Омбудсманот меѓу специјалните надлежности и капацитетите беше повод за разговор за цивилната контрола врз полицијата
Во организација на НВО Инфоцентарот и Хелсиншкиот комитет за човекови права, во петокот во Скопје се одржа дебатата„„Омбудсманот меѓу специјалните надлежности и капацитетите: Надворешна граѓанска контрола врз работата на полицијата“.
Главниот фокус на дебатата беше улогата, надлежностите и капацитетите на Народниот правобранител, во воспоставувањето и функционирањето на надворешниот механизам за граѓанска контрола врз полицијата.
Во дискусијата учествуваа: Иџет Мемети, Народен правобранител; Оливер Спасовски, министер за внатрешни работи; Петар Јорданоски, Совет на Европа; Гордан Калајџиев, експерт и претседател на Хелсиншкиот комитет за човекови права и Горан Лазаров, Евротинк – Центар за европски стратегии. Дебатата ќе ја модерира Уранија Пировска, извршна директорка на Хелсиншкиот комитет за човекови права. Едновремено, Билјана Бејкова, извршна директорка на НВО Инфоцентарот ја промовираше публикацијата: „Граѓански мониторинг на Народниот правобранител“.
Настаните во Собранието од 27 април точно пред една година се показател за злоупотребата на Министерството за внатрешни работи во партиски цели. Тие немаше да се случат доколку постоеше независна контрола врз министерството, беше заклучено на дебатата.
Целта на реформите кои ги правиме во МВР, рече Спасовски, не е само да донесеме нови закони или измени и тоа да ни се брои како успех туку овие законски решенија да добијат практична примена, а начинот на кој ќе ги применуваме ќе ја одреди нашата успешност, рече министерот Оливер Спасовски во обраќањето на денешната дебата организирана од НВО Инфоцентар и Хелсиншкиот комитет за човекови права на Република Македонија во Скопје .
„Денес, токму на една година од крвавите настани во Собранието зборуваме за надворешната контрола над полицијата. Ако се потсетам на овој ден во 2017 година, а како еден од учесниците и една од метите на напаѓачите, имам на што да се потсетам. И од друга страна кога ќе погледнам наоколу и гледам за што денес дискутираме и во каква атмосфера, навистина се чувствувам задоволно“, рече министерот Спасовски.
Како една од жртвите на овој настан, рече Спасовски, не сакам да побудам сожалување или симпатии кај вас, туку сакам да ја испратам пораката дека граѓанското општество е многу битен сегмент во нашето општествено живеење.
„И можеби тој нема своја формална позиционираност во уставното уредување на нашата земја, но верувајте дека е суштински за контрола за тоа каде се движиме. Затоа дебатите мора да бидат аргументирани, неоптоварени со лична нетрпеливност, политички несогласувања или обиди за клиентелизам. Кога го започнав мојот трет мандат како министер за внатрешни работи, ама прв со целосни надлежности, се определивме за неколку клучни реформи: реформа на системот на следење на комуникациите, реформа на контролата на полицијата и внатрешни реформи и оспособување на капацитетите и опременоста на полицијата.
После една година, завршена е законската измена и усвоени се законите кои ја даваат правната рамка за дејствување на првите две реформи“, рече Спасовски.
Ќе се сложиме дека тоа е само почетокот, но е многу битна точка, рече Спасовски. Во законите ги дефинираме рамките и границите до каде може да се движиме.
„И во случајот со надворешниот механизам и во случајот со системот на следење на комуникациите ќе се сложиме дека дадовме поприлично либерални решенија кои, законски го вклучуваат граѓанското општество“, рече Спасовски.
