ЈУГОСЛАВА ДУКОВСКА
Иако навредите ад хоминем најчесто не спаѓаат во типичен говор на омраза, тие сепак придонесуваат за политичка поларизација во општеството што неминовно доведува до зголемување на тензиите и може да доведе до немили настани. Поради тоа, ваквите јавни испади на политичарите и на нивните поддржувачи би требало внимателно да се пренесуваат
Кога медиумите секојдневно ќе ве опсипувааат со наслови и содржини преполни со навреди, пцости, гадости и вулгарности – адресирани кон едниот или другиот политички противник, кога од непристојниот политички речник преполн со нетолеранција, па и омраза, нема да можете да избегате ниту од медиумите ниту од социјалните мрежи, знајте дека сте во Република Северна Македонија и дека се подготвуваат избори! А, како што стојат работите, Р.С. Македонија е поголемиот дел од времето во некаков облик на предизборна кампања, или подготовки за регуларни или предвремени избори, така што „времето на пцостите“ одамна стана секојдневие.
„Глупак, Шалабајзер, го мрази сопствениот народ, , е*ем ти народот, копито, Барон Муртинхаузен, шарлатан, хохштаплер, муртезанери, предавник, изрод,северџани…“, се само дел од репертоарот на домашната политичка сцена. Политичкиот противник се пцуе сочно и тој е виновен за сè – почнувајќи од корона-епидемијата до наездата на лебарки во Скопје, а грдите и неинвентивни препукувања преку медиумите и социјалните мрежи без филтрирање се слеваат директно до граѓаните.
Се чини дека стереотипизирањата со етнички квалификации, поделбата на „патриоти“ и „предавници“, веќе премногу се излитени и неинтересни за македонската политичка арена. Или, можеби, актуелната состојба со пандемијата на коронавирусот и „новата нормалност“ која таа ја воспостави во општеството, дополнително го соголи културното ниво на политичките актери. Новото „нормално“ во домашниот политички вокабулар го исфрли на површина простотилакот, неодмереноста и генералната некултура. Пцујат и навредуваат политичари, лица на одговорни јавни функции, но погрдни зборови упатуваат и ним блиски колумнисти и портали.
Мисајловски за мене е обичен шалабајзер и шарлатан. Да правиш селфи на плоштад и да тврдиш дека тревата чини 538.000 евра, тоа значи дека си шарлатан, хохштаплер, полуписмен примитивец. Со класична лага сака да ќари политички поени, изјави Петре Шилегов во гостување на 24 Вести за потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Владо Мисајловски.
Претходно, на скопскиот градоначалник, по една прес-конференција, не внимавајќи дали камерите сè уште се вклучени, му излета коментар: „Лудак, ненормален!“ на сметка на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, поради инцидент во кој беа повредени градски инспектори, а полицијата не ги заштитила.
Заев е некрофил кој сака да брои жртви наместо гласови за да си ја задржи фотелјата која му обезбедува пари. СДСМ сака да оди на избори кои ќе бидат кланица за граѓаните, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ од 18 мај.
Обидувајќи се да притисне за одложување на датумот за предвремените парламентарни избори, опозициската партија, исто така во соопштение до јавноста вели:
Зоран Заев го носи народот на гилотина и во организирано убиство само за да ја спаси фотелјата во СДСМ и издејствува помал пораз, стои во друго соопштение од истиот политички субјект.
„Кловновите создадени според ликот и неделото на Барон Муртинхазуен“, пишува во колумна објавена во медиум близок до опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Во истиот напис уште серија лични навреди како „Нина Глупер“, „црпнато чедо“ и слично. За сите овие изблици на некултурен јавен говор заедничко е тоа што се работи за навреди врз лична основа, кои немат друга намена туку да го понижат и омаловажат неистомисленикот или политичкиот противник. Спуштањето на нивото на јавниот дијалог со препукувања на лична релација, освен за некултура зборува и за недостиг на идеи и вистинска политичка понуда на двете најголеми партии.
Порталите наклонети кон опозициската ВМРО-ДПМНЕ го пренесоа и вулгарниот Фејсбук статус на политичкиот аналитичар Александар Пандов:
Копито, бај д веј, е баш тој народ што го разебуваш каде ќе стигнеш, така слатко ќе ти се изнаеБе, да не знаеш главата каде ти е!
Токму така, без ограда и без никаква дискреција.
Пред секој избор процес ние бележиме енормно зголемување на говорот на омраза, но и кривични дела и инциденти од омраза, вели Уранија Пировска, извршен директор на Хелсиншки комитет во УТРИНСКИ БРИФИНГ на 5 март.
Говор на омраза предизвикува насилство, при што голем дел на тие кривични дела се малолетници. Сепак, Пировска смета дека, споредбено со порано, генерално политичарите почнале да водат сметка во однос на нивните говори, односно, ако претходно користеле говор на омраза, сега користат политички некоректен говор, поучени дека одредена граница не смеат да ја поминуваат. Според Пировска имало влијание и тоа што Европскиот суд за човекови права е многу ригорозен во поглед на говорот на омраза од страна на политичарите.
Политичките партии постојано користат поларизирачки говор. Овој податок може да се гледа како суштинска неподготвеност за политички дијалог или како отсуството на свест за негативните ефекти на поларизирачкиот говор врз општествената кохезија и демократските процеси особено врз политичкиот дијалог. Имајќи предвид дека партиите на овој начин постојано комуницираат со своите гласачко тело и поддржувачи и промовираат општествена поделба, наместо дијалог има судир на спротивставени страни. На тој начин се одзема можноста за дијалог на различни мислења, политики и за градење на заеднички консензус кога станува збор за суштински прашања на државата. Односно се наметнува ситуација во која поддржувачите на друга партија се третираат како непријатели наместо учесници во политичка разменана идеи, вредности и политики,
Ова е наведено во неодамна објавената анализа на Институтот за општествени и хуманистички науки во Скопје под наслов: „Поларизирачкиот дискурс и влијанието врз политичката и социјалната поларизација во македонското општество“. Ефектот на крајот, се вели во анализата, е продлабочување на разликите и незадоволството на граѓаните.
Која е одговорноста на медиумите кои ги следат ваквите препукувања на политичките противници? И покрај неприкосновеноста на принципот на слободата на говорот, како и на објективното и вистинито информирање, потребно е да се потсети на две клучни одредби од Кодексот на новинарите кои ја допираат проблематиката на јавниот политички дијалог и неговото пренесување во јавноста:
Новинарот нема свесно да создава ниту преработува информации што ги загрозуваат човековите права или слободи, нема да говори со јазикот на омразата и нема да поттикнува на насилство и дискриминација по која било основа (национална, верска, расна, полова, социјална, јазична, сексуална ориентација, политичка…).
Новинарот ќе се придржува и на општо прифатените општествени стандарди на пристојност и почитување на етничките, културните и религиозните различности во Македонија.
Иако навредите ад хоминем најчесто не спаѓаат во типичен говор на омраза, тие сепак придонесуваат за политичка поларизација во општеството што неминовно доведува до зголемување на тензиите и може да доведе до немили настани. Поради тоа, ваквите јавни испади на политичарите и на нивните поддржувачи би требало внимателно да се пренесуваат. Генералната сугестија би била дека новинарот има право проблематичниот дел од излагањето на политичарот, во рамките на саморегулацијата, нема да го објави. А втората можност е тој дел од говорот, посебно онаму каде има елементи на говор на омраза, да го стави во некаков контекст, кој на читателот ќе му помогне да изгради свој, критички став кон изнесеното.
(visinomer.mk)