Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СОРЕНТИНО И СТРУГАР МИТЕВСКА ЈА ОТВОРААТ ФИЛМСКАТА СМОТРА ВО ВЕНЕЦИЈА: БУНТОВНИОТ ПАНК-РОК ДУХ И ЖЕНСКИОТ СВЕТОГЛЕД НА МАЈКА ТЕРЕЗА ВО ФИЛМОТ „МАЈКА“

August 19, 2025 Filed Under: Ревија

Со светската премиера на филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, ќе биде отворена престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецијански филмски фестивал, кој ќе се одржи од 27 август до 6 септември. Оваа визуелизирана приказна на седумте дена пред Мајка Тереза да зачекори кон својата мисија, вртоглаво го сврте вниманието на европските дистрибутери. „Мајка“ веќе е распродаден за кино –дистрибуција во над 15 европски земји

СЦЕНА „Мајка “ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија

АНА ВАСИЛЕВССКА

Венеција, градот на светлината и сенките, на митот и современоста, годинава повторно ќе го отвори своето платно кон светот. Таму каде што морето ги допира старите камени ѕидови, а филмот ја бара својата вечност, ќе се врежат две авторски визии: светскиот мајстор Паоло Сорентино и македонската раскажувачка со бунтовен дух Теона Стругар Митевска. Токму нејзината „Мајка“ ја носи приказната за една жена зад митот, за младата Тереза пред да зачекори во историјата, за бунтот, вербата и сомнежот, за светлината и сенките што нè прават луѓе.

Со светската премиера на филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, ќе биде отворена престижната селекција „Хоризонти“ на годинешниот 81. Венецијански филмски фестивал, кој ќе се одржи од 27 август до 6 септември. Оваа визуелизирана приказна на седумте дена пред Мајка Тереза да зачекори кон својата мисија, вртоглаво го сврте вниманието на европските дистрибутери. „Мајка“ веќе е распродаден за кино –дистрибуција во над 15 европски земји, вклучувајќи ги Франција, Германија, Италија, Шпанија, Данска, Шведска, Норвешка, Полска, Чешка, Финска, Белгија и други.

Филмот ќе започне да се прикажува во европските кина од 3 декември, што претставува редок и исклучителен успех за една македонска продукција – да обезбеди кино прикажување пред светската премиера.

„Овој извонреден интерес за ‘МАЈКА’ е доказ дека филмот има потенцијал да стане еден од најистакнатите европски филмови оваа година,“ велат од француската агенција Kinology, која е задолжена за светска продажба и дистрибуција.

Филмот ќе ја има својата светска премиера на 28 август 2025 година, во Венеција, отворајќи го првиот натпреварувачки ден во селекцијата „Хоризонти“, која е посветена на иновативни естетски и наративни филмски форми. Тој ден во Венеција ќе се прикажат само два филма: „La Grazia“, на оскаровецот Паоло Сорентино, и македонскиот „Мајка “ на Теона Стругар Митевска.

„Мајка “ не претставува биографија, туку длабока човечка и духовна драма, инспирирана од внатрешната борба на младата Тереза пред да зачекори во својата мисија. Филмот се фокусира на клучните седум дена во кои се кршат убедувањата, верата и визијата за иднината.

Режисерката Митевска, вели дека во овој филм целосно, без никакви ограничувања можела да ја реализира својата креативна замисла,  како во суштина, го доживеала сензибилитетот на Тереза, нејзината бунтовност и панк-рок дух, како двигател со кој светицата сакала да го промени светот.

„Ова е можната приказна за жената зад митот. Во миг кога светот очекува светлина од неа, Тереза мора да се соочи со сопствените сенки. Ова е мојот најкомплексен филм досега. Работејќи го овој филм, си ја зедов целата слобода на израз и, во индустрија сè уште доминирана од мажи, си дозволив да понудам женска логика и светоглед на животот и фигурата на Мајка Тереза. Развојот на карактерите и нивната повеќеслојност, испреплетеноста на нивните животни приказни и преобликувачките историски настани, и пред сè емотивната длабочина по која посегнавме во сценариото, а која ја достигнавме со виртуозното актерство, ме прават многу среќна уметница.

Ова е приказна за жената зад митот, една друга страна на една светица. Во седумте дена пред да ја започне својата мисија на чело на новоформираниот женски католички ред, оваа жена одненадеж треба да се соочи со непредвидени и суштински предизвици што ќе ја поколебаат нејзината најдлабока верба. Родена скопјанка, ова албанско девојче од Македонија тргнува со чисто срце, неисцрпна енергија и желба да го менува светот на подобро преку службата на Бога. Токму пред да зачекори надвор од манастирските ѕидови, ѝ се расплеткува човечка драма што ќе ја преврти наопаку целата нејзина верба и убеденост во редот на нештата,“ – вели режисерката Теона Стругар Митевска.

