Министерката Јаневска како опозиционерка бараше ургентно зголемување на платите во просветата, сега бара одложување од осум месеци!
Според пратеничката на СДСМ, Даниела Николова, во април 2022 година актуелната министерка Весна Јаневска, тогаш опозиционерка, велела дека е потребно власта да изнајде пари бидејќи за наставниците станува збор, а сега зборува сосема друго
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, го повторија ставот дека претходната влада предводена од СДСМ го оставила буџетот без пари и го планирала само за половина година
Опозицискиот СДСМ викендов повторно ги повика Владата и министерката за образование и наука Весна Јаневска да ги покачат платите на наставниците за 12 отсто во септември бидејќи, како што велат, станува збор за обврска.
„Во септември 2022 и 2023 година СДСМ ги покачи платите во образованието на двапати по 15 проценти. Претходно, во септември 2021 година, покачувањето беше од 10 проценти, а во септември 2019 и 2020 година по 5 проценти. Дојде ДПМНЕ на власт, дојде септември и сега нема пари за наставниците. Нема квалитетно образование без инвестиција во образовниот кадар. Но не се само платите. ДПМНЕ не сака да ја намали ниту непотребната административна работа која се бара од наставниците“, рече Николова.
Таа рече и дека власта нема слух за потребата од вклученост на наставниците и стручните служби од училиштата во процесите на донесување реформи и образовни политики и оти просветните работници не сакаат да бидат потценети, девалвирани и уценети, пренатрупани со технички активности кои ги одвлекуваат од суштината на воспитно-образовниот процес.
Претходно министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека наставниците нема да добијат покачување на платите за 12 отсто сега во септември, но најави дека зголемување ќе има во март следната година.