Министерот Спасовски сподели и податоци за работата на Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди. „За периодот од јуни 2017 до 15 април 2018 година, поднесени се 31 кривични пријави против 33 сторители за вкупно 36 кривични дела. Тие се пријавени за „злоупотреба на службена положба и овластување“, „употреба на исправа со невистинита содржина“, „несовесно работење во службата“, „изнуда“, „уништување или прикривање на необработен архивски материјал“, „лажно пријавување кривично дело“, „насилство“ и „фалсификување исправа“. Загрозување со опасно орудие при тепачка или караница, Телесна повреда, Примање поткуп и Помагање во врска со измама. Ова се податоци само за поднесени пријави за кривични дела, а Одделот во периодот од 1 јули 2017 до 1 април 2018 иницирал поведување на дициплинска постапка против 291 вработен“, рече Спасовски.
Земајќи ги предвид сериозните забелешки на меѓународни, но и домашни организации, за постапувањето на полицијата и особено за инструментите за нејзина контрола започна проект кој имаше за цел зајакнување на овие капацитети, рече Спасовски.
„Како резултат на овој проект, за што сме исклучително благодарни, се воспоставува зајакнат систем на надворешен механизам кој ќе гарантира непристраност и објективност во оценувањето и контролата над работата на полицијата. Со новината која сега ја воведуваме се предвидува законска можност и обврска по прием на кривичната пријава или добиеното сознание дека работник на Министерството со статус на полициски службеник или овластено службено лице за безбедност и контраразузнавање со полициски овластувања сторил кривично дело при вршење на службено дејствие или дејствие вон службата со употреба на сериозна закана, сила или средства за присилба ако за последица настапила смрт, тешка телесна повреда, телесна повреда, противправно лишување од слобода, мачење и друго сурово, нечовечно или понижувачко постапување и казнување доколку со закон е предвидено кривично гонење по службена должност, Министерството без одлагање да го извести Одделението за истражување и гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција во Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција. Министерството заедно со известувањето, до Одделението ги доставува и сите извори на сознанија за стореното кривично дело, сторителот и жртвата и други извори на информации со кои располага.Во минатото најголемите пропусти, очигледно намерни, биле токму во структурите во МВР. И денес од позицијата министер, кога осознавам за поединечните методи на работа, имам впечаток дека во министерството постоела група на вработени, која била задолжена за бришење на траги и уништување на докази, секако по нарачка и по потреба. Како министер, а и раководството на министерството сме подготвени да бидеме предмет на контрола, објективна и добронамерна. И ова не го кажувам како популистичка мисла, туку како реална потреба. Многу работи ќе беа поинакви ако во минатото постоеше независна контрола над ова министерство, 27 април немаше да се случи ако сите говоревме гласно за неправдите. Но, да го оставиме минатото, да се фокусираме на денешниот и утрешниот ден. Почнуваме со имплементација на законите кои ги усвоивме, ја очекувам вашата гласност и добронамерна критика за нивна целосна имплементација“, рече министерот Спасовски.
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски инаку рече дека во минатото во МВР „постоела група која била задолжена за бришење на трагите. Група која била политички окупирана, пред се, од високо позиционирани функционери во министерството и затоа ни се случува да имаме случаи за кои не можеме да најдеме докази и да дојдеме до релевантни сознанија, бидејќи, доказите или ги нема или повеќе не се такви како во време на извршувањето на кривичното дело“.
Со измените на Законот за Народниот правобранител што беше донесен во Собранието во февруари годинава, надзорна контрола врз полицијата треба да ја има Омбудсманот, а во обвинителството и во судот да бидат формирани специјализирани одделенија за гонење на полициски службеници за незаконско работење и прекумерна употреба на сила.
Народниот правобранител Иџет Мемети истакна дека Омбудсманот и изминатите години активно водел истраги и собирал докази за незаконско постапување на полицијата, кои потоа биле доставувани до Обвинителството и МВР, каде се губеле во фиоките и по нив воопшто не било постапувано.
За разлика од министерот Спасовски, универзитетскиот професор и претседател на Хелсиншкиот комитет, Гордан Калајџиев вели дека не е избран најдобриот модел и изрази револт поради тоа што како што наведе моделот бил избран на затворен состанок во МВР, на идентичен начин како што тоа било сторено со моделот за следење на комуникации.