Пронаоѓањето и приведувањето на лица – извршители на потешки кривични дела беше поводот во септември 2020да иницирам оперативна акција, која ја насловивме „Бегалец“ и со која беа пронајдени и приведени вкупно 479 лица
Со платата за месец февруари, за првпат 1.008 колеги во МВР ќе земат надомест за домашно дежурство за месец јануари 2022, за што се обезбедени 1.400.000 денари, што е дел од новиот Колективен договор помеѓу Министерството за внатрешни работи и репрезентативниот Македонски полициски синдикат, вели во интервју за „Локално“, министерот за внатрешни работи на Република Северна Македонија, Оливер Спасовски.
За зголемување на безбедноста во сообраќајот, за намалување на жртвите во сообраќајот, намалување на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и со големи материјални штети, Министерот потенцира дека се прават сериозни и континуирани вонредни контроли.
– Онаму каде што е констатирано учество во сообраќај без комплетна потребна документација, против лицата и правните субјекти се покренати кривични постапки, а возилата кај кои на вонреден технички преглед е констатирана техничка неисправност или недоследност, веднаш се исклучени од сообраќај, вели Спасовски.
Минатиот месец беше сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, се поведоа ли некои постапки против нив и кои?
– Кон крајот на февруари беше сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, во која покрај наши државјани, учествувале и албански и косовски државјани, кои биле инволвирани во недозволена трговија и продажба на наркотични дроги, така што организирале транспорт на марихуана од Албанија преку Косово во нашата држава, со цел понатамошен транспорт за Турција, при што беа приведени 10 лица, а запленетите околу 40 килограми марихуана се со вредност од над 200.000 евра, а само една недела претходно во заедничка координирана акција на македонската полиција и обвинителство со органите на Белгија и Холандија беше сузбиена меѓународна криминална група за нелегална трговија со дрога, при што против две лица наши државјани е отворена истражна постапка, а истовремено во Белгија од слобода се лишени 11 лица, а во Холандија биле уапсени пет лица.
Ова само говори за добрата стратешка поставеност на министерството која донесе одлични резултати, а државата ја позициониравме како кредибилен фактор во борбата против недозволената трговија со наркотици. Впрочем, и 2021 година ја заокруживме со добри резултати во контекст на врвниот приоритет на ова раководство на МВР – сузбивање на недозволената трговија со дрога. Притоа, само во овој сегмент спречени се 20 канали за меѓународен транспорт, запленета е наркотична дрога во вкупна проценета вредност од 15 милиони евра, сузбиени десеттина организирани криминални групи, составени од 60 члена, од кои три се поликриминални, односно покрај шверц со дрога, инволвирани се и во недозволена трговија со оружје и во криумчарење на мигранти. Или, откриени се 702 кривични дела, а мерки на кривичен прогон се преземени против 833 сторители.
Резултатите од бескомпромисниот став на ова раководоство на МВР во сузбивањето на недозволена трговија со дрога се евидентни, и во смисла на откриени количини дрога и во смисла на вредноста на различните видови психотропни супстанци, а уште повеќе што во добар дел од случаите станува збор за сузбиени меѓународни транспорти и разбиени организирани групи кои се занимавале со недозволена трговија со дрога. За илустрација, за само два месеца запленети се 7 килограми хероин со вредност од речиси 300.000 евра, околу 1.2 тона психотропни супстанци за производство на амфетамин со вредност од околу 200 милиони евра, над 2 тона марихуана со вредност од над 4,5 милиони евра…
Покрај бројни пресечени меѓународни транспорти на дрога, кои други кривични дела се открие и сузбиени?
– Зголемување на откриените кривични дела имаме и за недозволената трговија со оружје, при што заплените со оружје, муниција и пиротехнички средства се зголемени повеќекратно, а за одбележување е што во рамките на откриените 177 кривични дела, за што кривично се пријавени 187 сторители, сузбиени се две поликриминални организирани криминални групи со 24 членови кои се занимавале со недозволена трговија со дрога и оружје. Притоа, запленети се вкупно 328 парчиња оружје, 39 сандаци со муниција и 22.322 куршуми, над 151.000 пиротехнички средства, откриени се и три импровизирани работилници за оружје, од кои една во Куманово и две на подрачје на СВР Скопје, а поради неовластена продажба на муниција, затворено е и едно стрелиште.
