Со измени на Законот за судови се настојува да се воведе т.н. мерит систем, или систем на заслуги и способност за напредување во кариерата
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Еден од оние нови законски проекти кои треба да ја покажат нашата решеност за одлучно спроведување на реформите во земјава, спроти очекуваниот старт на преговори за влез во ЕУ, е Законот за судови. Тој во форма на Предлог за измени на Законот за судови тргна во фаза на дискусија уште во јануари 2018 година од канцелариите на Министерството за правда, ама усвоен е од страна на Владата на седницата од 12 декември.
Во основа измените што се дадени во него најмногу се концентрирани наможностите што стојат пред судиите во напредувањето во нивната кариера, условите кои треба да ги исполнат и како да има настојување правосудството да се извлече од т.н. споил систем, кој овозможуваше огромно влијание на извршната или партиска власт врз распределбата на места и во правосудството, со создавање на услови да се напредува според мерит системот, односно оној кој овозможува да одите напред со своите квалификации и докажаност во професијата, смета судијката Маргарета Цаца – Николовска.
АКАДЕМИЈАТА СТАНУВА КЛУЧЕН ЧИНИТЕЛ ЗА НАПРЕДУВАЊЕ
Оттаму, сега Академијата за судии и обвинители станува непобитна централна точка за стартот на оние кои треба да ја делат правдата. Ако досега околу тоа имаше двојби и различни пресврти кај нас, отсега сѐ е јасно: оваа институција станува клучната „транбулина“ за сите оние кои по завршувањето на Правниот факултет гледаат кон судниците.
Меѓународните искуства инаку по овој третман на Академијата се различни, вели меѓународниот судија Цаца – Николовска, но додава дека сега предлагачот тука го ставил својот акцент.
За судија во основен суд може да конкурира оној кој има 7/1 степен на правни студии или по ново 300 кредити (ова важи и за лица кои завршиле во странство и имаат нострифицирана диплома), да мине обука во Академијата, да говори некој од трите странски јазици кои се користат во ЕУ (англиски, француски или германски), со тоа што по најновата предлог-верзија не се бара она „активно“ (член 15 од Предлог-законот за измена на Законот за судови). Ако кандидатот е веќе судија, а се јавува на конкурс во друг суд треба да има 4-годишно искуство и позитивна оценка од Судскиот совет.
Од кандидатот се бара „во моментот на изборот со правосилна пресуда да не му е изречена казна или прекршочна санкција забрана за вршење професија, дејност или должност за дело поврзано со вршење на правна професија или за друго кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку шест месеци.“
Законодавецот во последната верзија на Предлог-законот за измена на Законот за судови ги примил критиките дека дозволува брзо напредување, па сега ако некој конкурира за судија во апелационен суд треба да има 6-години непрекинат стаж во Основен суд, во Управен суд или Виш управен суд. Се разбира, она „позитивна оценка“ се подразбира. За премин од апелационен во друг апелационен се бара 4-години непрекинат стаж во таа судска установа.
Практично, судија почетник може по 12 години непрекинато минато во Основен, односно апелација, да конкурира за судија во Врховен суд! Иако лествичката сега е подигната за две години тоа сепак е доста брзо за да се достигне највисокиот ранг во професијата! – коментираат судиите во пензија.
Цаца – Николовска вели дека на оној кој бил судија во Меѓународниот суд во Стразбур, може да биде избран во сите нивоа во правосудството. Има промена и во делот кај судиите избрани во Уставниот суд на кои претходното место им мирува.
ПОРОТНИЦИТЕ НЕ СЕ ТОЛКУ ВАЖНИ!? Од друга страна, оној кој ги гледа измените може да се чуди зошто критериумите за избор на судија-поротник се така ниски, особено во земја со толкав број на невработени високостручни кадри, меѓу нив и дипломирани студенти, кои барем како поротници би го учеле занаетот, би ја примирисале „судницата“. Сега одново е доволно тие лица да се со завршено средно образование. Јасно, законодавецот одново го третира поротништвото со еден формален пристап и јасно е, го става во некаква поданичка позиција. Досега важеше одредбата дека овие судии треба да имаат високо образование, но наводно немало доволно заинтересирани, иако на теренот ситуацијата не е таква и многу често на тие места се наоѓаа лица со средно образование (често и за кв работници), но со неофицијална ама партиска препорака.
