ЕУ има забелешки за начинот на кој кинескиот капитал влегува на континентот, но бара пријател во атмосферата на трговската војна која ја воведува САД во светот
Kина вели дека е принудена да преземе неопходни контрамерки против САД, откако Вашингтон воведе царини за кинески производи вредни 34 милијарди долари. Американскиот претседател Доналд Трамп наметна 25 проценти царини за повеќе од 800 кинески производи.
Царините влегуваат во сила за време на викендот, односно во петокот на полноќ по вашингтонско време.
Царините веќе ги менуваат навиките на потрошувачите во Кина, кои избираат домашни производи или при купувањето се водат од цените.
Кинеското министерство за трговија соопшти дека Пекинг ќе воведе контрамерки кон САД, иако не прецизираше за какви мерки станува збор.
Зголемените трговски судири загрижуваат некои виши претставници на Централната банка на САД, кои велат дека тие негативно влијаат на инвестициите кои го помагаат економскиот раст.
Кина ги критикуваше мерките како „трговско малтретирање“ од страна на Вашингтон и оцени дека се можни големи турбуленции на глобалниот пазар. Премиерот Ли Кечијанг алармираше дека „трговската војна никогаш не е решение. КИна никогаш нема да започне ваква војна, но ако некоја страна стави водатни тарифи за кинеска стока, ќе мора и ние да да возвратиме. Ќе ги заштитиме нашите интереси“.
Овие мерки се воведоа некако брзо – во четвртокот претседателот Трамп најави додатни царини за кинеска стока во вредност од 16 милијарди долари, а се закани дека вредноста ќе достигне и 200 милијарди долари ако Кина не прекине со интеелектуална кражба, со цел да ја искористи доминатната технолошка позиција на САД во светот.
Викендот што е зад нас се карактеризираше со еден друг вид на соочување на големите индустриски земји. Имено, кинескиот премиер Ли Киџијанг дојде во Софија и се сретне со лидерите на земјите од источна Европа, а на средбите ќе бидат разгледани ветувањата на Пекинг за големи инфрастуктурни договори во регионот. Тие предизвикуваат подозрение во ЕУ заради фактот што се сметаат дека се нефер во однос на вообичаените правила на деловното работење во западните земји.
Претставници од балтичките и балканските земји во Софија се сретнаа со кинескиот премиер Ли Киџијанг на седмиот по ред самит „16+1“, надевајќи се на нови инвестиции од кинески компании поддржани од државните банки.
Покрај самитот, на специјалниот економски форум, се очекува да присуствуваат преку 250 кинески компании и 700 бизнисмени од централна и источна Европа.
„Главната цел ни` е да го зголемиме кинеското деловно присуство во Бугарија и во целиот регион на централна и источна Европа“, изјави за Ројтерс бугарскиот заменик-министер за надворешни работи, Ѓорѓи Георгиев.
Настанот, што се одржува на помалку од две недели пред годишниот самит на Европската унија со Кина во Пекинг, не е многу популарен во Брисел, затоа што го гледа како обид за поделба на Унијата. ЕУ воедно се спротивставува на кинескиот притисок, на состанокот во Пекинг да се согласи на заеднички став против трговската политика на САД.
Кина негира дека сака да ја ослабе ЕУ.
Посетата на Ли, кој во Софија пристигна во четвртокот, е прва официјална посета на кинески премиер на Бугарија изминативе речиси две децении.
„Кина, сега и во иднина, ја поддржува европската интеграција и поздравува обединета, стабилна, отворена, просперитетна Европа и силно евро“, истакна Ли.
Покрај Кина, 16 земји кои учествуваат на средбите, се и членки на ЕУ: Бугарија, Хрватска, Чешка, Естонија, Унгарија, Латвија, Литванија, Полска, Романија, Словачка и Словенија, како и земјите кои не се членки беа: Албанија, Босна и Херцеговина, Македонија, Црна Гора и Србија.
Првично одржан во Варшава во 2012 година, форматот на почетокот доби позитивни критики, со оглед на тоа дека Кина вети милијарди долари за заеми и инвестиции за земји кои се потпираат на фондовите за развој на ЕУ или, во случајот на посиромашниот Западен Балкан, очаен за надворешни средства за изградба на железници, патишта, аеродроми и елекроцентрали.
Но, одредени земји почнаа да се жалат поради недостиг на резултати, кои понекогаш вклучуваа кинеска работна сила и материјали, финансиски и договорни услови, како и потешкотии со стандардите на ЕУ.
Агендата на самитот овојпат беше поскромна, делумно поради тоа што се одржува само седум месеци по последната средба во Унгарија.
Претходно годинава, европски официјални лица, за Ројтерс изјавија дека Кина размислува да почне да организира самити два пати во годината, делумно поради тоа што беше загрижена дека форматот штети на нејзиниот имиџ во Западна Европа.
Но, Пекинг ненадејно го промени курсот, и датумот го закажа многу порано од очекуваното, непосредно пред закажаните консултации меѓу кинески и германски владини претставници во Берлин, на кои ќе присуствува и премиерот Ли.
Кина и домаќинот Бугарија се обидуваат да најдат усогласено коминике на самитот, велат европските дипломати, додавајќи дека одделни влади се обидуваат во него да бидат одразени нивните интереси.
ЕУ ќе има статус на набљудувач на самитот, а Грција, која не е дел од „16+1“, е исто така поканета.
Полска изрази фрустрираност за начинот на кој биле организирани овие средби и кажа дека кинески компании не ги исполниле своите ветувања за неколку градежни проекти во земјата.
Словачка кажа дека во државата во моментов нема поголеми кинески инвестиции, додека Романија не е задоволна од напредокот на договорот со Кина за дополнителна изградба на нуклеарни реактори во земјата, вреден седум милијарди долари.
Унгарија и Србија, сепак, остануваат ентузијасти. Делегација од германски и француски дипломати годинава беше во посета на Будимпешта, за да ја убеди Унгарија да се дистанцира од Кина, но според официјални лица во Берлин, не наишла на позитивна клима.
Многу од понудите за финансирање на инфраструктурата, се дел од планот на Пекинг, „Појас и пат“, чиј фокус е изградба на транспортни и трговски врски од Азија до Европа, бидејќи се чини дека Кина сака да го зголеми влијанието.
Кинеското Министерство за трговија, минатата година објави дека кумулативните инвестиции на Кина во земјите од централна и источна Европа, до 2016-та година, се зголемиле на преку 8 милијарди долари.
Според друга проценка, овојпат од Центарот за стратешки и меѓународни студии, Кина меѓу 2012-та и 2016-та година, за инвестиции ветила околу 15 милијарди долари.
Дека во оптек се често исти прокети кои се повторуваат говори примерот со брзиот воз Белград – Будимпешта, кој сега доби подршка но на помал формат: за делницата Нови Сад – Суботица!
Во Србија имаше критики дека зад евтините кредити се кријат поинакви пресметки и дека проектите секогаш траат подолго отколку што се предвидува на почетокот, како и дека истите служат за влез на кинеска работна сила.
„Со здружени напори 16-те земји од Источна и Централна Европа можат да ја унапредат размената и движењето на луѓето, добрата и услугите, искуствата и да ја користат експертизата и знаењето од НР Кина во овие процеси, но истовремено и да го направат овој регион атрактивна и примамлива дестинација за нови инвестиции на кинеските компании и примамлива туристичка дестинација за кинеските туристи“ – порача премиерот Зоран Заев на 7. Самит на шефови на влади од процесот на соработка помеѓу НР Кина и земјите од Источна и Централна Европа (16+1) кој се одржува во Софија.
Тој се обрати на пленарна сесија на премиерите на владите на земјите од ЦИЕ и НР Кина, на која посочи и дека Република Македонија е мала земја којашто е посветена на концептот на поврзувањето, што всушност е дел и од Иницијативата 16+1.
– Како што вели кинеската поговорка: „Патувањето од илјада милји почнува со еден чекор“ – така и оваа иницијатива 16+1 претставува првиот чекор на едно впечатливо патување и платформа со која Република Македонија ќе може да ги продлабочи врските и поврзувањето, да напредува на полето на енергетиката и инфраструктурниот развој, порача премиерот Заев.
Како што соопшти владината прес-служба, тој потсетил дека на почетокот на март годинава Македонија официјално во Скопје го отвори Центарот за координација на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од Централна и Источна Европа. Овој центар, рече, нуди одлични можности за мониторинг, промоција и афирамција на културната соработка помеѓу НР Кина и земјите од ЦИЕ, но оти настојува да ги продлабочува и зајакне релациите помеѓу земјите во културата којашто ја има централната улога во унапредување на меѓусебното разбирање и продуктивниот дијалог.
Премиерот Заев најави и дека Република Македонија во септември ќе биде домаќин на 5. Симпозиум на земјите од ЦИЕ и НР Кина на Тинк Тенк организации, а следната 2019 во наша организација ќе биде 4. Состанок на министри за културна соработка кој произлегува како наша обврска од процесот 16+1.
– 2018 година е од исклучителна важност за евроатлантската интеграција на мојата земјата. Минатата година го потпишавме Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Република Бугарија, а минатиот месец го потпишавме Договорот со кој го решивме деценискиот спор за името и за воспоставување на стратегиско партнерство со нашиот јужен сосед, Република Грција со што осигуравме широка перспектива за постигнување на нашите стратегиски цели за воспоставување на уште поинтензивна билатерална соработка на регионално ниво, истакна премиерот Заев.
Тој посочи дека со Народна Република Кина оваа година навршуваме 25 години од воспоставувањето на дипломатските релации и во тој дух изрази безрезервна благодарност за поддршката што ја добиваме од НР Кина и цврстата заложба за продолжување на плодната соработка.
– Убеден сум дека од овој Самит ќе произлезат многу нови иницијативи и идеи кои ќе ја зацврстат и унапредат заемната соработка, како и поврзувањето и комуникацијата меѓу граѓаните од нашите земји, порача премиерот Заев.
Македонскиот премиер ја предводи владината делегација во која се и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања и координација со економските ресори Кочо Анѓушев и министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.