Што играше клучна улога за да започнете со оперативна акција „Бегалец“, за приведување и пронаѓање на криминалци барани со меѓународни и регионални потерници?
– Пронаоѓањето и приведувањето на лица – извршители на потешки кривични дела за кои беа распишани централни и меѓународни потерници за издржување казна затвор до десет години, а подолг период не беа достапни на органите за прогон беше поводот во септември 2020, по моето повторно враќање на чело на ресорот, да иницирам оперативна акција, која ја насловивме „Бегалец“ и со која само до средината на минатата година, по преземени интензивни мерки и активности, беа пронајдени и приведени вкупно 479 лица. Станува збор за лица за кои се распишувани локални, централни и меѓународни потерници: осудени со казна затвор, лица под истрага или со веќе определена мерка притвор, лица кои избегале од казнено-поправни установи. Но, активностите на полицијата за остварување на оваа стратешка цел продолжија со несмален интензитет во текот на целата 2021, но и во оваа година.
Колку лица беа пронајдени и лишени од слобода, барани со потерница?
– Само во текот на минатата година, најголемиот дел – 297 лица беа пронајдени и приведени на територијата на Скопје. Од страна на Оперативниот тим – потраги од слобода беа лишени 102 лица за издржување на вкупна казна затвор 269 години и 6 месеци и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во вкупно времетраење од 204 години и 11 месеци. Додека од страна на организационите единици во рамки на СВР Скопје, од слобода беа лишени 195 лица за издржување на вкупна казна затвор од 210 години и 9 месеци и за доиздржување на преостанатиот дел од казната затвор во траење од 22 години, 11 месеци и 27 дена. Во рамки на меѓународните потраги по лица, по распишани потерници од Северна Македонија, во странски држави пронајдени и лишени од слобода се 98 лица, а врз основа на распишани меѓународни потерници од страна на други држави, во Република Северна Македонија лишени од слобода се 51 лице.
Годинава, пак, од 1 јануари до средината на февруари, СВР Скопје и Оперативниот тим – Потраги, на подрачјето на главниот град лоцираа и приведоа 37 лица, кои биле барани со потерници, по различни основи: по наредби добиени од страна на Основен кривичен суд Скопје, Основно јавно обвинителство Скопје, Основно јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција Скопје, КПУ Затвор Идризово, КПУ Затвор Скопје и др.
И овие показатели говорат дека со одговорна и ефективна работа во континуитет ја продлабочуваме веќе зголемената доверба на граѓаните во полицијата. Си поставивме неколку стратешки цели и продолжуваме со мерки и активности кои се во насока на заштита на законитоста и на гарантирање на безбедноста на сите наши граѓани.
За разлика од минатите години нашата држава бележи и скок во борбата против корупција. На што се должи тоа и колку кривични дела се детектирани од страна на МВР?
-Скокот од 111. место на 87. место на нашата држава во последниот извештај за борба против корупција на Трансперенси интернешнл е резултат на цврстата определба за нулта толеранција кон корупцијата и ефикасната борба против овој тип на злоупотреби, во која како МВР бележиме одлични резултати во континуитет. Така во 2020 година беа откриени 97 кривични дела, за што кривично беа пријавени 161 сторител, за причинета материјална штета од околу 100,2 милиони денари, додека во 2021 година МВР продолжи со тој засилен тренд на детектирање и правно процесирање, при што беа откриени 157 кривични дела, што претставува зголемување на откривачката дејност за околу 62%. Во рамки на откриените случаи, кривично се пријавени 261 сторител, додека причинетата материјална штета е проценета во износ од над 149 милиони денари.
(цфелото интервју може да го прочитате на https://lokalno.mk/spasovski-borbata-protiv-koruptsijata-e-najsilnata-alatka-za-samoodbrana-na-drzhava-chin-na-vistinski-patriotizam/?fbclid=IwAR0zYDtG84tJyt0yRESW-HimytJGFlRYldg9aA-ZWblge7jJpXY1p7R-s9I