Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СО „ВАРВАРИ“ НА ГОРКИ МНТ ОТВОРИ ОДАМНА ПРАЗНО ПОГЛАВЈЕ ВО ИСТОРИЈАТА НА НАШИОТ ТЕАТАР

December 23, 2025 Filed Under: Ревија

Осврт на претставата „Варвари“ на Горки во режија на Владимир Милчин

ДЕВЕТ МЕСЕЦИ РАБОТА Ансамблот на претставата работеше заедно девет месеци а да ни го „врати“ Горки

ЕЛЕНА АНГЕЛОВСКА

Со претставата „Варвари“ од Максим Горки, во режија на Владимир Милчин, која премиерно беше изведена на 13 ноември, по што следуваа репризни изведби на 14 ноември и 17 декември, Македонскиот народен театар не само што отвори едно одамна празно поглавје во домашната театарска историја, туку и постави огледало во кое современото општество непријатно, но јасно се препознава. Оваа претстава, која со право се смета за задоцнета во нашиот културен контекст, доаѓа во момент кога прашањата што Горки ги отвора – за моралот, за напредокот, за насилството на „цивилизацијата“ врз човекот – повторно стануваат болни и актуелни.

„Варвари“ е драма напишана во 1906 година, во период на големи општествени превирања во Русија, но нејзината сила лежи токму во тоа што одбива да остане затворена во историски рамки. Во режисерското читање на Владимир Милчин, Горки не е музејски автор, туку жив, немирен современик. Како што и самиот режисер вели, по аналогијата на Јан Кот и „Шекспир наш современик“, денес со право може да кажеме: „Горки е наш современик“.

ДРАМА БЕЗ ХЕРОИ, ОПШТЕСТВО БЕЗ ОПРАВДУВАЊА Светот на „Варвари“ е свет без јасни позитивни ликови. Тука нема херои во класична смисла, нема морални победници. И токму во таа сива зона на човечките слабости, компромиси и самооправдувања, драмата ја наоѓа својата најголема сила. Ликовите на Горки се луѓе разјадени од сопствените желби, стравови и амбиции, луѓе кои учествуваат во распаѓањето на светот околу себе, дури и кога мислат дека градат нешто „подобро“.

Централниот конфликт – доаѓањето на инженерите и најавата за изградба на железница – не е само технички или економски проблем. Тоа е судир меѓу два света: „дрвениот“, патријархален, инертен свет и „железниот“, рационален, но бездушен свет на напредокот. Прашањето што Горки го поставува, а Милчин прецизно го потенцира, е едноставно и застрашувачко: „што точно напредува, ако човекот назадува“?

РЕЖИЈА НА ИСКУСТВО, ВРЕМЕ И ТРПЕНИЕ Режијата на Владимир Милчин се темели на длабока анализа, трпелив процес и јасна етичка позиција. Ова не е брза, ефектна претстава, туку дело што бара време и од уметниците, и од публиката. Долгиот процес на работа (девет месеци, како што сведочат актерите) се чувствува на сцената: во меѓусебната доверба, во ансамбловата игра, во вниманието кон текстот и неговите „подтекстуални тајни“.

АНСАМБЛ ОД ТРИ ГЕНЕРАЦИИ Една од најголемите вредности на „Варвари“ е ансамбловската распределба, во која на сцена се среќаваат три генерации актери. Ова не е само формален избор, туку суштински дел од значењето на претставата. Како што на сцената кореспондираат различни генерации ликови, така и од гледалиштето се воспоставува дијалог со различни генерации публика.

Актерската игра е одмерена, прецизна и длабоко промислена. Секој актер е внимателно избран за својата улога, без впечаток на случајност или компромис. Посебно се истакнуваат доминантните женски ликови, кои ја носат емоционалната и моралната тежина на претставата.

Ѕвездана Ангеловска во улогата на богатата големопоседничка Богаевска создава комплексен лик на жена која формално поседува моќ, но внатрешно е разјадена од сомнежи и стравови. Нејзината игра отвора суштинско прашање: дали зрелоста и општествениот статус навистина носат мудрост?

Верица Недеска, како Надежда Поликарновна, внесува тивка, но упорна надеж во свет што очигледно ја губи. Нејзината интерпретација е суптилна, човечна и длабоко емотивна – лик што верува дека промената е можна, дури и кога сè околу неа го сугерира спротивното.

ТРИ ГЕНЕРАЦИИ Во „Варвари“ настапуваат три генерации на актери

Софиа Насевска-Трифуновска, во улогата на Лидија Павловна, создава лик кој „вика, вреска, кара и опоменува“, како и целата претстава, не само како драмска фигура, туку како глас на немирот и незадоволството што тлее под површината.

Габриела Петрушевска како Ана Фјодорновна е нежен и посветен лик, фатално вљубена во својот сопруг Јегор, додека тој не и ја возвраќа љубовта. Ана Стојановска како Катја внесува емпатија и разбирање за ситуацијата помеѓу Ана и Јегор и дава подршка на Ана во моменти кога е потрбно. Таа е ќерка на градоначалникот која му помага и на студентот Лукин (Дамјан Цветановски) да се запознае со локалната реалност.

