Глобус-Неделен весник

  • Македонија
  • Свет
  • Ревија
  • Архива
  • Контакт
  • Фељтон
  • Колумни

СО ГОВОРИ ЗА ПОДМЕТНУВАЧИ НА ПОЖАРИ ВЛАСТА ПОКАЖУВА ДЕКА ДВОЈНО Е НЕСПОСОБНА

July 15, 2025 Filed Under: Македонија

Лидерот на СДСМ – Филипче смета дека тезите за подметнати пожари укажува дека некој ниту знае да гаси пожари ама ниту има потенција за спречување. СДСМ нуди конкретен план за подобрување на системот за справување со пожари 

ПОНИЖУВАЊЕ Филипче рече дека Мицковски ветуваше гхордост а добивме – понижување

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, на прес-конференцијата во четврток, 10 јули, на одговор на новинарско прашање упати остра критика до актуелната Влада поради неспособноста за справување со пожарите, посочувајќи дека институциите ниту превентивно дејствуваат, ниту соодветно реагираат.

„Мислам дека не се справуваат никако. Еве, навлегуваат во некои тези дека станува збор за смислена акција за подметнување на пожари, што укажува на тоа дека двојно не се спремни, ниту во системот на откривање на намерни подметнувања на пожарите, ниту пак во справувањето со пожарите,“ истакна Филипче.

Тој потсети на серијата пожари кои избувнаа во различни делови од државата како во Дојран, Крива Паланка, Чучер Сандево и на неуспехот на Владата да ја контролира ситуацијата на терен. „Видовме промоција на возила за борба со пожарите, но не гледаме дека се во функција. Сето тоа укажува дека Владата има за цел да ги прикаже работите многу подобри од тоа што вистински се како и нивните капацитети и желбата да се справат со проблемите“, рече тој.

Филипче ја отфрли тезата на ВМРО-ДПМНЕ дека СДСМ кризата ја користи за политички поени и нагласи дека како опозиција партијата секогаш дава конструктивна критика, но нуди и конкретни решенија за надминување на ситуацијата.

„Ниту еден поединец од СДСМ, градоначалник или поединец, нема намера да се сити со некаква криза. Да потсетам на нивните прес-конференции за пожарите додека бевме ние на власт. Ние тогаш бевме на терен и со луѓето помагавме. Лани за време на нивното владеење изгоре поголема површина од државата отколку за 10 години. Ова е доказ е дека не се справуваат добро“, потсети Филипче.

Претседателот на СДСМ најави дека пратеничката група во Собранието ќе ги повлече сите амандмани на ребалансот на Буџетот, со цел средствата да бидат пренаменети за поддршка на системот за справување со пожари.

„Ги повлекуваме сите амандмани денеска за сите средства да бидат насочени кон надградба на овие системи – за ЦУК, за ДЗС, сè што треба да се направи за да се помогне на тие институции, за да не доаѓаме понатаму во ситуации кога немаме капацитети и не сме спремни“, посочи Филипче.

Тој нагласи дека ова е моментот кога и другите партии, особено ВМРО-ДПМНЕ, треба да покажат зрелост и да се вклучат конструктивно во надградбата на системот за заштита и спасување.

САМООДБРАНА Жителите на Скопска Црна Гора се потпиираат главно
на своите сили а тоа се покажува и недоволно во конкретниот случај

Во овој контекст Филипче порача дека неговата партија секогаш била подготвена за соработка и дијалог со сите политички чинители околу националните интереси и европската интеграција. „Секогаш сме отворени за соработка, како иницијативи, тоа доаѓало и од страна на партијата, во мое лично име, во некои наврати, во изминатиот период. Тоа што никогаш, на пример, не било кажано, е зошто ние да не седнеме и да се договориме – кои се нашите национални интереси, како заеднички да се бориме, на кој начин и така натаму,“ рече Филипче.

Тој нагласи дека ова е нормален и испробан пристап во сите земји што успешно се интегрирале во ЕУ. „Апсолутно сме тука да седнеме на маса и да разговараме. Впрочем, многу земји кои што влегуваа во Европската Унија во изминатиот период, го потврдуваат тоа, како на пример Хрватска, со која имаме одлична соработка – дека сите партии работат заедно кога станува збор за Европската интеграција,“ додаде Филипче.