Еве што стои во предлог измената на членот 42 со кој се третира подобноста за вршење функција на судија поротник:
Членот 42 менува и гласи:
(1) Судии – поротници ги избира и разрешува Судски совет на Република Македонија под услови и во постапка определена со закон.
(2) за судија – поротник може да биде избран полнолетен граѓанин на РМ со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед во вршењето на оваа функција и кој не е постар од 60 години.
(3) Судија – поротник за судење на малолетници се избира од лица со искуство во воспитанието и образованието на млади.
(4) По изборот, судиите – поротници задолжително посетуваат специјализирана обука организирана од Академијата за судии и јавни обвинители, за што Академијата им издава сертификат за завршена обука.
(5) Содржината, времетраењето и содржината на обуката од ставот (4) на овој член се утврдува со специјализирана програма за обука на судии- поротници од страна на Академијата за судии и јавни обвинители.
Со предложените измени на Законот за судови се доуредуваат одредбите за начинот на распределба на предметите во судот преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со предметите. Тоа е надлежност на Врховниот суд.
ОДГОВОРНОСТ НА СУДИИТЕ Со предлог-измените на Законот за судови посебно внимание се става на одговорноста на судовите. Посебен акцент е ставен на категоријата „потешка дисциплинска повреда“, која, кога ќе се констатира е основ за утврдување на одговорност на судијата, Како таква ќе се смета:
– потешка повреда на јавниот ред и мир и други посериозни форми на недолично однесување со која се нарушува угледот на судот и неговиот углед;
– грубо влијание и мешање во вршењето на судиската функција на друг судија;
– ако одбие да поднесе изјава за имотна состојба и интереси согласно закон или ако податоците содржани во изјавата во голема мера се невистинити или
– постои очигледно прекршување на правилата за изземање во ситуации во кои судијата знаел или требало да знае за постоење на некоја од основите за изземање предвидени со закон.
Се забрзува процесуирањето на постапката во таков случај, па претседателот на судот во рок од осум дена од денот на осознавање на сторената повреда, но не подолго од три месеци од сторената повреда е должен писмено да го извести Судскиот совет на Република Македонија.
Две последователни негативни оценки носат опасност за судијата од страна на Судскиот совет, како и издавање на класифицирани податоци, одолговлекува постапка или форсира застареност на постапка и слични постапки кои се таксативно наведени се третираат како нестручно и несовесно вршење на функцијата.
Во поведена дисциплинска постапка се предвидени како можна казна следните мерки:
Членот 78 се менува и гласи:
(1) За утврдена одговорност на судија, Советот може да изрече една од следниве дисциплински мерки:
-писмена опомена,
-јавен укор,
-намалување на платата во висина од 15 % до 30 % од месечната плата на судија во траење од еден до шест месеца.
(2) Ако на судијата со правосилна одлука му е изречена дисциплинска мерка намалување на плата во висина од 15% до 30% од месечната плата, судијата не може да биде избран во повисок суд, за член на Судскиот совет, предложен за судија во меѓународен суд, директор или заменик директор на Академијата за судии и јавни обвинители, за времето додека трае дисциплинската мерка.
(3) При утврдувањето на дисциплинската одговорност, определувањето и изрекувањето на дисциплинските мерки задолжително се земаат во предвид тежината на повредата, степенот на одговорност, околностите под кои е сторена повредата и однесувањето на судијата, последиците од сторената повреда, како и претходно изречените дисциплински мерки.
Со законските измени се внесува забрана судијата да ги користи својата функција и угледот на судот за остварување на приватни интереси и се зајакнува правото на странката за поднесување на претставка до претседателот на судот поради недолично или непримерно однесување на судија или судски службеник во службените односи со странките, а кои се спротивни на етичкиот кодекс и да добие одговор на претставката.
Секој има право да поднесе писмена или усна претставка до претседателот на судот поради недолично или непримерно однесување на судијата или судски службеник во службените односи со странките кои се спротивни на етичкиот кодекс и да добие одговор на претставката, се вели во законските измени.
Со измените се зголемува опфатот на дисциплински мерки, односно се предвидува воведување на дополнителни часови стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители за судии за кои Судскиот совет во постапка за утврдување на одговорност ќе оцени дека им е потребно дополнително стручно едуцирање.
За верување е дека Предлог измените на Законот за судови ќе оди брзо низ парламентарните коридори, бидејќи ќе се сака да се покаже некаков напредок во реформите во оваа дејност кај набљудувачите на нашиот општествен прогрес.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Опремата е на Глобус