените економски перспективи е ветување за кое речиси и да не постојат контрааргументи. Меѓутоа, сето тоа и понатаму останува да биде само ветување, а со фактот дека ветувањето сè уште не е остварено, истото има многу поголем потенцијал и дава поголема надеж во споредба со вообичаената политичка реалност.
Во април 2024 година, Меѓународниот републикански институт ги објави резултатите од истражувањето направено во земјите од Западен Балкан во врска со прашања кои се однесуваат на поддршка за Европската Унија, војната во Украина и некои други прашања.
Станува збор за теми кои честопати се сметаат за вектори за ширење на дезинформации во регионот, и тоа особено дезинформации кои се поттикнати од руската држава и од нејзините сојузници. Од вкупно шесте земји во кои беше спроведено ова истражување, Албанија и Косово и понатаму се предводници кога станува збор за про-ЕУ/западното расположение.
Поконкретно, 92% од анкетираните Албанци одговориле дека ќе гласаат „за“ на референдумот за влез во Европската Унија, доколку тој би се одржал на датумот на кој било спроведено истражувањето.
Ова истражување, реализирано во периодот февруари-март 2024 година, се совпаѓа со резултатите од претходни студии во однос на довербата во Европската Унија и про-ЕУ расположението во земјите од Западен Балкан. На пример, балканскиот барометар за 2023 година констатира дека 92% од анкетираните Албанци веруваат дека членството во ЕУ би било добро за економијата на земјата.
Довербата во ЕУ е мошне висока, особено во споредба со другите земји, не само во регионот, туку и пошироко на континентот: анкетата Trust in Governance на Обединетите нации спроведена во 2023 година констатираше дека 74,7% од Албанците имаат доверба во ЕУ, наспроти 29,1% кои му веруваат на парламентот или 33,4% кои им веруваат на судовите во Албанија.
Ставот на Албанија кон ЕУ можеби е генерално позитивен, но тоа не значи дека земјата е имуна на растечката закана на скептицизам кон ЕУ и на дезинформациите кои се предизвикани со таквите чувства. Главните медиуми во Албанија во најголем дел искажаа воздржаност кога известуваа за Европската Унија и за ЕУ изборите во 2024 година одржани во периодот помеѓу 6 и 9 јуни.
Од друга страна, дезинформациите во однос на ЕУ сè повеќе се шират на социјалните мрежи во Албанија, кај помалите портали и на анонимни Фејсбук профили чиј опфат можеби изгледа мал, но истите добиваат растечки број на следбеници. Истражувачкиот проект кој во период од три месеци беше спроведен од организацијата за проверка на факти Faktoje и ги опфати главните социјални мрежи на Мета (Фејсбук, Инстаграм и Threads) покажа дека про-ЕУ чувствата не може да се земаат здраво за готово.
Во основа, дезинформациите против ЕУ кои се присутни во медиумите и на социјалните медиуми на албански јазик може да бидат опасни бидејќи тие се испреплетени во состав на пошироките проруски наративи, без разлика дали се работи за теми како што се НАТО и војната во Украина, фокусирани напори против вакцинацијата и климатските промени или прашања како што се поддршка на правата на жените или на ЛГБТ+ лицата во земјата. Како што претходно покажаа извештаите, Русија честопати ги искористува анти-ЛГБТ чувствата за да ја шири својата пропаганда низ Европа.
0Ова значи дека дури и за една про-ЕУ земја како што е Албанија, лизгавиот пат кон евроскептицизмот започнува со ангажирање со профили и портали кои шират дезинформации во однос на повеќе прашања, а потоа тој тип на дезинформации ги надополнува наративите против Европската Унија, како закана за слободата и правата на албанските граѓани.
Лажните вести за Европската Унија, а особено во врска со последните избори, варираат од „clickbait“ и невнимателно известување па сè до директна руска пропаганда. Имавме, на пример, текстови кои погрешно известуваа за бројот на гласачи кои излегле на гласање, и други кои се однесуваа на кандидати кои воопшто не ги оствариле резултатите за кои се известуваше.
Но, профилите на Фејсбук кои имаат јасна проруска наклонетост честопати објавуваат дезинформации што имаат за цел да ја намалат довербата во Европската Унија.
Еден портал на Фејсбук уште еднаш објави искривоколчени тврдења на италијанскиот политичар Антонио Тајани, според кој 80% од законите во Италија потекнуваат од Брисел. Ова тврдење им припаѓа на оние анти-ЕУ наративи кои ја обвинуваат Унијата дека го поткопува суверенитетот на одделни земји-членки, прикажувајќи ги земјите, како што е Италија, како земји кои се подложени на тоталитарната волја на европските бирократи, без притоа да се земат предвид потребите на локалното население.
Се разбира, тврдењата на Тајани беа неосновани: италијански проверувачи на факти пронајдоа дека само 2,4% од законите во Италија потекнуваат директно од Брисел, иако пошироката рамка на Европската Унија очекува земјите-членки повеќе да усогласат некои области од своите политики во споредба со други (како што се земјоделството или надворешната политика).
