Како овој Украиец со руско потекло, баран од САД добил македонски пасош? Дали нашиот пасош доби прекар „златен“
Директорот на Агенцијата за национална безбедност в среда, 16 ноември, пред Комисијата за надзор на работата на АНБ треба да објасни како Александр Онишченко ги поминал безбедносните проверки
Директорот на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Виктор Димовски е повикан за тој ден на седница на Комисијата за надзор на работата на АНБ да објасни како Украинецот, Александр Онишченко ги поминал безбедносните проверки и добил македонско државјанство.
Претседателот на Комисијата, пратеникот Љупчо Пренџов вели дека свикал итна седница со само една точка на дневен ред: „Улогата на АНБ во безбедносната проверка на лицето Александр Онишченко при давањето на позитивно мислење за добивање македонско државјанство”.
„Или со други зборови, директорот Димовски да ни објасни како е можно секој втор белосветски хохштаплер и криминалец да има македонски пасош и државјанство“, вели Пренџов во објава на социјалните мрежи.
Седницата е закажана за 16 ноември, во 12 часот.
Случајот беше обелоденет во петокот. Порталот Призма објави дека Владата на крајот на мај годинава му дала македонско државјанство на украинскиот политичар Александр Онишченко, кој е на листата на санкции на САД.
Како го поминал филтерот на македонските институции?
Премиерот Димитар Ковачевски, одговарајќи на новинарско прашања. рече дека сите релевантни институции дале позитивно мислење за давање македонско државјанство на Украинецот Онишченко.
„При издавањето на тоа државјанство биле прибавени сите позитивни мислења од сите релевантни институции согласно со процедурата. Врз основа на тие позитивни мислења Владата донела одлука да додели државјанство“, вели премиерот. Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, четири институции дале позитивно мислење да му се даде државјанство на Онишченко.
„Владата има дискрециско право да даде или да одбие државјанство на кој било, којшто аплицирал во овој дел. Сите проверки кои што се од сите четири институции се позитивни“, рече Спасовски. Позитивно мислење за добивање државјанство во конкретниов случај дале Агенцијата за национална безбедност, Македонскиот олимписки комитет и Агенцијата за млади и спорт.
Иницијативата да му се даде македонско државјанство на 53-годишниот Украинец, кој има и руски пасош, дошла од Федерацијата за коњички спортови, со што успеал да стане ‘македонски репрезентативец во коњички скокови’.
Оничшенко станал пратеник во Украина во 2012 година, како дел од „Партијата на регионите“ на поранешниот проруски претседател Виктор Јанукович. По промената на власта во 2014 година, тој станува бизнис-партнер со новиот претседател Петро Порошенко сѐ до 2016 година, кога украинската Антикорупциска комисија отвора предмет против него. Како заменик-претседател на Комисијата за енергенси на Врховната рада, е осомничен дека направил шема за користење на државните средства за набавка на гас во која биле инволвирани голем број лица.
Осомничен е дека преку државната компанија за производство и дистрибуција на гас „Нафтогаз“ бил оштетен буџетот за над 100 милиони евра. Тогаш украинското собрание му го одзема пратеничкиот имунитет, а Онишченко му станува најголем непријател на Порошенко.
Онишченко избегал, прво во Велика Британија, а потоа во Шпанија, од каде што требало да биде екстрадиран во Украина. Од Шпанија заминал во Германија, но тие одлучиле да не го екстрадираат. Германскиот суд ја укинува потерницата по него и тој е ослободен, меѓутоа Украина сѐ уште го бара. Во јануари 2021 година, САД воведуваат санкции против него поради тоа што е „член на руската мрежа за влијание врз американските претседателски избори што се одржаа во 2020 година“.
