Македонскиот јазик е официјален во ЕУ, а бугарската ѕвездичка е за смирување на страстите – признава весникот. Советот за македонски јазик при Владата испрати соопштение во во кое елаборира како дошло до стандардизација на македонскиот литературен јазик врз основа на централните говори од западното наречје
Советот за македонски јазик при Владата испрати соопштение во во кое елаборира како дошло до стандардизација на македонскиот литературен јазик врз основа на централните говори од западното наречје. Според Советот, „македонскиот јазик е словенски јазик што спаѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ“.
Еве го соопштението на Советот за македонски јазик во целост:
„Како што е пропишано во Уставот на Република Северна Македонија, македонскиот јазик, заедно со своето кирилско писмо, е службен јазик на Република Северна Македонија на целата територија на државата и во нејзините меѓународни односи.
Литературниот/стандардниот македонски јазик конечно е кодифициран во 1945 година, како резултат на подолг процес на културна и писмена активност. Во согласност со сознанијата затврдени со широкоприфатените теории и емпириските теренски истражувања на современата домашна и светска славистичка и лингвистичка наука, македонскиот јазик има свој историски, просторен и временски континуитет. Овој континуитет се заснова на посебниот развој на сите негови дијалекти и на неговиот дијалектен континуум кои се распространети на целиот негов говорен простор. Во основата на современиот македонски стандарден јазик лежат централните говори на западното наречје, односно говорите на оската Битола – Прилеп – Велес.
Македонскиот јазик е словенски јазик што спаѓа во јужнословенската група јазици, кој низ вековите растел, се развивал и се издигнал во наддијалектен, национален стандарден јазик на македонскиот народ.
Уште во 19 век, а особено во неговата втора половина, македонските преродбеници пишуваат на централните говори на западното наречје и, како што вели првиот кодификатор на македонскиот јазик Крсте Мисирков во 1903 година, тие централни говори се обединувачки и современиот македонски литературен јазик мора да се заснова врз овие говори.
Истото го прави и Комисијата за јазик кога во 1945 година ги усвојува современата македонска азбука и современиот македонски правопис. Истите принципи ги афирмира и првата научна Граматика на македонскиот литературен јазик напишана од светски реномираниот лингвист Блаже Конески. Овие принципи се прифатени од македонскиот народ во македонската држава и надвор од неа, во нејзиното опкружување на Балканот, во Европа и пошироко во светот, секаде каде што живеат Македонци.
Македонскиот јазик е административно прифатен на Третата конференција на Обединетите нации за стандардизација на географските имиња, одржана во Атина во 1977 година, и е впишан во картата на јазиците на ООН.
Македонскиот јазик се изучува на многу институти и катедри по славистика и балканистика, како и на голем број лекторати на факултети и на универзитети, и во други научни центри низ Европа и светот. Неговата долга говорна и писмена традиција е неспорен факт во лингвистичката наука. Бројни културни и литературни дела создадени на македонски јазик од автори од државата и надвор од неа се добитници на домашни и на меѓународни награди и признанија.
Склучувањето договори, спогодби и документи на Република Северна Македонија со Европската Унија што содржат јазична одредба со наведување на сите официјални јазици на ЕУ, каков што е Договорот за соработка со Фронтекс, се врши со именување на македонскиот јазик без какви и да е објаснувања, додавки или фусноти. Република Северна Македонија никогаш нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа што е наведено во Преговарачката рамка.
Со приемот на Република Северна Македонија како полноправна членка на ЕУ, македонскиот јазик станува еден од службените јазици на ЕУ“.
Македонскиот јазик станува официјален јазик за ЕУ, a Скопје добива преведувачи од и на македонски јазик, документи, текстови и патокази благодарение на Владата на Кирил Петков и неславниот „француски предлог“ што го усвои бугарскиот Парламент на 26 јуни, пишува весникот „Труд“, повикувајќи се на изјави на кариерни дипломати за, како што вели, серијата документи од бугарското МНР, дистрибуирани ноќе во текот на последните денови.
„Македонскиот јазик ќе биде официјален за целата Европска Унија, а Бугарија молку отстапува со едностраната изјава дека во билатералните односи ќе си ја поддржува политиката за јазикот“, изјавиле дипломатите.
Тие за весникот објаснуваат што значи Унилатералната изјава што ја претстави Бугарија во понеделникот на седницата на Комитетот на постојаните претставници (КОРЕПЕР) во Брисел.
„Тоа е како во поговорката ‘после дожд качулка‘, македонскиот јазик е официјализиран, а тоа што Бугарија ќе става ѕвездички во документите е за смирување на страстите кај нас. МНР повторно прикрив гафови среде ноќ“, велат дипломатите и додаваат дека документот во КОРЕПЕР бил објавен во понеделникот во 22.04 часот, како што се случи и со содржината на билатералниот протокол што го потпишаа во неделата министрите Теодора Генчовска и Бујар Османи.
Весникот потсетува дека претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен соопшти дека ЕУ ги почнува преговорите со Македонија и со Албанија на 19 јули, откако 27-те земји членки се согласија во понеделникот вечерта за почеток на преговорите по потпишувањето на Протоколот што беше последна пречка.
Договорот со Бугарија ќе овозможи, покрај други работи, македонскиот да стане еден од официјалните јазици на ЕУ. Преговорите ќе бидат долги, а членството ќе треба да биде ратификувано од 27-те земји членки, понекогаш и со организирање референдум.
„Ова е ‘нов почеток‘ за регионот на Западен Балкан и ќе биде синоним на просперитет и напредок“, порача македонскиот премиер Димитар Ковачевски на заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама и со Фон дер Лајен во долгото обраќање прво на македонски, а потоа и на англиски јазик.
Објавувањето на почетокот на преговорите уследи по соопштението од бугарското МНР во кое се цитира официјалниот став на Софија:
„Секое повикување на официјалниот јазик на Република Северна Македонија во официјални/неофицијални документи/позиции/изјави и друго на ЕУ и нејзините институции, тела, служби и агенции треба да се сфатат строго во согласност со Уставот на таа држава и во никој случај не треба да се толкуваат како признавање на ‘македонски јазик‘ од страна на Република Бугарија“.
„Немаше да биде преседан ако имаше кипарски јазик, но како што знаеме Кипар во Брисел го користи грчкиот јазик“, потсетуваат поранешни европратеници и додаваат дека при приклучувањето секоја земја-членка го одредува јазикот или јазиците кои сака да бидат како официјални јазици во ЕУ. Така официјалните јазици во ЕУ сега се 24. Во Малта се користи англискиот јазик, во Белгија, Луксембург и Франција е францускиот јазик, а Белгија, Луксембург, Австрија и Германија го проијавиле германскиот јазик.
Откако во текст се тврди дека нема австриски, швајцарски и белгиски јазик во Европа, се прави паралела со тврдењето дека „првичната кодификација“ на македонскиот јазик всушност е прекодификација на веќе создадениот литературен бугарски јазик кој има богата историја и долга писмена традиција.
„Официјалниот јазик на Република Северна Македонија е југозападн регионална норма на бугарскиот јазик и поради тоа може да биде означен како северномакедонски бугарски“, се додава во анализата на весникот.
Во текстот е објавен и изјава на професорот Пламен Павлов кој потсетува дека Бугарија јасно кажала дека го признава официјалниот јазик според Уставот на Македонија, но тоа не значи дека „можеме да го признаеме тој измислен јазик“ и додава дека народот кажал дека тоа е „бугарски јазик напишан на српска машина за пишување“.