ЕМИЛИЈА ЦЕЛАКОСКА
Кај нас, електоралниот модел базиран на Донтовиот метод и не би морал да е толку одличен – оти излезноста е секогаш лоша. Всушност, негласањето и гласањето со неважечки ливчиња во моделот е прилично ирационална постапка, со оглед што негласачите би ја формирале всушност најголемата „партија“, но не се партија, за нивна жал
Прилично правилно се смета дека нашиот модел на гласање е скоро пропорционален – процентот на гласови отприлика одговара на соодветните бројки на пратенички места од разни партии. Во сите парламентарни избори, изборната комисија (би требало да) има готов калкулатор од Донтовиот метод и никој не се замара со начинот на којшто моделот ја обезбедува таа доволно добра пропорционалност. (Victor D’Hondt бил белгиски адвокат и математичар, кој го развил алгоритмот во 1880-тите за потребите на парламентарните избори во Белгија). Се разбира, не може никогаш да се очекува вистинска пропорционалност главно заради тоа што во пропорциите излегуваат децимали, дропки, а пратениците не можеме да ги дробиме (колку и да го пожелуваме тоа – да се насмееме малку на нивна сметка). Заради тоа методот има и една многу малечка вродена маана – не е добар за мали бројки од гласачи (од ред на десетици или стотици), бидејќи може да доведе и до нијанси на пререпрезентирање на сметка на друга опција, на која, во споредба со процентот гласови ѝ е одземено некое место.
Алгоритмот е ваков: Се почнува со доделување на еден пратеник на партијата со најмногу гласови Х и веднаш, нејзиниот број на гласови се дели со со 2. Ова „2“ понатаму ќе биде 3, па 4, па 5 итн., односно колку пратенички места добила до тој момент во доделувањето, плус 1. Потоа, пак се споредува бројот на гласови на сите останати партии и Х/2. Ако некоја друга партија има најголем број, на пример У, тогаш таа добива едно пратеничко место и се става У/2. Отприлика како „едно мене, едно тебе“, по ред. Еднократно, формулата за секоја партија е:
број N на пратеници = број V на гласови /(број s на веќе доделени пратеници +1), каде што „број на веќе доделени пратеници“ е тековна бројка во процедурата до конечниот број пратеници и започнува од 0. N=V/(s+1) накратко, при што s и N растат додека да се „истроши“ циклусот до бараната вкупна бројка од пратенички места.
Еве едно мало примерче од Мариана Фрајбергер во Plus Magazine (кој сака и табеларен приказ, има). Партиите А, Б и В треба да распределат 5 места по Донтовиот модел и за нив гласаат 60 луѓе, со избор на само една партија на ливчето. Да речеме, гласале:
за А: 20, за Б: 15, а за В: 25.
Во проценти тоа е А: 33.33%, Б: 25%, В:41.66%. Според точна пропорционалност, А би добила 1.66 пратеници, Б би добила 1.25 пратеници, а В, 2.083 пратеници. Донтовиот модел ги спасува пратениците да не бидат дробни или децимални, па веднаш доделува 1 пратеник на В (s=1 за В) и го дели почетниот број гласови за В со 2=s+1=1+1.
Сега се А со 20, Б со 15, В со 12.5.
Сега А има најмногу, па А добива 1 пратеник (s=1 за А) и бројот на гласови за А се дели со 2=1+1. Затоа сега е
А со 10, Б со 15, В со 12.5.
Јасно, сега и Б ќе добие 1 пратеник (s=1 за Б) оти 15 е најголемата бројка сега. Потоа и 15 се дели со 2=1+1. Така ќе остане
А со 10, Б со 7.5, В со 12.5.
Досега 3 места се пополнија и секоја од партиите А, Б, и В има по 1 пратеник. Значи сега, В е на ред да добие оти 12.5 > 10 > 7.5. Сега В има 2 пратеника и затоа, 25 (првичниот број гласови за В) сега се дели со 3=2+1. Затоа ќе имаме
А со 10, Б со 7.5 и В со 25/3 (8.33 ќе сметаме).