„Златните пасоши“ кои ги издаваат некои од земјите во Европа и на Балканот земји во замена за инвестиции се најдоа повторно на пик по војната на Украина и санкциите коишто се воведоа за Русија. По бројните опомени на Европската Унија – Кипар, Бугарија и Малта ја замрзнаа шемата за богатите инвеститори од Русија и Белорусија. Но, се уште постојат стравувања дека постојат можни дупки за злоупотреби. Германскиот весник Шпигел неодамна ги изрази своите стравувања дека во неколку земји на ЕУ, Русите повторно би можеле да станат тамошни граѓани за пари. Иако ваквата пракса за добивање на златни пасоши престана поради војната во Украина, според информациите на Шпигел се уште има начини за мамење. Како една од земјите која што нуди можност за пасош во замена за инвестиции се посочува и Северна Македонија, а слична пракса има и во Црна Гора која ги натурализира странците за инвестиција од 250.000 евра и исплата на уште 200.000 евра.
„Европската комисија на состанок на советот пред Велигден известила дека стотици државјанства на Русите им биле доделени во островски држави како Вануату и балканските земји како Црна Гора. Со овие пасоши, кои вообичаено се купуваат за големи суми, оние коишто ги поседуваат можат да влезат во Европската Унија без виза. Комисијата наведува дека слични програми продолжуваат во Црна Гора, Северна Македонија и Молдавија и по нападот врз Украина“, наведува Шпигел.
Во Европската Унија, сите држави засега ја суспендираа руската шема. Кипар дури им го одзел државјанството на четири лица кои се на списокот со санкции на ЕУ.
Праксата за издавање на „златни пасоши“ во Северна Македонија не е новина и функционира со години наназад. Ваквата можност е уредена со член 11 од Законот за државјанството на Северна Македонија, кој предвидува странец кој наполнил 18 години живот може со природување да стекне државјанство ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или други национален интерес. Владата со уредба ги има утврдено критериумите за стекнување на ВИП државјанство.
„Во периодот од 2005 година до 03.05.2022 македонско државјанство добиле 119 лица од економски интерес“, велат од МВР за Дојче веле. Одбиени се десетици барања. Последното решение за стекнување на државјанство од економски интерес е донесено на 20.12.2021 година, два месеци пред руската инвазија на Украина и санкциите коишто следеа.
Над 370 странски државјани изминативе години се стекнале со ВИП пасош на заслужни граѓани по различни основи по член 11 од Законот за државјанство. Согласно Законот за заштита на личните податоци, надлежните институции не објавуваат детални податоци за лицата кои се стекнале со македонско државјанство. Но, во јавноста во минатото како најконтроверни случаи беа посочувани имињата на индискиот бизнисмен Субрата Рој и неговите синови, кои во 2013 година од страна на поранешниот премиер Никола Груевски беа најавени како големи инвеститор на Охридското крајбрежје. Летото 2013 година, постариот син на Субрата – Сееманто Рој се одомаќини, добивајќи македонско државјанство, а неколку месеци подоцна „златен пасош“ доби и неговиот брат Сушанто. Но, Субрата Рој краток период потоа беше уапсен и осуден во Индија поради злоупотреби. Најавите за инвестиции пропаднаа, но семејството Субрата се уште во својот џеб ги има македонските патни исправи.
Но, во изминативе години покрај бројни странски инвеститори, ВИП документи во земјата добија и бројни спортисти, кои играа за репрезентацијата под македонско знаме, постигнувајќи значајни успеси на европските првенства во фудбал, кошарка, ракомет, ватерполо и бокс. Најголемиот дел од нив се од Србија, Црна Гора, Босна и Хрватска, но натурализирани Македонци станаа и познати Бразилци, Американци, Русинки, Украински, Шпанци…
Во медиумите изминатите години ‘протекоа’ имињата на американскиот кошаркар Лестер Бо Мекејлеб, ракометарките Андријана Будимир и Индира Кастратовиќ, Оксана Маслова, Виктор Фридман, Оливеира, Кенион Џонс, Маркиз Грин, Сергеј Турченко…И познатиот хрватски актер, Раде Шербеџија, стана Македонец во 2014 година, со што се најде на листата меѓу стотици други на листата на заслужни странци кои во изминативе дваесетина години добиле македонско државјанство.
На списокот на 250 „одбрани“, кој што беше потпишан од поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, можеа да се забележат и имиња на познати странски хирурзи, дипломати, новинари, глумци, балетани и други јавни личности, на кои државата во изминативе години им издала македонски пасош и државјанство.
(DW)