Ѓорѓи Абаџиев беше еден од основачите и првите десет членови на Македонскиот литературен кружок (МЛК) во Софија, заедно со Никола Вапцаров, Антон Попов, Ангел Жаров, Тодор Јанев, Кирил Николов, Асен Ведров, Антон Великов, Иван Керезиев и Васил Александров. Подоцна стануваат членови Коле Неделковски и Венко Марковски
Донација од над 400 книги од приватната бибиотека на македонскиот писател Ѓорѓи Абаџиев, кој е по потекло од Дојран, е предадена на општинското основно училиште „Кочо Рацин“ во Нов Дојран, да послужи во образовната дејност на установата. Отстапувањето на личната библиотека на Ѓорги Абаџиев на градот Дојран е желба и чин на пиетет кон корените на овој плоден македонски деец кој е роден минатиот век во Дојран, (07.10.1910 година) од страна на семејството Абаџиеви, со цел да се означи дека величината на човековиот дострел не се мери со големината на местото на раѓање туку по делата создадени во текот на животот.
Донацијата е предадена и примена од страна на градоначалникот на општина Дојран Анго Ангов. Заблагодарувајќи се на семејството за овој чин на признание на градот во кој се раѓаат великани, како Ѓорѓи Абаџиев- македонски романописец и познатите дејци пред неговото време: Христофор Жефарович (непоз. – 1753), македонски зограф, хералдичар и еден од првите панслависти; Теодосиј Синаитски, (непознат датум на раѓање – 1843), македонски преродбеник; Христо Андонов Полјански (1927 – 1985), македонски историчар; Антон Панов (1905 – 1968), македонски писател и секако меѓу нив е и Абаџиев (починал во 1963), македонски романописец.
Градоначалникот Ангов најави посебен третман на донацијата од страна на општината.
– Оваа библиотека има историска вредност за нас, и освен достапноста за читателите значајно за нас е да се апострофира нејзиното потекло, а тоа е дека стоела во витрините на писателот Абаџиев Ѓорги кој е по потекло од Дојран, тој од нив читал, проучувал, добивал сознанија и инспирација за своите нови дела. Сакаме на оваа библиотека да и’ подготвиме посебна соба која ќе ја имениваме „Спомен соба и библиотека Ѓорѓи Абаџиев“. Во неа ќе има освен витрина за книжевните наслови, фотографии од писателот Абаџиев, лични предмети кои тој ги користел. На овој начин ќе му оддадеме должна но и долгогодишна почит на нашиот истакнат дојранчанец, кaко на ова генерација ученици, така и за годините понатаму“ – истакна градоначалникот Ангов.
Ангов го најави и свеченото отварање на спомен собата со библиотека за Абаџиев, во просторија од ООУ „Кочо Рацин“ во Нов Дојран, а тоа ќе биде на 1 септември 2021 со почетокот на новата учебна година 2021/2022. За богатството на поставката со експонати секако потребна е продолжување на соработката со семејството Абаџиеви.
Да потсетиме накусо дека писателот е познат и плоден македонски романсиер, новелист, публицист, историограф, писател на сценарија, кој со своето потекло од југот на Македонија е гордост за овој регион, особено за неговите секогаш сакани дојранчани.
Како член на прогресивната македонска имиграциска заедница во Бугарија, тој зема активна улога во тие организации, а истовремено е и член на Македонскиот литературен круг (1938-1942). По неговото враќање во Македонија (1948) беше еден од основачите и директор на Институтот за национална историја. Неговото дело се заснова на историски теми и е неизмерно значаен аспект на македонското литературно наследство („Изгрејсонце“, „Пустина“, „Крадци“ „Гнездо“, „Табакерата“, „Ножот“, „Десерт“, ). Абаџиев исто така даде значаен придонес во македонската кинематографија со пишување на сценариото за филмот Мис Стон.
Ѓорѓи Абаџиев беше еден од основачите и првите десет членови на Македонскиот литературен кружок (МЛК) во Софија, заедно со Никола Вапцаров, Антон Попов, Ангел Жаров, Тодор Јанев, Кирил Николов, Асен Ведров, Антон Великов, Иван Керезиев и Васил Александров. Подоцна стануваат членови Коле Неделковски и Венко Марковски.
Во основите на Статутот на Кружокот пишува:
Кружокот е самостојна (независна) група од македонски поети и писатели обединети во општа цел да работат на создавање на македонска уметничка литература. Како културна организација Кружокот стои настрана од секаква политичка дејност, но не и од секоја политичка идеологија. Политичките идејни основи, задолжителни за секој член, се тие на старата Гоцева организација.
За Дојран, неговото семејство ќе напише „Од Дојран, мојата татковина, дедовина, прадедовина…“
– Донацијата на личната библиотека на татко ми, писателот Абаџиев, ја спроведовме со семејството на моја иницијатива со цел да му се заблагодарам на градот во кој се родиле моите прадедовци, дедовци и баби, вклучително и татко ми. Дел од книгите се дар поединечно од секој член на семејството на татко ми – вели неговата ќерка Соња Абаџиева, инаку познат историчар на уметноста.
За овој познат и плоден дојранчанец историчарката Вера Васковиќ – Вангели има посебно мислење за неговата уметничка, литературн вредност во историското милиље на времето во кое живеел и творел напишано во делото „Балканските војни на Абаџиев“. Во критичкиот осврт за Абаџиев ќе напише:
„Ѓорѓи Абаџиев роден Дојранчанец, во едно преломно македонско време, само две години по Младотурската револуција, во 1910 година, ја доживеа судбината на делбите, македонската бежанија и емигрантството, за да се врати во слободениот дел на татковината во 1947 година. Со снажен интелектуален сенс и мудра одмереност, толку својствена за неговиот карактер, тој ќе го отпочне времето на своето живеење како книжевен творец, публицист и новинар во Софија и во Македонскиот литературен кружок, достоинството на македонската литература, во годините кога наци-фашизмот почна да маршира во Европа и жестоко се подготвуваше, за да го заокружи во Скопје…
Абаџиев имаше интимен допир со Балканските војни. И тие беа неговиот голем истражувачки предизвик…
И се случи за прв пат во европските балканолошки студии, еден македонски автор да и’ понуди на пошироката научна и општествена јавност научно дело за драмата на Македонија што и’ ја донесоа Балканските војни”, напиша Вангели.
Честитки за дојранчани за големината на децата кои ги родил топлиот југ, а тие со уште поголема топлина пренесена на наследниците му враќаат на градот со посвета и донација изнедрена од нивната благородна душа.
(Горан Тренчовски и сопругата имаат серија фотографии на Абаџиев излагани на Меѓународниот фестивал Астерфест во Струмица, каде што се доделува награда за сценарио “Ѓорѓи Абаџиев”).