За велешанецот немаше пријава за исчезнато возило – вели министерот во интервјуто за Канал 5
Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Само интервју“ на Канал 5, одговарајќи на прашањето кога и на кој начин е дојдено до сознанија дека осомничените се извршителите на двете грозоморни убиства, пред сѐ истакна дека неоснованите и неаргументирани тврдења за текот на истрагата извршуваат уште еднаш убиство врз жртвите, потенцирајќи дека постапувањата и за двата случаи започнаа од моментот на пријавувањето.
„Се постапува врз основа на пријавите и тоа веднаш од моментот кога се пријавува. Не сакам шпекулациите да бидат на преден план. Бевте сведоци на шпекулации дека убиствата биле извршени од лица од една или друга етничка припадност, дека им е дозволено да избегаат во Косово, па дека се наоѓа девојчето во некоја џамија во Косово итн. Тоа беа најгнасните лаги и невистини, тоа беше нешто најдолно што може да се случува. Ова се тврдења кои што можат да ги направат само десни екстремистички групи кои што апсолутно не соодветствуваат со реалноста и сакаат да се предизвика некаква недоверба, страв итн., и покрај брзината и ефикасноста со која работеше полицијата. Прво, во однос на случајот со велешанецот, во однос на пријавата, мора да кажеме дека шпекулации се дека од 22-ри, па дека не се постапувало итн. Значи, пријавувањето на исчезнување на лицето е извршено на 24-ти вечерта и тоа за исчезнување на лице кое што живеело само, кое што фамилијата, семејството го бара и не го наоѓа и пријавува дека исчезнува лицето. Секако дека нема пријава во која што се вели дека е украдено моторно возило итн., туку исчезнато е лицето, а возилото не било тука, па се претпоставува дека лицето заминало со возилото некаде“, објасни Спасовски, посочувајќи дека од тој момент започнуваат и сите постапки во однос на истрагата во Велес, од страна на СВР Велес, а за случајот во Скопје, веднаш после првата пријава на телефонскиот број, се активираат сите механизми во однос на пронаоѓањето на девојчето.
Министерот за внатрешни работи во денешното „Само интервју“ на Канал 5 во делот на прашања за случајот со малолетната Вања, беше запрашан што ќе се случи доколку сега приведените соизвршители кои го признаа делото потоа се предомислат да тврдат дека признанието им е изнудено. Спасовски уште еднаш посочи дека сериозни истраги не се водат по медиуми и социјални мрежи и дека исказите коишто полицијата и јавното обвинителство ги имаат се дадени од страна на осомничените во полиција и пред јавен обвинител, соочени со доказите и врз основа на сѐ што е утврдено во истрагата.
Во однос на шпекулациите околу возилото искажани од страна на некои пратеници од опозициската партија според кои МВР знаело дека возилото е исчезнато уште од 22 ноември, Спасовски со контрааргумент – не може МВР да знае два дена пред воопшто да биде доставена пријава во СВР Велес. А таква пријава била доставена вечерта на 24.11.2023. Министерот потенцираше дека сите тврдења во јавноста од страна на луѓе коишто заради политички поени ќе газат и по мртви души се најмалку потребни во овој момент.
„Значи, пријавувањето е на 24-ти, вечерта, и оттука почнуваат потрагите во Велес, а во Скопје започнуваат во моментот кога е пријавен таков настан во Скопје. Не би сакал да навлегуваме во политиканство. Тие теории на заговор се исклучиво за политиканство и за ништо повеќе“, рече министерот Спасовски.
Од аспект на точната траекторија на возилото, министерот Спасовски потенцираше дека доказ и потврда ќе бидат камерите извадени од објекти и од системот „Сејф сити“.
„Јас знам дека сензацијата е, исто така, важна во вакви моменти и да – вадење на одредени камери од приватни објекти итн. – сето тоа е во рамките на таа сензација. Меѓутоа, тоа не е потврда и доказ. Доказот и потврдата ќе бидат 70-тината камери коишто се извадени, нивните записи, коишто се вештачат и се доставени и се доставуваат до Јавното обвинителство и над 50 снимки коишто се извадени од ‘Сејф сити’. Сето тоа кога ќе се изанализира, ќе се потврди и ќе се знае во детали секоја поединост во целиот овој случај, сите овие аспекти – времето, траекторијата – ќе се утврдат низ таа легална постапка“, дециден беше министерот Спасовски.
На крај министерот Спасовски уште еднаш потенцираше дека сите дилеми и прашања кои ги има јавноста целосно ќе бидат расчистени во истрагата и сите ќе бидат информирани во првиот момент кога тоа ќе биде можно, а на политичарите кои оваа грозоморно убиство го користат за политички поени уште еднаш им порача дека на криза и на мртви души, тие политички поени ќе бидат многу тешки.