АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Како што рече универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчковски, а во врска во со новата серија изјави на тандемот Ципрас-Коѕијас: „ароганција“ е да се умножуваат „црвените линии“ на Грција кои бараат не само додавки за името, туку и мал милион други работи, од што следува дека едната страна во тој спор има да исполнува барања на другата, посилна страна и, згора на тоа, под закрила на силните на денот кои се само на зборови правдољубиви и демократи, а на дело, верни служители на слепата и сурова сила кога ќе оценат дека е тоа исплатливо; кога околностите им одат „во прилог.“
Дека долгогодишниот, за многу добронамерни луѓе од Европа и светот тешко разбирлив, неразуман спор со Грција околу името е „целосно асиметричен“ (како што напиша неодамна универзитетскиот професор Денко Малевски), тоа е видливо, јасно како бел ден и за лаик, а камо ли за еден учен човек од форматот на Малеси со богато политичко искуство.
Дека во таа „асиметрија“ која боде очи на свој начин учествуваат и клучните политички играчи како САД и ЕУ со простиот факт што застануват (сакале или не) на странта на посилниот кога упорно инсистираат на “дијалог“, на „преговори“ или на “разумен компромис“ (Хорхе Паљурски) во еден „ целосно асиметричен спор“, во кој, зад проѕирниот превез на “формално-правната еднаквост“, се крие нивната “фактичка нееднаквост“ е, исто така, видливо со голо око и за ноторен лаик, а камо ли за упатен човек во политичката теорија и практика на нашиот современ свет.
Ако сето тоа е толку јасно и недвосмислено, ако изјавите на луѓе од високата политика на ЕУ со „неподнослива леснина“ (Кундера) унисоно и упорно потсетуваат дека влезот на РМ Македонија во „евроатланските интеграции“ води преку отстапки за Атина кои, какви и да се, не можат да не удрат, болно и бездушно, по душата и достоинствота на многу послабата страна во долгогодишен, „асиметричен спор“, бездруго треба да се прашаме: дали, големите играчки на светската политчки сцена имаат, во вакви и слични околности, полна уста правда и демократија кои служат само за тоа некако да ја ублажи колку-толку суровата неправда на слепата сила кон која неретко и самите прибегнуваат?
Или, каки што неодамна рече филозофот Ферид Мухиќ (тој го повтори само својот познат став од времето кога му беше советник на претседателот Бранко Црвенковски), пратеник во сегашниот состав на македонскиот парламент: брутална и срамна „уцена“ е да се условува влезот на мала, слаба и безопасна земја како Македонија, на пример, во евро-атлантските интеграции со решение на спор околу името со Грција, еден по многу нешта (и по сите мерила!) ирационален спор за кој нема, а ниту пак може да има рационални решенија.
Или, како што рече универзитетскиот професор Љубомир Д. Фрчковски, а во врска во со новата серија изјави на тандемот Ципрас-Коѕијас: „ароганција“ е да се умножуваат „црвените линии“ на Грција кои бараат не само додавки за името, туку и мал милион други работи, од што следува дека едната страна во тој спор има да исполнува барања на другата, посилна страна и, згора на тоа, под закрила на силните на денот кои се само на зборови правдољубиви и демократи, а на дело, верни служители на слепата и сурова сила кога ќе оценат дека е тоа исплатливо; кога околностите им одат „во прилог.“
Тука треба да се потсети уште: двајца од тие тројца учени луѓе (Малесаки и Фрчковски) се бескрајно далеку од помисла дека Македонија и Македонците треба да кренат раце од тој долгогодишен, “наметнат“ (Н. Груевски) спор, во кој послабата страна мора да голтне некои жаби но не и посилната (Грција). На свој начин и Мухиќ, ако не експлицитно, тогаш имлицитно е на страната на спомнатите двајца затоа што „остава простор“ да се најде решение за тој спор кое, како што реков веќе, не може да биде рационално затоа што неговите премиси се ирационални.
Ако се далеку од таква помисла, тогаш треба да се прашаме: дали, сите тројца кога, од една страна, зборуваат за „целосна асиметрија“, за “ароганција“ или за “уцена“, а од друга не се изјаснуваат за прекин на преговори во кој победник може да биде само посилниот (Грција), не се обидуваат да најдат некоја пресечна точка меѓу силата и правдата каква што нема затоа што не може ни да – има? Дека не бранат, сите тројца, некој неодбранлив, гнил компромис? Компромис меѓу гласот на здравиот разум (логика) и гласот на надмоќната волја (порив) која, како што се знае уште од времето на Шопенхауер, се служи со тој разум како со мижуркав “фенер“ што и осветлува пат по кој тргнала во мрачна, студена ноќ?
Добар одговор на тоа прашање може да се најде во книгата “Новото светско безредие“ (Le nouveau désordre mondial, 2003) од Цветан Тодоров која зборува за односот сила и правда уште од времето на Жан Жак-Русо (18 век). Според авторот на таа книга, филозофот на „Социјалниот договор“ ја изложил, во своите славни “Персиски писма“, на системтска критика верата на енциклопедистите во силата на разумот кој би можел да и стави узда на каприциозната волја. Ќе се повикам на детали од таа книга. Можат да помогнат подобро да се разбере зошто тројца учени луѓе кај нас, длабоко свеси за „асиметричен спор“, за „уцена“ и „ароганција“ се исто толку свесни дека до решение мора (и треба!) да дојде. Макар и по солена цена што ќе ја плаќа и плати само една од двете страни. Послабата!