За 1.400 евра без полагање се „додавале“ Ц и Д категории во возачки дозволи во МВР

ЗОРАНА ГАЏОВСКА СПАСОВСКА
За околу 1.400 евра, без да полагаат возачки испит, граѓани наводно добивале впишани Ц и Д категории во возачките дозволи. Случајот го истражува внатрешната контрола на Министерството за внатрешни работи (МВР), откако се појавиле сомнежи дека службеници незаконски внесувале категории во официјалниот систем, објави ТВ Сител.
Ц категоријата овозможува управување со камиони и други тешки товарни возила, додека Д категоријата е потребна за управување со автобуси и други возила наменети за превоз на патници. За стекнување на овие категории вообичаено е потребно соодветно оспособување и полагање на засебни возачки испити. Ц и Д категориите станаа вредна стока на пазарот на трудот поради големиот недостиг од професионални возачи и добрите плати. Ваква дозвола може да значи додадена вештина во потрагата по работа во Македонија или Европа. Превозниците предупредуваат дека има потреба од илјадници дополнителни возачи, додека голем дел од искусните возачи заминуваат во странство или се пензионираат.
Во овој случај, според досегашните информации, дел од граѓаните наводно го прескокнувале целиот тој процес. Наместо часови, обука и полагање, за пари им се внесувала категоријата директно во возачката дозвола.
„Од страна на Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при МВР, известено е надлежното Основно јавно обвинителство и во координација со Обвинителството се преземаат соодветни активности за расчистување на случајот“, се вели во соопштението од МВР.
Како изгледала шемата ?
Сомнежите се однесуваат на тоа дека лицата пријавувале дека ја изгубиле возачката дозвола и барале издавање нов документ. При изработката на новата дозвола, во системот на МВР наводно им биле додавани категории што претходно ги немале. Така, лице кое поседувало само Б-категорија, која се однесува на дозвола за управување на автомобил, можело на новата возачка дозвола да добие и Ц или Д категорија, без претходно да покаже дека ги исполнува условите за нив.
Клучното прашање сега е колку вакви возачки дозволи се издадени и колку службеници биле вклучени во незаконското внесување на категориите. Дел од македонските медиуми објавија дека станува збор за повеќе од 300 дозволи, но оваа бројка засега не е официјално потврдена од МВР или Обвинителството.
Случајот отвора и сериозно прашање за безбедноста во сообраќајот. Ц и Д не се обични продолженија на Б-категоријата, тие даваат право на управување со камиони и автобуси, односно возила со многу поголема маса, димензии и одговорност.
Ако истрагата ги потврди сомнежите, тоа би значело дека човек можел да добие право да управува со камион или автобус без воопшто да го положи испитот за таа категорија. Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во интервју за ТВ Сител изјави дека не сака да споделува повеќе детали за овој предмет, заради тоа што станува збор за дејствија кои се предмет на оперативна обработка од Внатрешна контрола во МВР.
Во однос на шпкеулациите дека стабува збор за ист круг на службеници кои беа поврзани со аферите за незаконско издавање пасоши, министерот вели дека е убеден дека доколку имало построги казни, тоа не би се случило.
„Не би сакал да влегувам во детали во тој дел, но сигурен сум дека ако имаше построги затворски казни со одредени останати мерки коишто може да бидат изречени во рамки на правосилна пресуда спрема оние за коишто беше докажано дека дека злоупотребувале позиција во рамки на МВР, исто во управните служби, сега немаше така лесно да се дрзнат пак истото да го направат, сега не во делот на патни исправи, во делот на возачки дозволи, меѓутоа тоа е исто, заради тоа што имаме злоупотреба на службена положба… основани сомненија за злоупотреба или индикации за злоупотреба на службена положба или несовесно работење во служба во делот на фалсификување на исправи“, додаде Тошковски.
Опозициската Левица : Кој ги врати во МВР обвинетите за аферата со лажни пасоши?
Од Левица оценуваат дека случајот е особено сериозен поради можноста лица без соодветна обука и положен испит да добијат право да управуваат со камиони и автобуси. Партијата бара од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да одговори како функционирала шемата и посочува дека, според нивните информации, во случајот се појавуваат и лица претходно поврзувани со аферата со лажни пасоши. Левица бара да се утврди кој ги вратил во МВР, како повторно добиле службени овластувања и дали имале пристап до чувствителни полициски системи.
Од партијата бараат итна, целосна и независна истрага, која нема да се ограничи само на службениците што директно ги извршувале незаконските дејствија, туку ќе ја утврди и евентуалната одговорност на службени и политички лица кои овозможиле или прикривале злоупотреби. Дополнително, Левица бара проверка на претходни случаи на злоупотреба на системите за издавање лични документи и возачки дозволи, за да се утврди дали станува збор за изолиран случај или поширока практика.
(kolgium.mk)




