Пресудата на Арбитражниот суд во Париз е во наша корист, информираат од кабинетот на Битиќи. Поголем е профитот секако ако по овој нафтовод започне да тече гориво до Рафинеријата ОКТА. За ова има интерес и во регионот
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/vlada-1024x423.jpg)
Во претстојниот период адвокатскиот тим на Дехерт од Париз, ангажиран од Владата, ќе ја анализира арбитражната пресуда во спорот меѓу ЕЛ.ПЕТ Балканики и Република Северна Македонија, кој произлегува од Договорот за продажба на акции на Рафинеријата ОКТА од 1999 година по што ќе биде донесена одлука за следните правни чекори кои ќе бидат преземени, информираат од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи
Со Пресудата, потенцираат од таму, е утврдено дека ЕЛ.ПЕТ нема право да бара пенали за периодот додека ОКТА не работела од 2012 до 2019 година, односно дека ова се последните пенали кои државата ги плаќа по основ на Договорот од 1999 година.
ЕЛ.ПЕТ побаруваше главен долг од 31 590 000 американски долари по основ на непотрошен мазут на ОКТА од гарантираната годишна количина од 500 000 тони за годините 2008, 2009, 2010 и 2011 година. Исто така, побаруваше 5 отсто годишна затезна камата сметано од 22.12.2015 година, што во апсолутен износ изнесува околу 11 056 000 долари до 22.12.2022 година, како и адвокатски трошоци и трошоци на арбитражната постапка во износ од 1 439 920 евра. Вкупното побарување на ЕЛ.ПЕТ Балканики по основ на главен долг и камата изнесува 42 646 000 долари“,се вели во соопштението од Кабинетот на Битиќи.
Оттаму прецизираат дека Арбитражниот суд досуди 21 478 797 долари за главниот долг од побаруваните 31 590 000 долари, како и затезна камата по ЕУРИБОР стапката која е негативна во претходниот период, наместо побаруваните 11 056 000 долари.
„Со тоа вкупно досудениот износ по основ на главното побарување до денес е околу 21 478 797 долари, што претставува околу 51 отсто од побаруваниот износ со тужбата. На ЕЛ.ПЕТ му се досудени и 787 334 евра за адвокатски и арбитражни трошоци од побаруваните 1 439 920 евра. Со Пресудата е утврдено дека вкупната количина на потрошен мазут на ОКТА во период 2008-2011 година изнесува 1 204 489 тони, така што на ЕЛ.ПЕТ му следат пенали од 27 долари по тон за 795 511 тони мазут“,прецизираат од Кабинетот на Битиќи.
Денеска соработникот за енергетика во Владата Виктор Андонов рече дека и оваа сума може да биде предмет на понатамошни усогласувања или договарања како што тоа е направено во 2008 година, кога е постигнат договор за порамнување.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/naftovod.jpg)
Нафтоводот да може да го користат сите увозници на дизел гориво, а цената за користење да ја формира Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги. Ова е решението што го предлага Владата во однос на реактивирање на нафтоводот, кој веќе осум години не е во функција.
Владата на 24-тата седница ја разгледала информацијата за улогата на трговското друштво „Нафтовод“ ДООЕЛ Скопје во својство на малцински акционер во претпријатието за нафтени цевоводи Солун-Скопје, „Вардакс“ АД.
„Истовремено, Владата заклучи да се има предвид мислењето на Кабинетот на заменикот на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, со укажување решението во однос на барањето на мнозинскиот акционер да се стави во функција на нафтоводот со цел истиот да пренесува нафтен дериват- дизел потребно е да се побара во рамките на Енергетската заедница.Поточно, истото да биде во рамки на третиот пакет европски директиви за енергетика каде за кој било инфраструктурен проект од енергетиката треба да важи начелото за конкурентност, при што секој активен транспортер (увозник) на дизел гориво треба да има пристап до истиот инфраструктурен објект. Воедно, неопходно е да се утврди дека Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на Република Северна Македонија ќе ја пресметува и објавува цената за користење на нафтоводот како инфраструктурен објект“, пишува во записникот од владината седница.
Веќе се пишуваше дека нашата земја е една од ретките која на својата територија има нафтовод што не го користи. Во 2013 година беше стопиран транспортот на сурова нафта преку нафтоводот Солун – Скопје.
„Хеленик Петролеум“ преку нејзината компанијата „ЕЛПЕТ Балканики“ е мнозински сопственик на рафинеријата „Окта“ и сопственик на 80 отсто од капиталот во грчко-македонската компанија „Вардакс“, која стопанисува со нафтоводот. Останатите 20 отсто од нафтоводот се во сопственост на нашата земја.