Машките улоги, исто така, се силно профилирани. Младите инжинери, Тони Михајловски и Никола Ристановски, создаваат живописни, динамични и контрастни улоги. Ристановски како Сергеј Николаевич Циганов е инспиративен лик: млада интелигенција, колку рационална, толку и разголена пред слабостите на човечноста, со тенденција кон разврат и став дека „знаењето е поважно од моралот“. Тони Михајловски го игра неговиот колега,Јегор Петрович Черкун, исто така инжинер и љубовник, и неговата појава на сцената е извонредно енергична, харизматична и емотивно убедлива. Динамиката меѓу нив како млади инженери кои доаѓаат во провинцијата и се соочуваат со локалните закони на моќ и традиција е едно од најсилните оски на претставата.

Владо Јовановски во улогата на градоначалникот, оваа улога по вторпат му ја доделува професорот Милчин, посесивен и стравувачки кон сите страни, додава хумор и сатиричен контрапункт. Публиката неколкупати реагираше со смеа на неговите комични забелешки за „фармазоните“. Јордан Симонов како доктор Макаров ја нагласува немоќта на рационалното да го спаси човечкото од трагедијата. Музиката, ненаметлива и суптилна, избрана од Владимир и Ема Марковска Милчин, ја поддржува сценската драматургија без да ја наметнува, оставајќи простор за актерската игра.

СЦЕНОГРАФИЈА, КОСТИМ И ВИЗУЕЛНА СТИЛИЗАЦИЈА

Сценографијата на Беди Ибрахим е импресивна, со внимателно избрани простори што го отсликуваат конфликтот меѓу старото и новото, човечноста и техничкиот напредок. Костимите на Марија Папучевска се раскошни, стилизирани, без да го оковуваат времето и епохата, додавајќи чувство на универзалност на приказната. Заедно со суптилната музичка подлога, овој сценски трио создава уникатна атмосфера која ги објаснува комплексните односи и морални дилеми на ликовите.

ЈУБИЛЕЈ Со претставата се одбележуваат 80 години осдо постоењето на МНТ

АНСАМБЛ И КРЕАТИВЕН ТИМ Она што го прави овој проект особено значаен е сплотеноста на ансамблот. Сите актери, без разлика на големината на улогата, функционираат како еден организам, а посветеноста е очигледна во секој детал – од сценските дијалози до невербалните изрази. Креативниот тим – Беди Ибрахим (сценографија), Марија Папучевска (костими), Владимир и Ема Марковска Милчин (музика и превод), Шенај Мандак (асистент режија) и асистентите на сценографијата и костимите – создаваат хармоничен простор во кој секој актер може да блесне.

НЕОПХОДНА ПРЕТСТАВА ЗА МАКЕДОНСКАТА СЦЕНА „Варвари“ е задоцнета, но неопходна претстава за македонската сцена. Со внимателно одбрани актери, суптилна музика, впечатлива сценографија и костими, таа нè потсетува дека вистинскиот напредок без морал и човечност е невозможен. Силната актерска игра, сложените ликови и интелектуалните дилеми го прават ова дело актуелно и денес, како на премиерата така и за сите идни изведби. Дури и со својата должина, претставата не ја губи динамиката, а публиката е целосно вклучена во секој миг.

МНТ со оваа премиера ја поставува „Варвари“ како важен театарски подвиг и потсетник дека Горки е наш современик – неговата критика на човечката слабост и лажната цивилизација останува извонредно релевантна и за 21 век.

 

Filed Under: Ревија

САМИТОТ ОД БРИСЕЛ БАРА ПРОМЕНА НА ЛЕКСИКАТА ВО ВЛАДИНИТЕ КРУГОВИ ВО МАКЕДОНИЈА
КOНГРЕС НА ДУИ: АХМЕТИ НАЈАВИ ВЕТИНГ ЗА 34 ГОДИНИ И ИЗВРШЕН БАДИНТЕР
ХРВАТСКА СЕ ЛИЗГА ВО КОНФЛИКТ
СО „ВАРВАРИ“ НА ГОРКИ МНТ ОТВОРИ ОДАМНА ПРАЗНО ПОГЛАВЈЕ ВО ИСТОРИЈАТА НА НАШИОТ ТЕАТАР
ЏОЗЕФ СТИГЛИЦ: ОПАСНО Е ДА СЕ ИМА АВТОРИТАРЕН ЛИДЕР БЕЗ НИКАКВА КОНТРОЛА

Најново

  • САМИТОТ ОД БРИСЕЛ БАРА ПРОМЕНА НА ЛЕКСИКАТА ВО ВЛАДИНИТЕ КРУГОВИ ВО МАКЕДОНИЈА
  • КOНГРЕС НА ДУИ: АХМЕТИ НАЈАВИ ВЕТИНГ ЗА 34 ГОДИНИ И ИЗВРШЕН БАДИНТЕР
  • ХРВАТСКА СЕ ЛИЗГА ВО КОНФЛИКТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet