Во предложените измени на Законот за судови, кај критериумите за избор на судии некаде имаме заострени услови (странски јазици), а некаде и „попуштање“, па така не се предвидува среден успех осум за време на студирањето
ЉУБОМИР КОСТОВСКИ
Еден од оние нови законски проекти кои треба да ја покажат нашата решеност за одлучно спроведување на реформите во земјава, спроти очекуваниот старт на преговори за влез во ЕУ, е Законот за судови. Тој, во форма на Предлог за измени на Законот за судови, тргна во фаза на дискусија уште во јануари 2018 година од канцелариите на Министерството за правда, ама усвоен е од страна на Владата на седницата од 11 декември, иако до крајот на минатата недела сѐ уште не беше стигнал до македонскиот Парламент.
Во основа измените што се дадени во него највеќе се концентрирани на можностите што стојат пред судиите во напредувањето во нивната кариера, со создавање на услови да се напредува според мерит системот, односно оној кој овозможува да одите напред со своите квалификации и докажаност во професијата.
АКАДЕМИЈАТА СТАНУВА КЛУЧЕН ЧИНИТЕЛ ЗА НАПРЕДУВАЊЕ
Оттаму, сега Академијата за судии и обвинители станува непобитна централна точка за стартот на оние кои треба да ја делат правдата. Ако досега околу тоа имаше двојби и различни пресврти кај нас, отсега сѐ е јасно: оваа институција станува клучната „транбулина“ за сите оние кои по завршувањето на Правниот факултет гледаат кон судниците. Инаку, меѓународните искуства во однос на Академијата се различни.
Изгледа чудно што судиите од основните судови можат да аплицираат за испразнети места во апелационите судови со само 4-годишна кариера! – коментира нашата судијка со интернационална кариера Маргарита Цаца Николовска.
Мислам дека е многу рано некој да се здобие со доволно знаење и искуство за Апелација, бидејќи таму практично ќе ги преиспитува решенијата на своите довчерашни колеги.
Уште почудно е дека ако некој почетник после 4 години стигне во Апелација, тој по само 6 години ќе може да се кандидира и за член на Врховен суд. Така, тој или таа со само 10-годишно искуство ќе бидат на врвот на правосудството!
Цаца Николовска вели дека е необично решението дека оној кој стигнал до тоа да биде дел од Меѓународниот суд во Стразбур, по истекот на мандатот може да се врати да суди во македонските судови, но таа можност ја нема, на пример, судија во Уставниот суд. Таквиот судија не може да конкурира ниту за судија во Врховен суд! Практично, неговата кариера во судовите, кога ќе му мине мандатот во Уставниот како да е завршена. За Цаца Николовска изгледа дека решенијата се плод на советите кои земјава (и законодавците) ги добиваат однадвор, од меѓународниот фактор.
ПОРОТНИЦИТЕ НЕ СЕ ТОЛКУ ВАЖНИ!? Од друга страна, оној кој ги гледа измените може да се чуди зошто критериумите за избор на судија-поротник се така ниски, особено во земја со толкав број на невработени високостручни кадри, меѓу нив и дипломирани студенти, кои барем како поротници би го учеле занаетот, би ја „пoмирисале“ судницата. Сега одново е доволно тие лица да се со завршено средно образование. Јасно, законодавецот одново го третира поротништвото со еден формален пристап и јасно е, го става во некаква поданичка позиција. Досега важеше одредбата дека овие судии треба да имаат високо образование, но наводно немало доволно заинтересирани, иако на теренот ситуацијата не е таква и многу често на тие места се наоѓаа лица со средно образование (често и за кв работници), но со неофицијална ама партиска препорака.
Еве што стои во предлог измената на членот 42 со кој се третира подобноста за вршење функција на судија поротник:
Членот 42 менува и гласи:
(1) Судии – поротници ги избира и разрешува Судски совет на Република Македонија под услови и во постапка определена со закон.
(2) за судија – поротник може да биде избран полнолетен граѓанин на РМ со завршено најмалку средно образование, кој активно го владее македонскиот јазик, ужива углед во вршењето на оваа функција и кој не е постар од 60 години.
(3) Судија – поротник за судење на малолетници се избира од лица со искуство во воспитанието и образованието на млади.
(4) По изборот, судиите – поротници задолжително посетуваат специјализирана обука организирана од Академијата за судии и јавни обвинители, за што Академијата им издава сертификат за завршена обука.
(5) Содржината, времетраењето и содржината на обуката од ставот (4) на овој член се утврдува со специјализирана програма за обука на судии- поротници од страна на Академијата за судии и јавни обвинители.
Со предложените измени на Законот за судови се доуредуваат одредбите за начинот на распределба на предметите во судот преку автоматизираниот компјутерски систем за управување со предметите.
Се предвидува поголема специјализација на судиите и се овозможува формирање и на оддели за стопанска област одвоени од граѓанските оддели во судовите во кои постои потреба за тоа.
Исто така, се прецизира надлежноста на Врховниот суд на Република Македонија, кој формира Совет за одлучување по жалби против одлуките на Судскиот совет на Република Македонија, и воедно се предвидува обврска за Врховниот суд на Република Македонија задолжително да ги објавува на својата веб- страница утврдените начелни ставови и правни мислења по прашања од значење за обезбедување на единство во примената на законите од страна на судовите.
Кај критериумите за судии некаде имаме заострени услови (странски јазици), а некаде и „попуштање“, па така не се предвидува среден успех осум за време на студирањето, неофицијално заради тоа што осмицата различно вреди во зависност за кој факултет се работи кај нас.
Со законските измени се внесува и забрана судијата да ги користи својата функција и угледот на судот за остварување на приватни интереси и се зајакнува правото на странката за поднесување на претставка до претседателот на судот поради недолично или непримерно однесување на судија или судски службеник во службените односи со странките, а кои се спротивни на етичкиот кодекс и да добие одговор на претставката.
Секој има право да поднесе писмена или усна претставка до претседателот на судот поради недолично или непримерно однесување на судијата или судски службеник во службените односи со странките кои се спротивни на етичкиот кодекс и да добие одговор на претставката, се вели во законските измени.
Со измените се зголемува опфатот на дисциплински мерки, односно се предвидува воведување на дополнителни часови стручна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, за судии за кои Судскиот совет во постапка за утврдување на одговорност ќе оцени дека им е потребно дополнително стручно едуцирање.
За верување е дека Предлог-измените на Законот за судии ќе оди брзо низ парламентарните коридори, бидејќи ќе се сака кај набљудувачите на нашиот општествен прогрес да се покаже некаков напредок во реформите во оваа дејност.
Овој напис е изработен во рамките на Проектот за зголемување на отчетноста и одговорноста на политичарите и партиите пред граѓаните, Вистиномер, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество Метаморфозис со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија. Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Фондацијата Отворено општество – Македонија.