БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Не верувам сепак дека оваа партија-ВМРО-ДПМНЕ, со ваквите и многуте претходни и идни потези си го рони сопствениот рејтинг. Народот одамна веќе не е на штрек- не стравува од идните влади, затоа што после онаа на Груевски, секоја нивна понуда не е никакво изненадување, ниту олеснување, ниту удар во стомакот
Новите влади даваат некои нови чувства, скокотливи, раздрагани сепак. На непробојност, сила, надеж, возвишеност. И падови. Особено, падови.
Што да се прави со оваа нова, техничка, Пржинска влада, каде се почетоците и зошто ги нема краевите. Каде да се гледа излезот, ако првичниот влез на ВМРО-ДПМНЕ беше самоубиствен удар во кој се завршува со поткршена глава после ѕвекот како во бетонски ѕид.
Понудата на воено лице за МВР ја расцепи таа, само навидум тврда, бесна глава, која од кога ја знаеме, не отстапува од плановите и нас да нè одвлечка во најдлабокото и потоа со тап удар да се реши агонијата ако сме претеле.
Не верувам сепак дека оваа партија-ВМРО-ДПМНЕ, со ваквите и многуте претходни и идни потези си го рони сопствениот рејтинг. Народот одамна веќе не е на штрек- не стравува од идните влади, затоа што после онаа на Груевски, секоја нивна понуда не е никакво изненадување, ниту олеснување, ниту удар во стомакот.
Никој повеќе ниту планира да се измачува повеќе од неопходното. Се туркаат деновите во кои пече и шкрипи воздухот, конечно сите сме во истите печки загушени и заробени.
Можеби се бројат последните часови за нечие заминување од државава, некој друг ги вади партиските книшки од времето на груевизмот и ги гланца- зошто би се тревожеле кој е следниот избор овие клиенти подадени со сето тело, со пружени раце кон сите власти.
Во последниот филм на корејскиот режисер Бонг Јоон-Хо, “Паразит”, една реченица можеби е доволна за да се разбере историјата на светот- “Тие се фини луѓе затоа што се богати. И ние би биле фини, кога би биле така богати”. Остануваме сега сурови, затоа што немаме каде и зошто да бидеме поинакви. Имаме право да го шутнеме првото куче што ќе ни го попречи патот, затоа што милоста доаѓа со лагодноста на животот, веселоста не може без студениот поглед упатен кон оние кои се принудени да бидат ужасни и зли.
Токму затоа и сега се вадат сите тие партиски книшки залепени од мувлата и обраснати со пајажина. Времето на избори значи време на борба- за да се нареди војската од клиенти, добро истренирана од времето на груевизмот, размачкана со сите бои, затоа што само тоа е нејзината идеологија.
Затоа и има смисол оваа нова Влада, во која влезе и ВМРО. Време е да се сетиме и да ја повторуваме уцената на сиромашните, особено оние кои остануваат сиромаси, дури и откако ќе се стекнат со некакви пари. Тоа е таа уцена за која говориме- за да не бидат сурови, потребни им се фините манири на оние кои ги претвораат во свои клиенти.
Само така преживува едно општество, но и созрева- сè додека не се сруши, откако нема да може да ги глода до бескрај коските на оние кои останале сурови и покрај сè.