Грците во текот на 2016 година во времето на минатата владејачка структура предводена од ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ најавија дека нафтоводот е исчистен од остатоците од сурова нафта и дека е приспособен за транспорт на дизел гориво. Тие ја обвинија тогашната Влада дека не дава дозвола за пуштање на употреба на нафтоводот иако тоа би било корисно за македонските граѓани и економијата бидејќи би се обезбедил сигурен и квалитетен транспорт на дизел, кој е убедливо најупотребувано гориво во нашата земја.
Премиерот Зоран Заев во октомври 2020 г., информираше дека се во тек преговори околу пуштање на нафтоводот.
„Преговараме со ОКТА за пуштање на нафтоводот, а под кои околности, ќе се договориме. Како држава, изразуваме и желба за учество со акции во гасоводот од Александрополис, не само на компаниите“, рече Заев.
![](http://globusmagazin.mk/wp-content/uploads/2022/12/tafinerija.jpg)
Нафтоводот почна со работа во 2002 година, има должина од околу 213,5 километри и носивост на транспорт од 2,5 милиони тони нафта годишно. Транспортот на суровата нафта се одвиваше од терминалот на „Хеленик Петролеум“ лоциран во индустрискиот комплекс во Солун до терминалот во „Окта“.
Во 2012 година преку нафтоводот беа увезени 259.355 тони сурова нафта, односно за 62,18 отсто помалку количества на сурова нафта во однос на увезените количества во 2011 година. Кога почна со работа нафтоводот, транспортираните количини беа неколкукратно поголеми.
Хеленик Петролеум и Северна Македонија по 13 години побараа дозвола за управување со нафтоводот Скопје – Солун. Барањето за издавање дозвола за превоз на нафтени деривати по цевковод се однесува на период од 35 години.
Компанијата „Вардакс“, која стопанисува со нафтоводот Скопје – Солун, поднесе барање до Регулаторната комисија за енергетика за повторно добивање дозвола за работа. Според директорот на „Нафтовод“, Есад Рахиќ, гасоводот има потенцијал да испорачува милион тони дизел годишно во Македонија и Косово, а тоа би значело голема сума на транспортни такси за државата.
„Можам да објавам дека бизнисот конечно се движи во вистинската насока. Тоа е стратешки проект кој не можеше да се изостави. Не знам ни зошто траеше толку долго. Освен финансиски придобивки, земјава ќе добие и поевтина и поквалитетна нафта. Но, ова е само почеток, потребно е да се донесат и дополнат уште неколку законски и подзаконски акти за да се почне со работа, рече Рахиќ.
Како што вели, процедурите се уште се во тек, но важно е што во меѓувреме е зголемена свеста за овој проект. Во иднина, нафтоводот ќе го смени името и ќе се нарекува производствен гасовод. Барањето на РКЕ беше поднесено на 23 ноември.
„Барањето за издавање дозвола за вршење на енергетски дејности – транспорт на нафтени деривати по цевковод, се однесува на период од 35 години“, се наведува во соопштението на Регулаторната комисија за енергетика.
Упатените велат дека со повторното функционирање на нафтоводот ќе се неутрализира можноста за фиктивно влегување на нафта од страна на трговците и точното количество увезена. Исто така, ќе се елиминираат факторите на метеж и блокади на границите, евентуална нефункционалност на пругите и оштетувања на патиштата.
Во моментов има и крак чија изградба стигна до Арачиново во Скопје, кој треба да продолжи кон Косово. Неодамна и Србија најави дека ќе гради нафтовод до границата со Македонија. Цената на превозот со „Вардак“ ќе продолжи да ја утврдуваат претставници на Министерството за економија и Хеленик Петролеум. Што се однесува до техничката состојба, велат дека е добро заштитена и дека нејзината безбедност ќе биде детално истражена.
Вардак С.А., македонската подружница, сопственик на гасоводот, е подготвена веднаш да започне со работа, за да го врати гасоводот во употреба за транспорт на нафтени деривати до Скопје. Сакаме да истакнеме дека гасоводот има дозвола за работа за транспорт на сурова нафта и нафтени деривати“, се вели во првото соопштение на Хеленик Петролеум, по доаѓањето на новата влада во 2017 година.
Прашањето за повторно отворање на нафтоводот Солун-Скопје било разговарано на трипартитниот состанок на Грција, Македонија и САД при посетата на тогашниот американски државен секретар Мајк Помпео во 2020 година.
Како што е познато, гасоводот е затворен од 2013 година, кога Хеленик Петролеум оцени дека неговото работење е неисплатливо.