ДЕНКО МАЛЕСКИ
Ќе попуштат ли Македонија и Бугарија пред притисокот на Франција и Америка?
Притисок во меѓународната политика е да принудиш држава да стори нешто што не би го сторила без тој притисок. Најчесто, и од разбирливи причини, притисокот доаѓа од помоќните држави кон послабите и е согласно интересита на големите. Во такви моменти, навидум нерешливи проблеми, се решаваат молскавично. Така станавме членка на ОН кога, заради мирот во Европа, интересот на големите сили беше да станеме дел од меѓународното општество на држави. Ниту еден домашен политичар не ја прифати референцата а сепак станавме членка токму со ПЈРМ.
Зголемената активност на големите сили во тие денови пред приемот, особено на Велика Британија која испрати и помлад министер на доверливи разговори во Скопје, се криеше од јавноста. Зошто? Па, нема политичар во светот кој сака да биде непопуларен а влез со референцата стана новото историско понижување прогласено од македонските националисти.
Дали денес е на повидок слична ситуација во спорот меѓу Македонија и Бугарија? Неинформирањето на јавноста на Македонија и на Бугарија за активностите на француското МНР и на советникот во кабинетот на претседателот Макрон ме тера да правам паралели со минатите искуства. Мора повторно да се во прашање непопуларни решенија за домашните политичари. Но, овој пат притисокот може да биде многу посилен. Зборувам за една ретко видена ситуација: координиран притисок на Франција и на Америка на Балканот, за почеток на пристапни преговори со РС Македонија и Албанија.
При посетата на претседателот Глигоров на Вашингтон, пред да се зачлениме во ОН, македонскиот претседател им вели на државниот секретар Лоренс Иглбергер и на советникот за национална безбедност генералот Брент Скокрофт да интервенираат за некое прашање кај Французите. Подобро не, вели Иглбергер. Знаете, може да ви наштетиме зашто што и да кажеме Фрација го прави обратното. Денес, зад завесите на меѓународната политика се одвива една невообичаена активност: заеднички напор меѓу Франција и Америка за почеток на пристапните преговори на ЕУ со Македонија и со Албанија.
Притисокот е нужен зашто, иако изјавите на политичарите на Македонија и на Бугарија се во прилог на решение и брз почеток на пристапните преговори, тие би биле посреќни да не ги прават непопуларните отстапки нужни за успешен компромис. Кои би биле тие отстапки?
За Бугарија тоа би било кревањето на ветото откога ги распалија националистичките чувства кај своите граѓани. За нашата држава, пак, компромисот би бил бугарските барања да станат дел од преговарачката рамка и, во наредната декада, да течат паралелно со пристапните преговори. Како и во 1993 за ПЈРМ, македонските полтичари навреме јавно се оградија од таквото решение. Дури, со помош на своите интелектуалци на универзитетите и во медиумите, го убедија народот дека најдобро за него е целиот проблем да се остави на страна и самите со свои сили да сме се европеизирале. Во интерес на националното достоинство, се разбира.
Но, ако Франција и Америка сериозно си ја сватиле работата, не гледам како во наредните недели Бугарија и Македонија ќе можат да одолеат на законот на политичката физика наречен притисок од две големи сили зад кој стојат нивните интереси. За каков интерес зборувам? За безбедносниот интерес на западниот сојуз сега, наспроти ноторниот факт дека сто години се малку за отпетлување на балканските историски јазли меѓу засегнатите страни. Наскоро ќе знаеме што се крие зад овој таинствен молк покриен со многу дипломатски фрази од типот: Нема француски предлог.