Сепак, тој предупреди дека ваквите повици најчесто се празни и се користат како политичка тактика за дефокус. „Јас жалам и сметам дека ова е еден целосен дефокус, и дека тука не станува збор за вистинска желба да се направи чекор напред кон Европската интеграција, туку за обид за добивање на политички поени,“ истакна Филипче.

„Но, да резимираме: тука сме да седнеме заедно, да разговараме за сè што треба – од сите политички чинители, од сите етнички заедници – да разговараме за тоа како ќе го продолжиме евроинтегративниот пат,“ заврши тој.

Филипче говореше и за релацијата на ЕУ и македонскиот јазик. „Македонскиот јазик е безбеден, идентитетот е безбеден. Но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта,“ истакна Филипче. Тој предупреди дека неодговорните чекори на актуелната влада ја загрозуваат довербата на нашите стратешки партнери и ја намалуваат поддршката која државата ја уживаше досега.

„За една година Македонија ја изгуби довербата кај стратешките партнери, што е единствено вина на оваа власт. Нема Мицкоски кон кого да покаже со прст, ветуваше гордост, а добивме понижување,“ рече Филипче. Според него, власта имаше добри стартни позиции и подготвени гаранции, но ги уништи со своето неодговорно однесување.

„По преземањето на власта, ВМРО-ДПМНЕ доби чиста ситуација. Добија загарантиран македонски јазик во Унијата, добија јасен пат напред. Но ветуваа и лажеа дека можат подобро. Дека можат да обезбедат подобар договор со Бугарија, дека можат да обезбедат нова преговарачка рамка, дека се во периметарот и први во редот. Кажуваа дека имаат многу партнери кои нè разбираат и поддржуваат. За жал, ништо од тоа не се покажа како точно,“ истакна Филипче.

Тој потсети дека патот кон ЕУ беше јасно трасиран и сигурен додека СДСМ ја водеше државата, но дека денес сме сведоци на целосен дипломатски и политички пораз на власта. „Нашата борба и визија беа јасни: да го заштитиме јазикот и идентитетот и што поскоро да влеземе во ЕУ како Македонци кои говорат македонски јазик. Ова во ниеден момент не беше, ниту пак е, загрозено сега,“ рече Филипче.

МНР Надворешната политика лани нследи чиста ситуација а за една година добивме серија на порази

Завршувајќи, Филипче посочи дека актуелната влада само ги продлабочува проблемите и ја оддалечува Македонија од Унијата со секој следен чекор, додавајќи: „Жално е нивото на несвесност за последиците и штетите од овие политики кои ѝ се прават на државата и граѓаните.“

Вадењето на јазикот од извештајот не е закана за признавањето на јазикот од Унијата ниту за идентитетот, туку тоа е пораз на владината дипломатија, порача претседателот на СДМ Венко Филипче на денешната прес конференција по повод увојувањето на извештајот на Европскиот парламент без термините „македонски идентитет“ и „македонски јазик“.

„Вадењето на јазикот од извештајот е пораз на владината дипломатија, која не успеа да подобри ништо од позициите кои ги наследи, туку како со булдожер ги сруши. Тие ги срушија нашите европски перспективи и го изложија нашиот народ на потсмев, правејќи го целосен губитник. Извештајот не е извештај за постоењето на македонската нација, македонскиот јазик или македонскиот идентитет но македонската интеграција во Унијата е сè подалечна поради политиките и изборите на власта“, рече Филипче.

Во своето обраќање претседателот на СДСМ Филипче рече дека во својот мандат, СДСМ успеала ги отфрли обидите македонскиот јазик да биде исклучен од извештајот благодарение на стратешките партнери кои ја препознале искрената борба, чесните намери и волја за ЕУ-интеграција но и јасните црвени линии.

„Ние знаеме кои сме, на кој јазик говориме и токму тоа го загарантиравме со договорите. На македонски се преведува во ЕУ, на македонски се потпишуваат договорите меѓу ЕУ и Северна Македонија, на македонски се говори во Унијата. Ова го гарантира Преговарачката рамка“, рече Филипче.