Како ко-сценарист на филмот се потпишува нашиот истакнат писател Гоце Смилевски, кој за филмот вели:

„Мајка“ го прикажува моментот кога верата се судрува со човечката болка и неизвесност. Верував дека ваков филм мора да се напише искрено, со почит кон фактите, но пред сè со почит кон суштината на духовното искушение.“

Главната улога ја толкува шведската ѕвезда Номи Рапас, светски позната по улогата во „Девојката со тетоважа на змеј“, заедно со Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик и Силвија Фокс како сестра Агнешка. Режисерката Теона Стругар Митевска истакна дека токму нивната хемија и доверба на сетот биле клучни за автентичноста и интензитетот на филмот. Европските дистрибутери веќе ја препознаваат нивната изведба како еден од најсилните адути на филмот.

Филмот е копродукција меѓу Македонија, Белгија, Шведска, Индија, Данска и Босна и Херцеговина, снимен на три континенти, со поддршка од Агенцијата за филм на Северна Македонија, Creative Europe – MEDIA, Данскиот филмски институт, Belgium Tax Shelter, Шведскиот филмски институт, регионални фондови и други партнери.

„Особено сум горда што со овој филм покажуваме дека Македонија има капацитет да создава висококвалитетни европски и светски филмски проекти. „Мајка“ се снимаше на три континенти, во продукциски услови што бараат највисоко ниво на професионализам и визија,“ – истакнува продуцентката Лабина Митевска.

„Сестрите Митевски одамна го имаат обезбедено своето место во светската филмска мапа. Нивната посветеност, визија и исклучителен креативен глас се двигатели на македонската кинематографија, инспирирајќи генерации автори, особено жени – да веруваат во својот капацитет и интернационален потенцијал.

Филмот „Мајка“е уште едно сведоштво за тоа што значи да се гради културен бренд со континуитет и уметничка интегритетност. Овој момент е значаен и затоа што се совпаѓа со време во кое македонскиот филм добива системска поддршка – со поголеми буџети, долгорочни стратегии и нови законски решенија што ќе обезбедат стабилни извори на финансирање,“ вели Сашко Мицевски, директор на Агенцијата за филм.

„Мајка “ ќе се натпреварува во повеќе категории во Венеција, вклучувајќи: најдобар филм, режија, сценарио и актерски остварувања.

За македонската публика, ќе биде премиерно прикажан на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, што ќе се одржи од 20 до 26 септември во Битола.

Ова е голема чест, бидејќи фестивалот е посветен токму на визуелниот јазик на филмот, а „Мајка“е филм што нуди исклучителна камера и уметнички визуелен израз, преку објективот на Виржин Сен Мартан од Белгија.

Сценографијата е дело на Вук Митевски, прв асистент на режија е Јане Ќортошев, а сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарагиќ.

(media.mk)

 

Filed Under: Ревија

БИТИЌИ: ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е ОД ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, ВЛАДАТА ПРЕФРЛА ВИНА
МИЦКОСКИ – МЕЏИТИ: ЕТНИЧКА ПОЛАРИЗАЦИЈА НА НИВО НА ПРЕМИЕР И ВИЦЕПРЕМИЕР
АКАДЕМСКИ ГЛАСОВИ, ПРИОПАГАНДНО ЕХО: КАКО ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ НА БАЛКАНОТ ШИРАТ ПРОРУСКИ НАРАТИВИ
СОРЕНТИНО И СТРУГАР МИТЕВСКА ЈА ОТВОРААТ ФИЛМСКАТА СМОТРА ВО ВЕНЕЦИЈА: БУНТОВНИОТ ПАНК-РОК ДУХ И ЖЕНСКИОТ СВЕТОГЛЕД НА МАЈКА ТЕРЕЗА ВО ФИЛМОТ „МАЈКА“
ПРЕДИЗБОРНИ „ПОТЕМКИНОВИ СЕЛА“ НА ВЛАСТА ИЛИ ВИСТИНСКА НАМЕРА ДА СЕ ПРАВАТ ШТЕТИ НА ДРЖАВАТА?

Најново

  • БИТИЌИ: ИНФЛАЦИЈАТА НЕ Е ОД ПЛАТИ И ПЕНЗИИ, ВЛАДАТА ПРЕФРЛА ВИНА
  • МИЦКОСКИ – МЕЏИТИ: ЕТНИЧКА ПОЛАРИЗАЦИЈА НА НИВО НА ПРЕМИЕР И ВИЦЕПРЕМИЕР
  • АКАДЕМСКИ ГЛАСОВИ, ПРИОПАГАНДНО ЕХО: КАКО ИНТЕЛЕКТУАЛЦИТЕ НА БАЛКАНОТ ШИРАТ ПРОРУСКИ НАРАТИВИ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet