Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е последна мерка која треба да се користи за целите на финансово заздравување на Фондот за ПИО
ПАВЛЕ ГАЦОВ
Овие денови беше отворена темата за реформа на македонскиот пензиски систем. Повеќето учесници во неформалната јавна дискусија се согласуваат дека зборот „реформа“ е пресилен и дека всушност се работи за избор на оптимални опции во врска со можностите за подобрување на финансиската состојба на Фондот за ПИО.
Се чини дека и овојпат интересот на јавноста се измести главно кон можната пролонгација на старосната граница за остварување на правото на пензија, а се пропушта од вид дискусијата за предложениот сет на мерки за подобрување на финансиската кондиција на Фондот за ПИО. Почетно да се апстрахираме од старосната граница за пензионирање, но и од ендемската состојба поврзана со иселувањето на работоспособното население и големата невработеност меѓу младите кои останале во земјава, иако сите до една се поврзани со иднината на пензискиот систем во Македонија и да ја свртиме дискусијата кон финансиските алатки со кои може да се подобри актуелната состојба со дефицитот во Фондот за ПИО.
ПЕНЗИОНЕРИТЕ НА ПОВЕЌЕ НАЧИНИ НА ТОВАР НА АКТИВНИТЕ РАБОТНИЦИ Зошто е потребно да се намали квантумот на средства со кои Буџетот на РМ го поддржува финансирањето на Фондот за ПИО? Затоа што средствата што ги прибира Буџетот треба да се трошат за општи буџетски намени и да се избегне нелогичното двојно плаќање од страна на даночните обврзници за актуелните пензионери – еднаш преку платите и вторпат преку општото оданочување за делот што повторно завршува во Фондот за ПИО. Пренесените пари од Централниот буџет во Фондот за ПИО ги намалуваат капацитетот и финансиската сила на Буџетот и неговите можности за квалитетно финансирање на буџетските расходи. Имено, трансферот на половина милијарда евра од Централниот буџет кон пензискиот фонд за толку ја подјадува неговата финансиска сила и прави дубиози во финансирањето на останатите стандардни буџетски расходи… За ова толку, да се вратиме на актуелната финансиска состојба и иднината на Фондот за ПИО.
Состојбата на Фондот за ПИО може да се подобрува на два начина:
– со зголемување на приходите на фондот и/или
– со намалување на расходите на фондот.
Се разбира реалноста ќе наметне спроведување на микс од овие две главни насоки за подобрување на состојбата со Фондот.
ОД КАДЕСЕ ПРИХОДИТЕ? Во вкупните приходи што ги остварува Фондот, најголемо е учеството на основниот изворен приход – придонес за ПИО пресметан од бруто-платите на вработените, потоа следува трансферот на средства од Буџетот на РМ (дел кој е во постојан пораст и за 2017 година изнесува 35 604 милиони денари) и приходот од Агенцијата за вработување по основ на придонес за пензиско и инвалидско осигурување за невработени лица кои примаат паричен надоместок. Покрај овие средства, Фондот остварува приходи и од акцизи, од дивиденди, од продажба на акции и удели и од други приходи.
Вкупните приходи на Фондот за ПИО за 2016 година изнесуваат 61,6 милијарди денари (околу 1 милијарда евра) и се остварени од следниве извори на финансирање:
– изворни приходи во износ од 33 834 милиони денари или околу 550 милиони евра (придонес од плата, од бенефициран стаж, придонес од физички лица кои самостојно вршат дејност и вработените кај нив, придонес од индивидуални земјоделци и од Агенцијата за вработување),
– 26 600 милиони денари (околу 433 милиони евра) од Буџетот на РМ, дел за транзициски трошоци и за покривање на дефицитот,
– 1 121 милион денари од акцизи (9,18 % од акцизата на нафтените деривати),
– 110 милиони денари од други приходи (средства од други фондови за исплата на пензии, закупнина, надоместок на штета, од минат период, камати и др.) и
– 21 милион денари од дивиденда и од продажба на акции и удели.
РАСХОДИ Вкупните расходи на Фондот во 2016 година изнесуваат 61,5 милијарди денари.
Расходите се однесуваат за: исплата на пензиите, трансфер на средствата за приватните пензиски фондови, надоместок за телесно оштетување, надоместоци од инвалидското осигурување и интернатско сместување на деца инвалиди, придонес за здравствено осигурување на корисниците на пензија, други трошоци, капитални расходи, за купување и реконструкција на деловни објекти и надоместокот на Стручната служба на Фондот.
Расходите за исплата на пензии во 2016 година изнесуваат 48,2 милијарди денари, или 78,47 % во однос на вкупните расходи, од кои за редовните пензии 47,8 милијарди денари; за земјоделските пензии 30,9 милиони денари; за воените пензии 374 милиони денари. За придонесот за здравствено осигурување на корисниците на пензија во 2016 година се исплатени средства во износ од 6,3 милијарди денари или 10,3 % во однос на вкупните расходи.
Трансферот на средства за приватните пензиски фондови во 2016 година изнесуваат 6,3 милијарди денари.
Дефицитот во пензискиот систем во Македонија – разликата меѓу изворните приходи и вкупните расходи на Фондот за ПИО – има тренд на раст и во 2016 година достигна 43 % од вкупните расходи на Фондот, односно 4,5 % од БДП, а трансферите од Централниот буџет се зголемени за 1,8 пати за период од десет години – премногу за македонската слаба економија.
НАМАЛЕНАТА СТАПКА – ЗГОЛЕМЕНИ ПЕНЗИИ Не навлегувајќи во мотивите за преземените мерки, да констатираме дека во 2009 година стапката на придонесот за ПИО е намалена од 21,2 % на 19 %, а од 2010 година и натаму на 18 %. Се работи за 15 % намалување на стапката на придонесот за ПИО. Дополнително на страната на расходите, во периодот 2006 – 2016 година, пензиите беа зголемувани во неколку наврати и надвор од пропишаните законски рамки. Со ваквата поставеност, без оглед на останатите големини (бројот на вработените, висината на платите, економскиот раст и сл.), беа создадени услови на намалената стапка на пензиски придонес да ѝ се спротивстават повисоките пензии, што беше идеална формула за зголемување на дефицитот во финансирањето.
Каде да се бараат основите за решавањето на дефицитот?
Зголемување на приходите на Фондот за ПИО
Насоките со кои може да се изврши зголемување на приходите во Фондот за ПИО ако го исклучиме трансферот на средства од Буџетот на РМ се релативно едноставни и јасни. Во оваа група мерки влегуваат и оние најбезболните, зголемување на економската активност, зголемување на бројот на вработени лица и зголемувањето на бруто-платите.
Прва опција по споменатите логични макроекономски големини (кои засега не се остваруваат) е зголемување на придонесот за ПИО пресметан од бруто-платата за 1 до 3 процентни поени, односно враќање на состојбата пред 2009 година или некакви модификации. Втората можност е воведување нови извори за финансирање на Фондот на товар на различни партиципиенти. Дел од нив и на товар на работодавачите и на други партиципиенти, односно на товар на нови предмети на оданочување (акцизни стоки, цигари, горива, игри на среќа…).
ПОГЛЕД КОН ВТОРИОТ СТОЛБ Идеите за пренос на дел од приходите од приватните пензиски фондови во државниот пензиски фонд не претставуваат долгорочно решение. Имено, со пренос на ликвидноста (акумулирани средства или пак со намалување на дел од актуелната стапка на шестпроцентниот придонес што се трансферира во овие фондови) во Државниот пензиски фонд ќе се пренесат и обврските за исплата на пензии на идните „преобратени“ пензионери кои повторно ќе паднат на товар на Првиот пензиски фонд. Имено, со ваквото билансирање приходите ќе бидат еднакви на расходите на финансирање (на долг рок) што пак нема да значи финансиско заздравување на Фондот за ПИО на долг рок. Да не заборавиме дека сите реформи на пензискиот систем се одвиваат на долг рок пред сè поради потребата од одбегнување на финансискиот импакт на една засегната генерација, односно само на една страна од актерите.
Фондот за ПИО не смее да се оптоварува со нови обврски. Треба да се преиспитаат актуелните законски можности за покачување на пензиите со можност тие да бидат намалени, односно замрзнати. Да не се заборави и калкулирањето со заменската стапка од која зависи иницијалната висина на пензијата. Во изминатиов десетгодишен период, односот на висината на просечната плата и просечната пензија беше во корист на пензиите. Во овој контекст е потребно ревидирање и на бенифицираното заминување во пензија. Би ја нагласиле и опасноста од тоа најавената социјална пензија да биде пренесена на товар на Првиот пензиски фонд без соодветни извори за целосно нејзино покривање со нови извори на приходи. Сметаме дека се работи за форма на социјален надоместок кој не треба да се вклучува во пензискиот систем.
СТАРОСНА ГРАНИЦА Зголемувањето на старосната граница за пензионирање е последна мерка која треба да се користи за целите на финансиско заздравување на пензискиот систем во Македонија. Прва причина за ова е големата (педесетпроцентна) невработеност меѓу младите во Македонија и големата невработеност воопшто. Втората е пократкиот животен век на населението споредено со западните земји. Миграцијата на работоспособното население е дополнителен фактор за финансиската неизвесност на Фондот за ПИО. И на крајот, ризикот од зголемениот дефицит на Централниот буџет го зголемува и ризикот за зголемување на дефицитот во Фондот за ПИО.
Поради сите претходно наброени ризици не смее да се исклучи и опцијата за извесно зголемување на старосната граница за заминување во пензија. Се разбира ова може да се калкулира на среден, односно на долг рок со постепено мало зголемување на староста и со право на избор од страна на засегнатите.