БИЛЈАНА СЕКУЛОВСКА
Само таква правна држава за која говориме сега може да не доведе и да не одведе најпрвин, во НАТО, а подоцна во ЕУ. Правдата во овој случај не беше слепа. Точно знаеше што прави. Слепи бевме ние, што ништо не видовме од самиот почеток.
Најпрвин, најважно, во случајот со домашниот притвор на Сашо Мијалков и Орце Камчев.
Подоцна, и во домашиот притвор на Миле Јанакиески и Кирил Божиновски исто така. И кој сè не друг.
И Цветан Панделески, или како веќе се вика, и што е тоа сега важно. Нека биде и тој дел од шоуто.
И амнестијата на Крсто Мукоски, на Елизабета Канчевска. И на кој сè не. Сите се еднакво важни за оваа приказна. Која имаше прекрасен почеток, се додека не дојде навестувањето за расплет.
Само таква правна држава за која говориме сега може да не доведе и да не одведе најпрвин, во НАТО, а подоцна во ЕУ. Правдата во овој случај не беше слепа. Точно знаеше што прави. Слепи бевме ние, што ништо не видовме од самиот почеток.
Се подигнаа рацете за да се гласа за подобра иднина, а таа, дами и господа, мора да има жртви. Не Мијалков, не Камчев, не останатите под истрага, обвинети, во ќелии.
За таква правда, која само навидум изгледа како неправда, гинат народи. Ако треба и се егзекутираат, не во физичка смисла, се разбира. Има поусовршени операции- им се прави лоботомија. Им се отстранува еден дел од мозокот, оној кој очекува некаква правдина, но не космичка, не судбинска, не од Бога дадена.
Таквите народи, оние кои марширале, оние кои протестирале, со месеци, година, две, се нарекувале Шарена револуција, имале некакви идеали, верба, надеж, сон. Претходно очајувале цела деценија, или го кревале гласот и покрај тоа што биле казнувани, таквите народи не смеат да памтат. Ниту да знаат, ниту да судат, ниту да го распарчат гласот кога ги боли таквата правда.
Сè е тоа патетична музика за оние кои слушаат поинакви ноти. Во име на повисоките цели, поголемата слика, иднината која претстои- да се изгласаат уставни промени, да следуваат членства, НАТО, преговори, ЕУ, се во еден фин, педантен, филигрански ред.
Само неразумни народи, луѓе, битија, не се свесни дека жртвата се принесува кога е најкревка. И несвесна дека таа е жртва.
Денес им честитаме на сите што ни покажаа како изгледа правдата. Да се надеваме дека Заев знае што прави, затоа што овој момент не изгледа за никого добро. Она што е сигурно е дека приказната тука не завршува, затоа што ова е далеку од крај.