Ваквите наративи се обидуваат да го нарушат кредибилитетот на Европската Унија на повеќе фронтови, па дури и во однос на нејзиното постоење: некои портали и профили на социјалните мрежи излегуваа со тврдења дека, по изборите во 2024 година и подемот на екстремната десница, на Европскиот парламент му се заканува распуштање. Иако неодамнешниот подем на евроскептични и екстремно десничарски партии има потенцијал да влијае на европската политика и да ја ослабе Унијата во полза на домашната национална политика, тоа не значи дека самата Унија или Парламентот се блиску до распуштање.
Притоа, профилите во Албанија кои шират вакви наративи имаат свој интерес да го прикажат, како неизбежен, подемот на екстремната десница, чии идеологии, инаку, ги споделуваат, истовремено намалувајќи ја притоа довербата во Унијата. Во оваа иста смисла, на пример, еден портал тврдеше дека одлуката на Макрон да го распушти францускиот Парламент по остварените резултати на европските избори значеше дека неговото време како претседател е завршено.
Ваквото толкување на настаните не само што е фактички погрешно (дури и ако партијата на Макрон ги загуби парламентарните избори, тоа не значи дека Макрон треба да се повлече), туку тоа повторно ја става во преден план агендата на оние кои сакаат да прикажат дека екстремната десница е онаа која ја застапува волјата на Европската Унија воопшто.
Во секој случај, најголемата закана од анти-ЕУ наративите и понатаму е начинот на кој тие се составен дел од руската пропаганда, особено затоа што се однесуваат на војната во Украина. Преку големиот број на проруски сметки и портали се шири изобилие од наративи кои се обидуваат да ја обвинат Европа (а со тоа и НАТО) за руската инвазија врз Украина. Една од сметките тврди дека одредени земји, како што е Франција, веќе испратиле војници да се борат во Украина, со што НАТО директно се вклучува во конфликтот (или се планира да се започне војна со Русија). Обично таквите текстови ги искривоколчуваат ветувањата, плановите и изјавите на европските лидери: во случајот со војници на НАТО во Украина, овие изјави беа на Макрон.
Но, францускиот претседател не е единствената цел на ваквите наративи: Кога Каја Калас, премиерката на Естонија, зборуваше за опасноста од рускиот експанзионизам кон Балтикот, нејзините зборови беа извртени преку профил на Фејсбук кој ги измени клучните поенти во говорот на Калас за да изгледа дека ЕУ е таа што не сака мир со Русија.
Ова исто така се случи и кога грузискиот премиер ја обвини Европската Унија дека му се заканила со атентат доколку не го прифати предлогот на ЕУ да не биде донесен контроверзниот закон за странски донации кој ќе го поткопа работењето на невладините организации и граѓанското општество во целина.
Порталите во Албанија беа пресреќни што можеа да ја шират оваа дезинформација, прикажувајќи ја како обид на ЕУ да ја замолчи опозицијата надвор од Унијата. Ова беше случај и со обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо – некои профили на Фејсбук тврдеа дека обидот за атентат на Фицо бил поради неговата проруска, антиукраинска и антизападна политика, иако се покажа дека неговиот атентатор им припаѓал на проруски групи.
Засега, сите овие наративи се во спротивност со про-ЕУ ставовите на Албанија и на Албанците. Како што кажавме и во почетниот дел од овој текст, довербата во ЕУ е на високо ниво и се намалила само еднаш, во 2021 година за време на КОВИД кризата.
Понекогаш, сепак, наративот во врска со довербата на Албанија во Европската Унија не ја објаснува во доволна мера сложената природа на оваа поддршка. Албанците можеби се желни да влезат во Европската Унија поради можностите што таа им ги нуди во финансиска смисла, но не може да се негира дека има и несогласувања, особено кога станува збор за социјалните и културните прашања. Профилите кои шират дезинформации за ЕУ имаат тенденција да ги намамат корисниците да ги следат, така што шират теории на заговор во врска со вакцините и климатските промени, теории кои се популарни кај албанската јавност.
Тие би можеле да бидат влезна точка за дезинформации во врска со ЕУ. Понатаму, голем број од Албанците и понатаму се социјално конзервативни, особено кога станува збор за женските прашања и правата на ЛГБТ+ заедницата, што е уште една празнина во односот помеѓу ЕУ и Албанија.
Дополнително на горенаведеното, иако довербата во ЕУ е на високо ниво, важно е да се одвои желбата за пристапување во ЕУ од чувствата за тоа каква, навистина, е ЕУ. На пример, истражувањето на ИРИ покажа дека иако 92% од Албанците би гласале за влез во ЕУ доколку референдумот би се одржал денес, само 54% веруваат дека ЕУ е сериозна во врска со интеграцијата на државата.
Ова незадоволство поради одложените ветувања за интеграција во ЕУ доведува до зголемување на недовербата и до презир: Ако ЕУ конечно ги отвори пристапните преговори со Албанија и Северна Македонија по повеќе години одлагање, ќе има еден мал степен на доверба дека овој дел од процесот ќе се одвива забрзано.
Во меѓувреме, придобивките од тоа да се биде земја-кандидат не им се доволно јасни на албанските граѓани. Сето ова остава една празнина која лесно ја пополнуваат теоретичарите на заговор кои се повеќе од подготвени да ги користат своите платформи за да ја поткопуваат ЕУ. Ќе биде потребен фокусиран напор од страна на Унијата за да бидат спречени во нивната намера.