ЗОРАН ЈОВАНОВСКИ
Подобро владеење на правото од нас имаат Словенија (26 место), Грција (36), Хрватска (42), Бугарија (54), а полошо рангирани се БиХ (60 место), Албанија (71) и Србија (78).
Како што веќе пишувавме минатата недела, независната непрофитна меѓународна организација наречена „Проект правдата во светот“ работи на унапредување на владеењето на правото ширум светот. Таа го изработува т.н. Индекс за владеење на правото со кој се рангираат 126 земји од светот според степенот на владеење на правото. Заради темелната и систематизирана методологија што се користи и анкетирањето на повеќе од 126 илјади семејства и 3.800 експерти, претставници на академската заедница и практичари, оваа ранг листа се смета за водечка при споредувањето на земјите во однос на владеењето на правото.
Каде се наоѓа нашата земја на оваа ранг листа, според рангирањето за 2019 година? Набљудувано збирно, земјава е на 56 место. Подобро владеење на правото од нас имаат Словенија (26 место), Грција (36), Хрватска (42), Бугарија (54), а полошо рангирани се БиХ (60 место), Албанија (71) и Србија (78).
Како што пишувавме и претходно, рангирањето на секоја земја е резултат на оценка на 8 т.н. фактори и 44 елементи во рамки на тие фактори. Факторите се: ограничувања на моќта на владата, отсуство на корупција, отвореност на владата, фундаментални права, ред и безбедност, примена на регулативата, правда во граѓанските спорови, правда во предметите за криминал. Земјава е најдобро рангирана (32 место) кај факторот „ред и безбедност“. Тој опфаќа елементи како што се: мерки за спречување на убиства, вооружени грабежи, киднапирање, заштита од вооружени конфликти и тероризам, и сл. Инстинктивно, ми изгледа точна оваа перцепција дека кај овој сегмент, релативно гледано, владеењето на правото во нашава земја најмногу функционира.
Следната најдобра позиција е кај факторот „правда во граѓанските спорови“ (веќе на 52 место). Она што е истакнато како попозитивно се пристапот до граѓанските судови, можноста инволвираните страни да си дозволат адвокат без неразумни трошоци, релативното отсуство на дискриминација според социјалниот статус, полот, религијата, етничката припадност, сексуалната ориентација, итн., како и релативно ефективното извршување на судските одлуки на граѓанските судови.
Следи рангирањето на група фактори според кои сме во средината. Трето најдобро место ни е според факторот „правда во предметите за криминал“ (56 место), „фундаментални права“ (60 место), „отсуство на корупција“ (62 место), „отвореност на владата“ (68 место).
На крајот се и двата фактори кај кои рангирањето на земјава е послабо одошто кај другите фактори. Според „примената на регулативата“ сме на 77 место. Кај овој фактор најслабо стоиме кај мерењето дали има недозволено влијание, на пример поткуп при издавање на дозволи и лиценци, како и кај оценката за тоа дали се респектира правната постапка кај административните предмети што се однесуваат на животната средина, даноците и работните односи.
Конечно, најлошото рангирање земјава го има кај факторот „ограничиување на моќта на државата“ (87 место). Во деталното оценување на елементите на овој фактор, најслаби се оценките кај тоа дали се санкционира недозволено однесување на претставници на властите и дали судството е независно и има моќ во пракса ефективно да ја ограничува моќта на властите.
Наместо заклучок, ќе биде интересно да се види какво ќе биде рангирањето што ќе се објави во 2020 година.