БИЉАНА СЕКУЛОВСКА
Најмногу ќе бевме среќни и ќе умревме со насмевка на лицето што пред се зловолието нѐ води во животот, злобата, лошотијата, тоа прекрасно чувство да се умира мразејќи секого и сешто, макар се струполиле, макар животот ни зависел од нечија подадена рака
Сите се сложуваме со острите критичари за тоа дека Заев најави бесплатни патарини за српските граѓани, во знак за благодарноста кон оваа земја што ни подари вакцини, кога ни беа најпотребни. Тогаш, кога воопшто немавме вакцини во државава, а беа неопходни, алармантно суштествени.
Најпрво со нив се вакцинираа здравствените работници, а потоа следуваа полицијата и војската, без чија борба беше невозможен ниту еден наш следен здив.
Србија ни помогна додека ние седевме затворени дома, во удопството на лудилото, дишевме со полна плуќа, додека здравствените работници се бореа за секој од нас, како да им е последно.
За секој живот тие го даваа сопствениот, затворени во скафандери, балсамирани, вклештени во агонијата, тие знаеја само едно – дека тука се само заради нас.
Толку многу уморни, што не можеа ниту глас да испуштат, ниту буква да проговорат, но се бореа за секое наше вдишување на воздух, па потоа стравуваа што ќе значи следното испуштање, па повторно одеа со новата борба за повторно вдишување, и полека, за да не оди пребрзо, ниту предолго, борбата продолжуваше за ново испуштање, полека, нежно.
Единствената нивна борба беше само таа која вредеше за нив – да не дојде до последното кркорење, до последниот шепот за милост.
Затоа, ќе се сложиме – имаат право сите оние кои се бесни, лути, со доволна доза на хистерија- да не се фрлаат милионите за патарини, да не се искажува благодарност на српските граѓани, што ги спасија нашите здравствени работници. Без нив, медицинарите, секако дека ќе бевме одамна мртви, упокоени и спокојни што ако сме преживеале во иднина, немало да биде потребна никаква благодарност за никого. Ниту за медицинските лица, ниту за оние кои ќе им дадат вакцини, да ги спасат нив, за да не спасат всушност нас.
Најмногу ќе бевме среќни и ќе умревме со насмевка на лицето што пред се зловолието нѐ води во животот, злобата, лошотијата, тоа прекрасно чувство да се умира мразејќи секого и сешто, макар се струполиле, макар животот ни зависел од нечија подадена рака.
Да се поддржиме затоа, спремни да изумревме сите, да останеше оваа земја едно пусто, небесно парче, каде ќе шетаат злите дуси, самозадоволни и сити од лошотијата која е единствената нивна храна, секако духовна, водечка сила во овој нималку нежен свет. Шепурејќи се што засеале доволно зла крв, што дури и жртвата да се испушти душа е подоброто решение, отколку да се каже благодарам. Едно наједноставно, човечко благодарам, така тешко да се изговори, особено кога е најтешко, кога можеби борбата е токму таа- да не биде последниот збор пред да се замине од овој подол, суров, неблагодарен свет.