АТАНАС ВАНГЕЛОВ
Тешко може да се разбере како и зошто, толку многу учени луѓе со толку звучни тутули си дозволиле да потпшуваат отворено писмо до власта со упадливи логички дупки за кои не треба никаков телескоп, а не треба затоа што се видливи со голо око
Не сум многу сигурен дека би се осмелил сите оние двесте потписници на „Отвореното писмо“ (бара повеќе гласно одошто јасно „веднаш“ да се прекинат преговорите со соседна Грција) да ги наречам „срамна сурија“, како што го стори тоа универзитетскиот професор Љубомир Фрчковски. Не сум сигурен ни дека би се осмелил да го наречам „пачавра писание“ нивното Писмо, како што го стори тоа ликовниот историчар Златко Теодосиевски затоа што, според еден закон на генералната семантика, актантот „писател“ или „пишувач“ се изведува од актот пишува или потпишува писмо. Или, „пачавра-писание“ може да напише и објави само некој пачавра-пишувач со пачавра-карактер.
Тоа писмо содржи неколку зјапнати логички црни дупки кои, секоја посебно и сите заедно, со сласт го голтаат, како од шега, клучното барање да се прекинат преговорите со соседна Грција. Тешко може да се разбере како и зошто, толку многу учени луѓе со толку звучни тутули си дозволиле да потпшуваат отворено писмо до власта со упадливи логички дупки за кои не треба никаков телескоп, а не треба затоа што се видливи со голо око. При овој повод ќе укажам на само на една од нив. Имам две важни причини за тоа.
Првата причина е: авторите на Писмото (по случај или по намера, сега е неважно; исходот е ист) се наполно согласни со сè што, во детали, објаснува книгата “Новото светско безредие“ од Цветан Тодоров, а пак таа учена книга на “првиот апостол на хуманизмот“ во нашиот модерен свет стрпливо објаснува дека улогата и употрбата на сила во решавањето политички спорови (меѓу земји и народи во нашиот сегашен свет) е многу почеста, многу пообична и многу поомилена отколку што сме подготвени да сфатиме и да прифатиме.
Согласно со таа мачна вистина од која вртиме глава како што вртиме од секоја мачнина (Der Angst, angustiae, „тескоба“ во речникот на писателот Коле Чашуле), многу угледни и звучни меѓународни правни инстанци, меѓу кои и ООН, во чија надлежност е решавањето на спорот со Грците, служат само за тоа да ја оправдаат употребата на слепата силата во модерниот свет. Зошто? Затоа што правото и правдата се бавна и мачна работа. Затоа што неретко правдата им забранова на сите пет постојани членки (големи сили) на Советот за безбедност при ООН да го прават тоа што им го заповеда нивниот гол интрес. Затоа што и во ООН едни се многу повеќе, а други многи помалку „еднакви“.
Втората причена е од лична природа. Јас имам „чувствен“ (Конески) однос кон некои од тие потписници, а тоа значи: мојот однос кон некои од нив е многу повеќе под власта на моето „сака“ (порив, волја), а многу помалку под власта на моето „знае“ (разум, логика). Се разбира, јас добро знам дека и најлошата, сурова вистина е подобра од која било слатка илузија или заблуда. Верувам во уката и науката на бесмртниот Аристотел кој вели дека вистината му е помила од неговиот омилен учител Платон. Иако тоа не може да помине без горчина во душата која убива. Кратко речено,. и мојот однос кон некои од тие потписници е ирационален како и нашиот спор за името со Грците.
Ако јас не сум во состојба да осудам некои од потписниците на Отворено писмо: остро, беспоштедно и вехементно како Фрчковски и Теодосиевски само затоа што така ми заповеда моето „сака“ (порив, волја); затоа што таа волја не само во мојот конкретен случај туку и кај секој жив човек (значи и кај Фрчковски и Теодосиевски) секогаш победува кога излегува на мегдан со својот антагонист разумот (ratio), може ли да биде поинаку меѓу народите кои се, нели, составени од единки/индивидуи? Иако не само затоа, слободно може да се рече дека и затоа спорот за името со Грција е неразумен, ирационален, еден спор кој „никој не го разбира освен Атина и Скопје“, како што рече германскиот министер Михаил Рот при посетатата на нашиот премиер Заев на Германија. Но и додаде веднаш дека сега било времето конечно да се реши тој спор.
Ете, ми остана уште толку место во овој напис само да ја наведам таа логичка црна дупка од Отвореното писмо на двестемина интелектуалци кои бараат, јасно и громогласно, прекин на преговорите со Грција и, на тој начин, сакале или не, застануваат под маоистичко-болшвичкиот бајрак на кој, со златни букви, париските студенти-бунтовници во 1968 ја извезоа паролата „Да бидеме реални, го бараме неможното: Soyons réel, nous démandons l’irréel!“
Се работи за втората точка од Отвореното писмо во која се вели дека ООН „флагрантно“ ја прекршила својата Повелба кога ја примала РМ во своите редови; дека и „наметнала“ уште и некои „дополнителни“ услови кои биле „нелегални“ итн. Сетоа тоа е така.. Очигледно е дека се работи за употреба на сила во една правна инстанца како ООН. Затоа што силата крши и прекршува; затоа што силата е таа што наметнува; затоа што, конечно, тоа што се прави со сила може да се спречи, да се скроти и да се смири само со поголема сила од неа, како што неодамна напиша Денко Налевски во еден свој напис на таа тема. Сила која ја немаме, како што признаваат и потписниците на „Отвореното писмо“.
Бидејќи тие работи им се исто толку јасни на сите (до еден!) потписници на тоа „Отворено писмо“, јас сум наполно уверен дека нивното барање е под деспотската власт на нивнотото „сака“ (волја, порив). Ако не повеќе, тогаш колку и мојот „чувствен“ однос кон некои од тие потписници (академик Ратко Јанев, на пример). Значи, барањето е ираципоналено, надвор од власта на раумот. Сосем како и мојот „чувствен“ однос кон некои од тие потписници. Сосем како и спорот за името со Грција, кој „никој не го разбира.“ (Михаил Рот).