А има најмногу според ова, па петтиот пратеник оди за А. Значи, А добила 2 пратеника, Б добила 1 пратеник и В добила 2 пратеника. Ова значи дека А добила 40% од местата, Б добила 20% и В добила 40%. Но ако споредиме со бројот на гласови, А со 33.33% гласови добила 40% од местата, Б со 25% гласови добила 20% од местата и В со 41.66% гласови добила 40% од местата. Така, А некако добила повеќе од пропорционалното на штета на Б, кој добил помалку од пропорционалното, а В е скоро во ред. Секако, со поголем број на избирачи, ваквите разлики се испеглуваат.
Во светот се користат мал број од познатите методи на гласање (поточно за определување на пратенички места зависно од соодветниот број на гласови) и тие се малиот број на методи кои што задоволуваат најголем број услови од многу познатиот парадокс на Кенет Ароу (Keneth Arrow, американски економист, математичар, писател и политички теоретичар, добитник на Нобелова меморијална награда за економски науки). Овој парадокс е всушност теорема, правило од системите за одлучување – во нашиов случај систем за репрезентирање на граѓани, кое вели дека не може да се најде електорален систем кој го задоволува максимумот од сите фер критериуми. Едноставно, секој електорален метод, еден или повеќе критериуми на Ароу – просто нема можности да ги почитува. Државата може само да бира од најмалку нефер методите, кој најмалку ѝ пречи – тој да го усвои.
Парадоксот, во суштина, кажува дека ниеден народ не може да е перфектно верно репрезентиран со помала група луѓе, па макар биле тие и бројка споредлива со народот. Донтовиот модел е усвоен претежно во европските земји (без или со варијанти како праг на доволен број гласови како што имавме и тука пред околу 25 години), па и во Европскиот парламент. После 2009 г. таму има интересно дополнување за минимум бројка на пратеници (на пример 6), затоа што Донтовиот метод дава и 0 како број на пратеници кога бројот на гласови е мал. Тоа е во корист на малите земји, додека зема конкретен максимум (на пример, 96) за оние со многу гласови, односно на штета на големите земји. Овие граници со соодветните корист/штета, се земени како фер-дополнување на Донтовиот модел, во смисла на демократска избалансираност – малите да не се изгубат сосем од големите, а големите да не се пресилни кон помалите.
Така, светот навистина се труди максимално да го репрезентира своето население – економисти, правници и математичари се мачат со тешки теореми како парадоксот на Ароу за да се утврди конзистентноста и репрезентативноста на секој електорален модел, до најфина можност. Кај нас, електоралниот модел базиран на Донтовиот метод и не би морал да е толку одличен – оти излезноста е секогаш лоша. Всушност, негласањето и гласањето со неважечки ливчиња во моделот е прилично ирационална постапка, со оглед што негласачите би ја формирале всушност најголемата „партија“, но не се партија, за нивна жал.
Некако како да се замислува, можеби не сосем свесно, дека ако не се гласа, тогаш ќе фалат пратеници да се пополнат сите 120 места! Не е така, туку, едноставно, нерепрезентативно ќе се пополнат, а дека се можни тие работи до казнивост, веќе видовме во режимот. Само да ја видиме таа фантазија, како би изгледала на примерчето од Фрајбергер, кога, на пример, се вкупно 100 луѓе кои имаат право на глас, но гласаат само 60 од тие 100. Ако се проследи слична процедура со А: 20, Б: 15, В: 25 и Г: 40, колку и места да треба да се пополнат, негласачите за Г би пополниле најмногу. Но ги нема! Затоа, нивните места ги земаат А, Б и В. Така, наместо за 5 места резулатот да биде 1,1,1,2 од 4 партии, од кои 2 се за Г, бидејќи за Г не гласаат, т.е. ги нема – би биле само 2,1,2 за А, Б, В соодветно, како кај Фрајбергер. Односно, на сметка на тие што не гласале, партиите А и В „лапнале“ по едно место. А негласачот си сонувал дека некако магично им одзел 2 места! Реалноста е дека им додал 2 места. Значи, негласањето е ирационално и апсурдно.
Најдобар пример за погрешноста на негласањето е обидот за претставување убав „резултат“ со пропагандата после референдумот: Врз основа на поголема неизлезност се тврдеше дека се гласало повеќе „против“ отколку „за“. Што беше пропагандата нон-стоп – милион и двесте илјади граѓани биле „против“ членство во ЕУ и НАТО со прифаќање на Преспанскиот договор, само затоа што не излегле. Тоа е, едноставно, неточно и манипулативно, а самото неизлегување се виде дека беше сама спротивност, и од нормално, и од тактичко гласање преку манипулацијата на повик за негласање. Се знае во кои граници се движи вообичаената излезност. Настрана од тоа, јасно е дека треба да има точна бројка на гласачи како и точна бројка на жители, но за избирачкиот список некако имаме впечаток дека е „надуен“ (и немаме впечаток дека се средува, до каде е таа работа?), а за вториот „не се отвараше врата“, да се сетиме.
Ако Донтовиот и сличните модели малку влечат накај бипартитност, а тоа е уште малку понагласено со поделба на изборни единици, дополнително медумската индустрија и партиската пропаганда го засилуваат тоа до неподнослив тон. Согледувањата за сите што се божемно неутрални или божемно интелектуални, како и оние кои се „вистински Македонци“ („вистинскоста“ е трагичен фалш на едно општество) се наоѓаат во „Вистински Шкот“ од овој јануари и уште повеќе се актуелни сега.
Еве, да земеме дека неизлезноста е факт, можеби и карактеристика на ова општество, со оглед на образложението „немам ЗА кого да гласам“, додека, пак, на ливчињата се заокружува само една опција. Значи, не се пречкртуваат тие што не ги сакаме. Во „Вистински Шкот“ сметам дека немањето „ЗА“-опција, како и определеноста „ПРОТИВ“ можат да се изразат со тактичко гласање (strategic voting), кое се случува токму заради таква мисла – да се превенира непожелен исход. Во нашите услови тоа дури и не е манипулирање на системот како што теориски се смета, бидејќи не се манипулира преференца, со оглед на тоа дека најголемата „партија“ е од негласачи, без преференца. Меѓутоа има и повеќе во тоа. Она што негласачите го замислуваат е всушност бодовен или рангирачки систем, кој во реалноста (Донтовиот метод) воопшто не е тоа. Всушност, Алан Гибард (професор Емеритус по филозофија на Универзитетот во Мичиген, Ен Арбор, од класата на Џон Раулс), за самиот процес на гласање при рангирачки електорален систем, има покажано дека: или се јавува „диктатор“ кој наметнува резултат, или процесот ги лимитира можните исходи на само две опции, или процесот е отворен за тактичко гласање. Нам во главите (и во медиумите) виртуелно ни се случуваат токму овие карактеристики на системот, кои немаат врска со реалноста. Додека првите две опции на Гибард се граѓански неприфатливи, и во реалноста на Донтовиот модел, и во негласачкиот реалм каде што се замислува рангирање, третата карактеристика на Гибардовата теорема – тактичкото гласање, не може да пренесе манипулативен ефект од имагинацијата на негласачкото тело – во Донтовиот модел. Излегува дека, да се излезе и да се гласа ЗА нешто спротивно од неприфатливото се преточува во доста добра репрезентативност. Понатаму тоа би требало да повлече нешто подобро општествено функционирање и барем потсимнување на мејнстрим медиумите од тронот на постојаното политичко коментирање, бидејќи најголемата манипулација за да се оствари неизлезност изгледа како да е медиумско дело, без оглед на евентуално добрите намери.
*На фотографијата на гласачкото ливче на насловната креатива на колумната е Виктор Донт (Victor D’Hondt), белгиски адвокат и математичар, кој го развил алгоритмот Донтовиот изборен метод во 1880 година за потребите на парламентарните избори во Белгија.
(racin.mk)