Лидерот на СДСМ ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи кој го нарече Мицкоски „северномакедонски“ премиер, истакнувајќи дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството. „Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции. И тоа воопшто не е во духот на добрососедските односи,“ рече Филипче. Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има искуство и капацитет да се справи со нив. „Многу пати наназад, во изминатите години и децении од нашата самостојност, сме се сретнувале со такви ситуации – луѓе кои не негирале, луѓе кои не провоцирале – и тоа трае уште од деведесеттите години наваму, и тука до израз доаѓа умешноста на дипломатијата,“ додаде тој.

Филипче потсети и на пример од деведесеттите, кога тогашниот претседател Бранко Црвенковски бил омаловажуван од меѓународни претставници, но одговорот бил работа и трпение. „Еве ќе се вратам во деведесеттите години – да потсетам, во времето на тогашниот претседател Бранко Црвенковски, претседател на Социјалистичката интернационала, Пјер Моро му кажал: ‘Не може секое племе на Балканот да има држава.’ Но, тука не треба да се нервира човек, туку треба да се работи. Ние сега сме држава, членка на НАТО,“ објасни Филипче.

Истакна дека со истата дипломатија и трпение се избориле и договорите со Грција и Бугарија, во кои биле заштитени македонскиот јазик и идентитет, како и поддршката од Бундестагот во 2023 година. „Ние со провокации од Бугарија сме се среќавале и порано. Бугарите не се различни од лани до сега. И во наше време, кога ги преговаравме договорите со Грција и со Бугарија, имаше луѓе кои што провоцираа, па успеавме во договорите да стои чист македонски јазик. Значи, умешноста на дипломатијата се гледа тука,“ рече Филипче.

Тој подвлече дека вистинскиот одговор на ваквите ситуации не се драматични изјави и конфронтации, туку сериозна и решителна дипломатска борба. „Дипломатијата мора да се користи со цел да го извлечеме најдоброто за земјата. Да водиме напред, да ги отвориме преговорите – тоа е единствената иднина за земјата. Тоа сите го знаат. Меѓутоа, тоа не бара ниту нервоза, не бара ниту патетика, не бара ниту патетични прес-конференции. Тоа бара сериозна борба. Тоа бара убедување и борба,“ порача Филипче.

На крајот, тој предупреди дека повлекувањето од постоечките договори би било штетно за државата и дека тие треба да се користат како основа за натамошно градење на добрососедските односи. „Сметам дека не треба да се повлекуваме од договорите. Договорите се прават за да служат, да некои односи се надградуваат во духот на добрососедството, во духот на Копенхашките критериуми, во духот на Европа. Ништо нема да направиме ако се повлечеме од некој. Добро, треба да бидеме принципијални, да бидеме коректни. Нека гледа Европа ако има провокатори од другата страна. Наше ни е да покажеме дипломатско, фер добрососедско однесување,“ заврши Филипче.

 

Filed Under: Македонија

СО ГОВОРИ ЗА ПОДМЕТНУВАЧИ НА ПОЖАРИ ВЛАСТА ПОКАЖУВА ДЕКА ДВОЈНО Е НЕСПОСОБНА
РEКТОРОТ ЃОКИЌ КАКО ГЛАВЕН КОНКУРЕНТ НА ВУЧИЌ
КОРЕНИТЕ НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ
ПУТИНОВ ПОКЕР, РУСКИ РУЛЕТ (136): ПРИХОДИТЕ ОД НАФТА СЕ ТОПАТ, ШТО ЗНАЧИ ТОА ЗА МОСКВА
ГОРДОСТА МИ УДРИ ВО ЧЕЛО – И МИ ИЗВАДИ ОКО

Најново

  • СО ГОВОРИ ЗА ПОДМЕТНУВАЧИ НА ПОЖАРИ ВЛАСТА ПОКАЖУВА ДЕКА ДВОЈНО Е НЕСПОСОБНА
  • РEКТОРОТ ЃОКИЌ КАКО ГЛАВЕН КОНКУРЕНТ НА ВУЧИЌ
  • КОРЕНИТЕ НЕ СЕ ЗАБОРАВААТ

Импресум

Издавач - Здружение за нови политики и слобода на медиуми "Јавност" - Скопје,

Партизански одреди 23/1/3 Скопје

globus@globusmagazin.com.mk

Барај

Сите права задржани© 2025 · ГЛОБУС · Log in

Developed by Unet